Избори за ЕП: Во Германија првпат ќе гласаат и 16-годишници
7 јуни 2024Во Германија, за првпат на европски избори, ќе можат да гласаат младите на возраст од 16 години. Предизвикот на кампањата за изборите е да се погоди точно вистинскиот нерв на младите.
Делара Буркхарт се заинтересирала за политика на 15-годишна возраст додека одела на училиште. Таа сакала да ѝ биде дозволено да гласа уште тогаш. Во 2019 година, на 26-годишна возраст, таа стана најмладата германска пратеничка што влезе во Европскиот парламент, а сега по вторпат е на сојузната листа на СПД за европските избори.
„Изборите за лица на возраст од 16 години се важен чекор во компензирањето на демографската неповолност и зголемувањето на важноста на гласот на младите луѓе на политичко ниво. Имаме општество што старее, но перспективите на младите луѓе премногу ретко се слушаат во политичка дебата“, вели Буркхарт за ДВ.
Според податоците на Евростат, Германија во 2022 година беше четврта во Европа со просечна возраст на населението од 45,8 години. Само Италија, Португалија и Грција имаат постаро население. Секако, тоа има последици за тоа како и за кого се прави политика. Во најновото истражување на Фондацијата Водафон, тројца од четворица млади луѓе на возраст меѓу 14 и 24 години не се задоволни од тоа како нивните интереси биле земени предвид од страна на политиката.
Младите се чувствуваат невидливо
Инфлацијата, војната во Украина и на Блискиот Исток, немањето станови, кои освен тоа се и прескапи, како и климатските промени и натаму се прашањата што се најгорливи за младите. Како портпаролка за еколошката политика на европратениците на СПД, Буркхарт првенствено води кампања за поголема заштита на климата и постојано ги информира своите следбеници на ТикТок, Инстаграм и X.
„Младите често се изненадени кога ќе им кажам за мојата работа во Брисел. Тие потоа велат: 'Не знаев дека ЕУ се грижи за ова' или 'Вие навистина се грижите за тоа што мислиме'. Тие често имаат чувство дека сè уште се невидливи за политичарите“, вели таа за ДВ.
Неодамна, нагласува Буркхарт, била во посета на стручно училиште и кога прашала: „Што мислите, каква врска има политиката со вашето секојдневие?“, за одговор не се јавил ниту еден ученик. Европратеничката од СПД неуморно работи на објаснување на сложеноста на Европската унија со што е можно поразбирлив јазик. Во своите постови од Брисел и Стразбур не користи политички жаргон, нуди ексклузивен увид зад сцената, слики од сред Европскиот парламент. Сепак, некои политичари сѐ уште немаат сфатено дека младите првенствено добиваат информации преку социјалните мрежи.
„Во последните пет години, јас бев една од ретките колеги кои многу интензивно ги користеа социјалните мрежи. Но, забележувам и дека многу луѓе навистина ги активираат своите канали само за време на предизборната кампања. На тој начин не се гради заедница, не се зголемува досегот. Во тој дел предолго е правено премалку од страна на партиите.“
Дали Германија е „нецелосна демократија“?
Од професорот Херман Хојснер може најдобро да се дознае што не успеале партиите во последните децении кога станува збор за грижите на младите. Експертот по уставно право и поранешен судија во Уставниот суд е човек кој цели 30 години води кампања за намалување на старосната граница за гласање.
Гласноговорникот за младите гласачи во Германија за ДВ објаснува: „Демократијата значи дека секој треба да може да гласа. А тоа не е случај, затоа што на оние помлади од 18 години не им е дозволено да гласаат. Секој што не гласа не се брои. Ако не можете да гласате, вие не се земени предвид. Во тој поглед, ние сме само нецелосна демократија“.
Во меѓувреме 16-годишниците може да гласаат во вкупно шест покраини: во Хамбург, Бремен, Шлезвиг Холштајн, Мекленбург Предна Померанија, Баден Виртемберг и Бранденбург. За тоа да биде можно и на сојузните избори би требало да се направи промена на Уставот. Но, на овој план сепак нешто се случува: Германија, заедно со Белгија, Австрија, Грција и Малта, е една од петте европски земји кои им даваат право на глас на европските избори на младите од 16 и 17 години.
„Истражувањата на младите и психологијата велат дека на возраст од 12 до 14 години, младите луѓе доживуваат скок во интелектуалниот развој. Потоа, како и возрасните, тие можат да размислуваат во голема мера апстрактно, хипотетички и логично, исто така можат да се стават во кожата на другите луѓе и да ги земат предвид интересите на другите луѓе, интелектуално да сфаќаат и разбираат комплекни врски“.
Гласање од 16 години можеби само меѓучекор?
Противниците на реформата се уверени дека младите сè уште немаат зрелост и способност за политичко расудување. Ова води до нерамнотежа во Германија, па на последните сојузни избори 39 отсто од сите граѓани со право на глас биле на возраст над 60 години, додека лицата на возраст од 18 до 30 години сочинувале само 14 отсто од гласачите. Хојснер тоа го нарекува демократски проблем, влошен со демографски проблем. Експертот затоа оди уште подалеку и веќе се бори за избирачко право од 14 години.
„Ова може да биде само почеток. Треба да се тестира како е на 14-годишна возраст. Значи општините, ако сакаат, да можат да се обидат и да тестираат избори со гласачи на возраст над 14 години. Ова треба да биде научно проследено и анализирано и ако се покаже како успешно, во што јас всушност верувам, тогаш насекаде може да се воведе долна граница за гласање од 14 години.“