Првите номинации на Доналд Трамп јасно ја издаваат намерата на новата администрација да поведе војна против федералната бирократија, додека во исто време, ни ги навестува и целите на глобалниот трампизам.
Сепак, првата и основа цел на новоизбраниот претседател е дисциплинирањето на таканаречената „Длабока држава“, како централен пакт со неговите избирачи и предуслов за следните чекори во меѓународната политика. Тоа што е интересно е што новата влада на Трамп сепак нема да биде целосно огледало на неговиот лик и имиџ. Трамп и во војна со апаратите, не може да функционира без луѓе блиски до апаратите, како што ни потврдува изборот на Марко Рубио за државен секретар на САД и Мајк Волц за советник за национална безбедност, двете клучни фигури во надворешната политика.
Уште од номинацијата на Џ.Д. Венс за негов потпретседател и можен наследник на „МАГА“ движењето, Трамп покажа дека за разлика од првиот мандат, денеска ужива далеку поголема автономија во избирањето на соработниците. Така, ако не изненадува отфрлањето на Ники Хејли, заобиколувањето на Мајк Помпео има сосема друга тежина. Се испраќа порака до републиканските јастреби дека Трамп не сака нужно да влезе во отворен конфликт со Кина. Целта на Трамп не е да ја „порази“ Комунистичката партија на Кина, туку преку царини да ја принуди на трговски договор кој е во корист на Америка, без особени стратешки намери.
Секако, Рубио и Волц иако не се челични трамписти и повеќе спаѓаат под „неокон“ категоријата, се двајца конгресмени кои се истакнаа како мошне воинствено настроени кон Кина.
Во идеите на Мистер „Т“, веројатно еден од најголемите внатрешни непријатели е Пентагон. Транзицискиот тим на Доналд Трамп подготвува листа на воени офицери кои ќе бидат отпуштени по неговото враќање во Белата куќа, што би можело да ги вклучи и шефовите на генералштабот. За овој план се дозна само ден откако Трамп го избра Пит Хегсет за нов министер за одбрана. Водителот на „Фокс њуз“ и воен ветеран најави дека ќе спроведе чистка во Пентагон и дека ќе ја ослободи американската војска од генералите кои беа обвинувани дека водат прогресивна и левичарска политика. Останува нејасно дали тој ќе биде потврден од Сенатот поради недостиг на искуство за ваква функција.
Самиот Хегсет инаку објави книга, „The War on Warriors", токму на темата како владата да се соочи политизацијата на старешините. Но, Пентагонот е една од најбројните и најкомплицирани бирократии на светот, тежок залак и за најдобрите светски менаџери. Идејата дека Пентагон може да се среди само со чистки, најверојатно лошо ќе заврши по тој што ќе се нафати со метлата.
Конфликт на интереси
Но, војната против системот, Државата и апаратите оди многу подлабоку. Илон Маск и Вивек Рамасвами ќе ја добијат задачата да го водат Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ), ако позицијата воопшто се институционализира и не остане невладина служба. Технолошкиот магнат Маск, најбогатиот човек во светот, и претприемачот во фармацевстката индустрија Рамасвами, ќе ја водат оваа група во тесна координација со Трамп и владата, за да се исполнат ветувањата на кампањата на Трамп да му даде на Маск да ги надгледува и крати владините трошоци. Двајцата имаат рок до 2 јули 2026 година да извршат реорганизација на федералните бирократски управи, работeјќи во соработка со Канцеларијата за менаџмент и буџет. Една од идеите на ова пеколно дуо е дека треба да се затвори ФБИ, а 1,5 милиони државни службеници да бидат отпуштени. Целта е преку овие инструменти да се изврши освета врз непријателите на Трамп и Маск и да обезбедат колку што е можно помалку бирократски контроли над нивните бизнис или државни проекти.
Проблемот за Маск или „The First Buddy" е што јавна функција би значело да ги открие своите средства и да ги довери на „blind trust“, додека во исто време би имал сериозен конфликт на интереси, затоа што би требало да надгледува агенции кои веќе имаат правни случаи или ги истражуваат неговите фирми.
Темата имиграција
Уште една тема е клучна во внатрешните и меѓународните логики на глобалниот трампизам предводен од Мистер „Т“ и Мистер „Икс“, а тоа е борбата против имиграцијата. Станува збор за амбициозен план на револуционерното движење на Трамп на темата имиграција, каде преку „борбата против нелегалноста“ и намерата да се депортираат 11 милиони мигранти без легален статус и благодарение на безбедносните служби и војската, целта е да се обезбеди „заштита“ за средната класа, особено за оние кои што живееат во деградираните и осиромашени делови од земјата, каде инаку највеќе гласови добиваат токму Демократите.
За Трамп депортацијата на имигрантите е еден од првите и фундаменталните чекори во насока на трансформирање на федералната власт. За таа цел Трамп објави дека Том Хоман ќе служи како „граничен цар“ на Белата куќа кој ќе ја надгледува безбедноста и спроведувањето на политиката на имиграција. Хоман, непопустливиот поддржувач на масовната депоратација, човекот кој во првиот мандат на Трамп се залагаше за одвојување на семејствата на граница и на децата од нивните родители, ќе биде поддржан и од екстремнодесничарскиот бел националист и поранешен главен советник за имиграција на Трамп, Стивен Милер. Целта на обајцата е десеткратно да го надминат планот на Ајзенхауер кој во педесетите години од минатиот век, преку Операцијата „Wetbacks“, депортираше во Мексико преку 1,5 милиони имигранти.
Сега интересно е дека Трамп во фузија со идеите на Маск, како стратегија која се роди против Харис, има за цел тотална војна со државните апарати, но и длабока трансформација на стратешките сектори како што се технологијата, енергетиката, вселената и функционирањето на Владата и бирократијата. Маск отиде и чекор понатаму од стриктно внатрешните прашања на Америка, кога пред некој ден си дозволи да се вмеша во внатрешната политика на Италија, на тема имиграција и околу одлуката на судиите дека имигрантите не смее да се носат во центрите во Албанија, за што ќе напише: „Овие судии треба да си заминат“.
Вмешувањето на Маск беше смислено и посакувано, со цел да се наметне во италијанското општество и политика и да и даде поддршка на премиерката Мелони, на речиси ист начин како што го поддржуваше и Трамп за време на кампањата. Но, вмешувањето на Маск ни кажува и нешто друго, дека на многу теми, а особено на полето на имиграцијата новата американска администрација на Трамп ќе ги одредува и насочува своите сојузништва и пријателства, ќе одлучува со кого да се судира, а со кого да се среќава. Мелони како пријателка на Маск, но и политички суверенист, го премолчи вмешувањето на Маск во италијанскиот суверенитет, нешто што само италијанскиот претседател Матарела, јавно го искритикува и посочи како несоодветно.
Со други зборови, перманентната револуција на трампизмот, како еден нов вид на троцкизам, нема да се ограничи на Америка, туку ќе сака да се наметне како природна платформа за конвергентна политичка акција со сите можни партнери низ светот кои го прегрнуваат трампизмот. Од Милеи во Аргентина, канадските конзервативци Пјер Полиевре и Мелиса Лантсман, Ле Пен во Франција, Фараж во Британија, преку германската ЦДУ на Фридрих Мерц, Унгарија на Орбан или Србија на Вучиќ, се очекува на глобалното движење на Трамп и Маск да се приклучат и додадат бројни нови и стари фигури, вклучувајќи ја токму и Џорџа Мелони како претставник на медитеранското крило.
Сѐ тоа со цел да му се помогне на Трамп да ја трансформира Америка и да покрене радикални промени во светот, промени кои веќе тропаат на нашата врата.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.