Муцунски: Го почитуваме Преспанскиот договор
19 јули 2024Новата влада на ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека Бугарите можат да станат дел од Уставот само откако Македонија ќе ги заврши преговорите за членство во ЕУ. Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски во интервју за ТВ „Канал5“ во четвртокот рече дека на тој начин владата сака да се осигура дека Бугарија нема да поставува дополнителни билатерални услови на патот кон ЕУ.
„(...) Може да се вметнат Бугарите како етничност во нашиот Устав, заедно со Хрватите, Црногорците..., но тоа да има одложена примена, до пред да се ратификуваат протоколите за членство на земјата во ЕУ. Тоа е за да имаме гаранција дека во тој период ќе бидеме оценувани единствено по објективни и мерливи критериуми", изјави Муцунски.
Министерот е загрижен дека Бугарија би можела да стави ново вето, доколку уставните измени се усвојат веднаш.
„Како тоа ќе изгледа за легитимитетот на ЕУ дома, пред нашите граѓани, и како ќе изгледа за легитимитетот за процесот на европска интеграција во целиот регион, каде што и така паѓа довербата кон Унијата. (...) Подготвени сме да прифатиме уставни измени, со одложна примена, така обезбедувајќи гаранција за нас како држава, дека нема да има дополнителни нови условувања од Бугарија на билатерална основа", вели Муцунски. Владата смета, додава министерот, дека ваквиот став на Владата „не излегува надвор од Преговарачката рамка."
„Го почитуваме Преспанскиот договор“
Во однос на Преспанскиот договор и постојаните забелешки од Грција поради неупотребата на уставното име од страна на државните претставници, Муцунски вели дека владата јасно кажала дека „договорите мора да се почитуваат“.
„Свесни сме, апсолутно сме свесни дека уставното име на државата е Република Северна Македонија, но истовремено да не заборавиме дека во самиот договор има членови коишто регулираат како може да се користат термините „Македонија“ и „македонски“ и притоа тие термини да имаат различно значење кога се применуваат од едната и од другата страна", вели Муцунски. Оценка на владата, вели министерот, е дека Преспанскиот договор се почитува од македонска страна, а доколку Грција не мисли така, „има механизми коишто има право да ги активира“, или да побара разговори.