Напади со дронови врз Москва: „Ова е само вовед“
29 август 2023Првиот напад со дрон врз Москва беше спектакуларен погодок: едно по друго, две мали летала непречено долетаа до Кремљ и ја погодија тамошната купола на палата на Сенатот. Тоа беше пред сѐ само симболичен убод со нож во срцето на руската престолнина, кој ноќта на 3 мај најверојатно го изврши Украина.
Оттогаш нападите врз Москва се сѐ почести: беспилотни летала веќе четири пати погодија деловен центар на Москва со облакодери, каде се наоѓаат и руските министерства. Последната неделаукраински дронови речиси секојдневно ја гаѓаат Москва, на 28 август бил соборен беспилотен објект кој се приближувал од исток, соопшти во понеделникот (28.08) Министерството за одбрана на Русија.
„Сигнален ефект“
Украина со своите напади со дронови остварува низа цели, оценуваат експертите. Една од нив е „испраќање медиумски силни пораки – како до светот, така и до сопствените граѓани, дека Украина не е пасивна, туку одговара на руската агресија“, вели за Дојче веле израелскиот воен експерт Сергеј Мигдал.
Улрике Франке, експертка од Европскиот совет за надворешна политика (ЕЦФР) во Париз, за ДВ истакнува уште една работа: со тоа се испраќасигнал дека војната не е далеку и би можела да дојде и во Русија.
Мигдал додава декасо нападите се врши притисок на руското раководство од фронтот да повлече што повеќе противвоздушни системи кон Москва. Една од целите е и предизвикување непромислени, насилни реакции, на пример „потопување на турски товарен брод од фрустрација, што на Русија би ѝ создало големи проблеми со Ердоган, а што Москва всушност сака да го избегне“.
Парализирање на воздушниот сообраќај на Москва - дали тоа функционира?
Нападите со дроновисѐ почесто ги принудуваат московските власти на затворање на воздушниот простор над регионот. И во понеделникот привремено беше запрен воздушниот сообраќај на аеродромите во руската престолнина.
„Нападите врз Москва немаат за цел да убијат милиони луѓе. Тоа не е ни неопходно, ниту е разумно. Целта е блокирање на воздушниот простор и логистичките рути, парализирање на аеродромите и транспортот. Дали тоа функционира? Нема сомнение“, вели израелскиот воен експерт Игал Левин. „Туркменистан ерлајнс“ е прва авиокомпанија која засега ги прекина летовите кон Москва.
Наспроти тоа, Улрике Франке вели дека штетата во Русија не може да се процени, зашто поради забележани дронови во меѓувреме привремено мораат да прекинат со работа аеродроми ширум светот. Но, би можело да стане критично ако дрон нападне патнички аеродром во Москва и оштети писта, терминал, па дури и цивилни авиони.
А Сергел Мидал вели: „Предвидувам дека до крајот на војната ќе дојде до тоа сите странски авиокомпании да ја избегнуваат Москва. Некои веќе почнуваат да го прават тоа.“
„Дупки“ во противвоздушната одбрана на Москва
Со оглед дека нема доволно податоци, стручњаците не се согласуваат околу прашањето за успешноста на украинските напади со дронови и колку добро функционира противвоздушната одбрана околу Москва.
„Не знаеме колку дронови се навистина пресретнати“, вели Улрике Франке. Секако би било погрешно да се претстави ситуацијата како „овие напади не се ништо'“, смета експертката. Таа верува дека е тоа „игра на мачка и глушец“ во која двете страни постојано се прилагодуваат на можностите на другата страна.
Меѓутоа, самиот факт дека дроновите стигнуваат до Москва претставува проблем за Русија, вели за Дојче веле израелскиот воен експерт Давид Шарп. „Во идеален случај, такви напади и натаму би биле сузбивани на границата со Украина или на отворен терен, а не дури во градот“, објаснува Шарп.
Украинскиот воен експерт Михаил Самус од Прага вели дека во противвоздушната одбрана на Москва постојат „дупки“, иако главниот град уште во време на Советскиот Сојуз требаше да биде најдобро обезбеден регион во Русија. Руската ПВО е насочена на „традиционални цели“, како балистички ракети, а помалку на летечки објекти како украински дронови УЈ-22 и Бобер („Дабар“).
„Вакви мали објекти главно не се направени од метал, туку од композитни материјали. Тие летаат по сложени патеки и затоа генерално се предизвик за секој систем за ПВО“, објаснува украинскиот стручњак.
Експерти велат дека постојат „дупки“ во пртиввоздушната одбрана и во поширокото подрачје околу руската престолнина. „За да соборите цел, прво морате да ја идентификувате. Детектираат радарски станици, во идеален случај обединети во заедничко радарско поле. Но, можеме да претпоставиме дека Русија нема такво поле. Системите за ПВО откриваат поединечни објекти, но не ја покриваат и целата област“, вели Самус за ДВ.
Поради тоа, украинската страна прво лансира беспилотно летало за откривање одделни радарски станици, а потоа, пронаоѓајќи ги празнините, испраќа беспилотни летала „длабоко во руска територија, каде заситеноста на системите за ПВО е пониска отколку во пограничните области“, објаснува Самус.
Ако дронот веќе стигнал до Москва, на располагање се само уште „системите на последна шанса“, како рускиот противвоздушен ракетен систем со краток дострел „Панцир“, вели Сергеј Мигдал. Меѓутоа, противвоздушната одбрана има само 15 до 30 секунди да го елиминира дронот пред тој да стигне до целта, укажува експертот.
Што ако долетаат 300 борбени дронови?
На Украина очигледно ѝ недостигаат ракети со долг дострел, како руските наведувани ракети од типот „Калибар“ или дури хиперсоничните ракети „Кинжал“. Затоа нападите со дрон се само „тактика на послабата страна“, вели Израелецот Сергеј Мигдал, кој живее во Лондон. На крајот, најголем дел од дроновите носат само неколку килограми експлозив.
„Во таа смисла, значењето на овие напади е релативно мало – тие нема да ги елиминираат руските аеродроми, ниту руското воздухопловство. Во практична смисла, дроновите повеќе се исплаќаат на фронтот.“
Без оглед на малото влијание, експертите очекуваат засилување на нападите со дронови врз руската престолнина.
„Ова е само вовед. Првиот чин беше напад со 25 дронови истовремено“, вели Давид Шарп.
Сергеј Мигдал оди и понатаму: „Што ако од сите страни стигнат не три, туку 33 или 300 борбени дронови?“
Украина би можела да искористи такви напади со роеви дронови за, на пример, трајно да ги затвори московските аеродроми. Тоа би била голема победа на Киев, а пораз на Русија, вели Мигдал.
Таква ситуација би го натерала Кремљ да размисли во кој правец сака Русија да оди – „кон компромис и преговори или безобѕирно и со сета сила кон ненадејна, несоодветна реакција“, заклучува израелскиот воен експерт Сергеј Мигдал.