Надеж и страв: Поглед на младите кон 2023
7 јануари 2023„Во личниот живот сè може да остане како што е, моите желби се остварија оваа година. Сега треба да се подобри уште само светот. Значи, короната мора да помине и војната во Украина мора да престане“.
Џордан Ратке, 27, Франкфурт
„Посакувам моето семејство да остане здраво. И да добивам подобри оценки на училиште. Може да се посака и да нема повеќе војни или слично. Но, тоа е многу нереално“.
Дениз, 18, Келн
„Се надевам дека ќе можам да студирам медицина. И генерално се надевам дека ќе го преживееме капитализмот. Затоа што тој со себе носи проблеми како климатската катастрофа и психолошки оптоварува многу луѓе. Мислам дека луѓето се малку свесни за тоа.“
Миа Босат, 20, Франкфурт
„Се надевам дека многу работи ќе се релаксираат следната година, и лично и во светот. Лично, поминувам низ многу пресврти поради преселбата, а и цените пораснаа. На пазарот на станови е многу напрегнато. Исто така, се надевам дека инфлацијата нема уште да се зголемува. Генерално, јас сум навистина оптимист дека работите ќе се подобрат. Но, ќе треба да видиме како ќе се развива ситуацијата во Украина“.
Грегор Тејлер, 28, Кил
„Да го најдам вистинскиот пат по завршената обука. И инфлацијата да не се влошува. Сè е веќе сега прескапо“.
Сонита, 24, Келн
„Посакувам покрај сиот технолошки бум и сè друго што се случува во светот, да одвоиме повеќе време за културата. За човекот, за заедницата - накратко: за областите што го збогатуваат нашиот живот. Уметностите и културата да не бидат оставени на цедило, особено откако во пандемијата видовме колку се ранливи овие области.
А мојата желба за 2023 година е во сето лудило што се случува во светот, да си дозволиме да се смириме и да создадеме позитивни работи во сопственото опкружување. Да не дозволуваме да нѐ урнисаат ситуации кои не завистан од нас, туку да ја вложиме нашата енергија во она што можеме да го земеме во свои раце - во нашата средина, нашата заедница, нашите сопствени принципи и желби“.
Валери Шване Торес, 22, Берлин
„Посакувам сигурна иднина во која ќе можам да учам и да работам без егзистенцијални стравови. Се плашам дека ќе морам да работам нешто што не ме прави среќна.“
Рејчел, 17, Келн
„Се надевам дека моите студии ќе продолжат како досега. И дека ќе запознам многу повеќе луѓе и ќе можам многу да патувам следната година.“
Џонатан, 24, Франкфурт
„Загрижен сум за германското земјоделство. Бизнисот на фармерите станува сè понесигурен како резултат на еколошките стандарди кои се бараат, минималните плати и штедливоста поврзана со инфлацијата. Во овој дел би сакал да видам пресврт, како во делот на однесувањето на потрошувачите, така и во политика."
Матео Џентиле, 26, Билефелд
„Кон 2023 година гледам со неизвесност околу тоа што сè уште може да нѐ чека. Тековната глобална ситуација ме загрижува. Насекаде има само кризи- климатски промени, војна во Украина, ирански протести, енергетска криза, глад, природни катастрофи и уште многу други работи. Се надевам дека ние како луѓе ќе ги надминеме овие предизвици заедно со политичарите и конечно ќе почнеме да се обединуваме за решавање на проблемите. Посакувам мир и правда. Особено посакувам унапредување на правата на жените, онаму каде што тие сè уште не се нешто што се подразбира, тоа ми е важно. Лично, со нетрпение ги очекувам планираните одмори и концерти со моите најблиски во 2023 година“.
Амели, 20, Кил
„Посакувам да бидеме поопуштени како општество, а не секогаш да претеруваме. Малку повеќе опуштеност и помалку брзање. Се плашам дека работите ќе продолжат како досега или ќе станат уште полоши.“
Даниел, 30, Келн
„Се надевам дека културата на дебата и полемизирање ќе се обликува со поголем взаемен интерес и разбирање. Премногу често, контроверзните прашања доведуваат до таква поларизација што тешко може да се замисли дебата ориентирана кон содржина и резултати. Поделба на мали ехо-комори, во кои е застапено само едно мислење, не може да има решение. Разликите треба да се издржат“.
Кјара, 26, Билефелд
„На луѓето им посакувам да се сакаат себеси повеќе за да можат да живеат посреќен живот. И се надевам на поголема стабилност и мир меѓу земјите во светот.“
Алвин Гарсија, 30, Франкфурт
„Се надевам дека конфликтите можат да се решат по дипломатски пат и дека домувањето за студентите ќе биде по достапни цени. Се плашам од тоа дека воените зони ќе се прошират.“
Симон, 22, Келн